1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синти- меѓу традицијата и предрасудите

Александра Хартман/Зоран Јордановски3 ноември 2012

Германските Синти се малцинство кое се доселило во Германија пред 600 години. Низ целата земја, бројот на Синти и Роми е околу 70 илјади. Јанко Лауенбергер е еден од нив

https://p.dw.com/p/16Zue
Фотографија: picture-alliance/dpa

Јанко Лауенбергер е гитарист. Најрадо свири џез и свинг. Роден е во Германија како припадник на едно малцинство. Тој и неговото семејство се Синти, етничка група која пред околу 600 години дојде наваму од Индија. Со генерации наназад Берлин е дом за семејството Лауенбергер.

На Јанко, се разбира, му е познато клишето за Синтите како наводно весели музиканти. За него музиката е страст и семејно наследство.

„Во осумдесеттите години, кога моето семејство го формира бендот ’Синти-свинг‘, во чиј состав беа татко ми и браќата на мајка ми, јас секогаш бев на пробите. Пробите, настапите, сето возбудување помеѓу - така стануваш музичар, практично те заразува“, вели Јанко Лаунебергер.

Навреди уште во детството

Јанко е израснат во некогашната Источна Германија, во поделениот Берлин. Рано научи што значат предрасуди; нив ги имаше на Исток, како и на Запад, во обата дела на поделената Германија.

Nationalsozialismus Polizei gestellte Razzia bei Sinti und Roma
Рација на нацистите во камп на Синти во 1937-38 годинаФотографија: picture-alliance/akg-images

„Бев навредуван од учениците, оти бев единствениот во училиштето со потемна кожа. Наставниците се обидуваа да го спречат тоа, но при 800 ученици... .“

Тој си измисли нов идентитет - вели дека потекнува од земја, која им е омилена на Германците.

„Зошто имаш црна коса, зошто ти е кожата кафена? Хм, јас сум Италијанец! И, тогаш е добро, тогаш е о-кеј! Вие сте Италијанец?  Да речеме, циган - ха,ха,ха“.

„Цигани“ - долго време Синтите и Ромите беа така нарекувани не само во Германија, туку и во цела Европа.

„Со време зборот Циган стана валкан, фактички звучи како навреда“, вели Јанко.

Такви навреди во времето на нацистите подготвуваат терен за расизам, кој заврши со убивање на Синти и Роми во концентрационите логори.

На тоа мрачно време во Берлин потсетува името на една улица.

Еде и Унку се херои од еден роман за млади. Тие се реални ликови. Унку потекнува од семејството на Јанко. Таа беше убиена во Аушвиц, како и многубројни нејзини роднини.

Споменикот не е доволен

Тие настани оставија силен белег врз Јанко и неговото семејство:

„Дедо ми ме предупредуваше да не играм со германски деца, да не одам со нив дома, во станот на нивните родители. Тој вистински се плашеше дека веќе нема да излезам жив оттаму“.

Германија долго време имаше проблем со обработката на таа мрачна глава од историјата. Денес изложби и споменици потсетуваат на убиените Синти и Роми. Јанко не очекува премногу од новиот, централен споменик:

Sinti und Roma Gedenken Nationalsozialismus
Споменикот на убиените Синти и РомиФотографија: dapd

„Не може овде да се потпише и да се каже - еј, ви направивме споменик, и втората страница што е потпишана, да биде протерување на илјадници Роми“.

Јанко не мора да се плаши од протерување од Германија. Тој има германски пасош и се чувствува како Германец, и тоа како еден со уште малку побогато културно потекло.

Синти или Германец - тоа никогаш не била тема за него и неговиот пријател Фабијан. Едноставно во другиот да гледаш само човек - за нив тоа е патот за надминување на предрасудите.