1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сина карта за Европа

Анке Хагедорн26 септември 2008

Квалификуваната работна сила од целиот свет, ЕУ ќе ја привлекува со т.н „Сина карта“. На средбата на министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ, некои поединости околу Сината карта останаа спорни.

https://p.dw.com/p/FPJE
Во ЕвропаФотографија: chromorange

Сината карта произлегува од една иницијатива на Европската комисија од 2007-ма година. Таа се потпира на искуството на американската Зелена карта и треба да ја зголеми атрактивноста на Европа за квалификувана работна сила од Азија, Африка и Јужна Америка, зашто досега кон Европа тргнуваат главно необразувани доселеници. Тоа треба да се промени со Сината карта.

Заработувачката - спорна точка

Квалификувани странски работници според тоа најнапред треба да поднесат барање за две годишен престој во ЕУ. Предуслов, тие да имаат договор за работа и да заработуваат најмалку за половина поголема плата од просечната во земјата од која доаѓаат. За Германија тоа би биле 42 илјади евра годишно.

Токму оваа точка како и претходно, предизвика големи дискусии. Германската влада сака овој праг значително да се зголеми. Според една одлука на Бундестагот, за висококвалификуван работник се смета оној кој заработува најмалку 63.500 евра годишно.

Министерот за внатрешни работи Волфганг Шојбле објаснува: „Зашто ние сме единствени во рамките на сојузната влада, дека поради недостатокот на школувана работна сила на крајот нема да попуштиме пред желбата, да добиеме евтина работна сила во Германија, туку таму каде што имаме недостаток од стручна работна сила. Тоа е нешто, за што сме во целост единствени.“

Отварање на пазарот на трудот - жешка тема

Другите земји од ЕУ на тоа гледаат поинаку. Така Чешка и Унгарија критикуваат, дека прагот поставен од Европската Комисија сеуште е премногу голем, за да привлече на пример лекари од странство.

Во Германија меѓутоа дискусијата за отворање на пазарот на труд е многу жешка тема, со оглед дека земјата и натаму има преку три милиони невработени лица. Затоа според министерот Шојбле е важно и исправно, Сината карта да не биде бланко чек, туку дозвола за работа, која како и досега ќе остане предмет на национална одлука: „Луѓето, кои како висококвалификувани работници од трети земји ќе добијат работна дозвола во ЕУ, смеат во времето во кое ја поседуваат оваа дозвола, да патуваат слободно во Европа. Тие не смеат да работат насекаде во Европа, тоа останува да биде одлука на секоја земја-членка посебно“ -вели Шојбле.

Инаку оној што ќе добие Сина карта, може неговата дозвола за престој по две години да ја продолжи по соодветна проверка од страна на властите. Оној кој вкупно пет години останал во една или неколку земји од ЕУ врз основа на една таква дозвола за престој, може конечно да добие и долгорочна дозвола за престој во ЕУ.