1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Сириската влада сепак ќе учествува на мировните преговори

ЖА / агенции
28 ноември 2017

Уште пред да започне, на осмата рунда мировни преговори за Сирија во Женева ѝ се закануваше неуспех. Но, претставниците на властодржецот Асад решија сепак да допатуваат иако претходно не се согласуваа со дневниот ред.

https://p.dw.com/p/2oMxq
Schweiz Syrien-Friedengsgespräche in Genf
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Coffrini

Во Женева за денеска, под покровителство на ОН, е закажано осмото продолжение на преговорите чија цел е наоѓање дипломатско решение за граѓанската војна во Сирија. Првично беше нејасно дали ќе присуствуваат сите. 

Сириската владина делегација уште не беше тргната на пат, а не се знаеше ни дали воопшто ќе стигне во Женева. Но во меѓувреме делегацијата го потврдила своето доаѓање. Претставниците на владата на Башар ал-Асад своето учество на конференцијата на ОН го условуваа со промени во дневниот ред. Имено, тие имаа забелешки на темата на која сака да преговара опозицијата - донесување нов устав и избори во земјата, што би значеле политички крај на Асад. И резолуцијата 2254 на ОН предвидува разговори на тема нови избори и нов устав во Сирија. Сириската владина делегација инсистира во фокусот на разговорите да биде сузбивањето на теророт, како што се дознава од Дамаск. 

Опозицијата останува на своето: при пристигнувањето во Женева утрово, нејзини претставници истакнаа дека нивна главна цел е отстранување на Асад од функцијата.

„Под претпоставка во Женева да се присутни двете страни, сакаме да ги наведеме да водат сериозни дискусии, а се надеваме и преговори. Да бидам јасен, нема да прифатиме никакви предуслови“, изјави специјалниот претставник на ОН за Сирија, Штафан де Масура.

Новата рунда разговори е осма од почетокот на граѓанската војна во Сирија пред речиси седум години. Седумте претходни завршија без резултат. Опозицијата овојпат првпат настапува како заедничка делегација, претходно во Женева ја застапуваа различни ривализирачки групи. Досега воопшто не се водени директни разговори меѓу владата и опозицијата, двете страни разговараат одделно со Мистура.

Во меѓувреме во Сирија во напад на владините трупи од копно и од воздух врз регионот Источна Гута, контролиран од бунтовниците, според тврдења на активисти, загинале 18 цивили, а најмалку 45 биле ранети.

ОН неодамна укажаа на драматичната хуманитарна ситуација токму во овој регион, еден соработник го нарече „епицентар на страдањата“ во Сирија. Источна Гута, близу Дамаск, е едно од последните упоришта на бунтовниците и всушност дел од т.н. зони на деескалација, на кои страните во конфликтот се договорија на мировниот самит во Астана. Во Сирија од март 2011. година беснее војна меѓу приврзениците и противниците на владата, во која се убиени преку 340.000 луѓе, а милиони побараа спас од насилството во бегство.