1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СИПРИ: Германија го удвои извозот на оружје

15 март 2010

Меѓународниот институт за мир во Стокхолм соопшти дека Германија во изминативе пет години двојно го зголемила извозот на оружје. Извозот на оружје во меѓународни рамки во истиот период се зголемил за 22 насто.

https://p.dw.com/p/MT3a
Меѓународниот институт за мир - СИПРИ

Според сознанијата на Меѓународниот институт за мир во Стокхолм, Германија во изминативе пет години го зголемила својот удел на пазарот за оружје на 11 проценти, што е двојно повеќе во споредба со периодот од 2000 до 2004 година. Повеќе оружје од Германија продале само уште САД, со учество од 30 проценти на пазарот, и Русија со 23 проценти.

Како што соопштува институтот СИПРИ, порастот на извозот на германското оружје се должи, пред се`, на големата побарувачка за германските воени подморници, кои сочинуваат 44 проценти од продажбата, и тенкови, кои учествуваат со 27 проценти во извозот на германското оружје.

Најголем муштерија на германската индустрија за оружје била Турција, каде отишле 14 проценти од вкупната продажба. Следуваат Грција со 13 и Јужноафриканската република, каде биле извезени 12 проценти од германското оружје.

Реакции на извештајот на СИПРИ

Claudia Roth Bundesvorsitzende Neujahrsklausur
Клаудија РотФотографија: AP

Најновиот извештај на СИПРИ за зголемувањето на извозот на оружје ги вознемири Зелените во Германија. Нивната претседателка, Клаудија Рот, истакна дека извештајот покажува дека е крајно време германскиот Бундестаг да добие право на вето врз зделките со оружје, како и поголема контрола на извозот. „Бундестагот мора конечно да го добие правото, што во други земји веќе е стандард, да ги контролира договорите за извоз на оружје склучени од владата“, потенцира Рот за денешното издание на весникот „Келнер штат анцајгер“.

За разлика од неа, Рајнер Арнолд, портпарол на пратеничката група на социјалдемократите, искажува поопуштен став. Според Арнолд, извештајот на Меѓународниот институт за мир во Стокхолм на прв поглед можеби звучи застрашувачки, но вреди да се разгледа уште еднаш. „Не гледам ништо лошо во тоа што германски фирми најголемиот дел од оружјето го извезуваат на земји-членки на НАТО. Сепак, кога е извозот на оружје во други земји во прашање, тоа заслужува остри критики“, истакна Арнолд за „Франкфуртер рундшау“.

Извозот на оружје расте во маѓународни рамки

Zunahme der Rüstungsexporte März 2010
Зголемување на извозот на оружјеФотографија: picture alliance / dpa

Меѓународниот институт за мир во Стокхолм заклучува дека во изминативе пет години на меѓународно ниво, извозот на оружје се зголемил за 22 проценти, а најбарани на пазарот биле скапите борбени авиони. СИПРИ истовремено предупредува дека можно е да дојде до нов натпревар во вооружување во тензичните региони, како на пример Блискиот Исток, Северна Африка, Јужна Америка, како и Јужна и Југоисточна Азија. Според СИПРИ, трговијата со оружје во Јужна Америка во последниве пет години се зголемил за 150 проценти. Грција, на која и` се заканува државен банкрот, во изминативе пет години била еден од петте најголеми купувачи на оружје во светот.

Автор: ТТ/БГ/ дпа/ард

Редактор: Александра Трајковска