1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирискиот конфликт предизвикува расцеп на Арапскиот самит

ЖА/дв/дпа/ртре26 март 2013

Сириската опозиција бара да биде „засолнета“ под заштитниот противракетен одбранбен чадор на НАТО - „Патриот“ во Турција. Сириската граѓанска војна како тема доминира на самитот на Арапската лига во Катар.

https://p.dw.com/p/184Rq
Фотографија: Reuters

Лидерот на сириската опозиција Ахмед Муаз ал-Хатиб на самитот на Арапската лига во катарскиот главен град Доха изјави дека САД треба да ги употребат ракетите „Патриот“ за да ги заштитат од силите на режимот на претседателот Башар ал-Асад во областите, кои се под контрола на бунтовниците.

Според Ал Хатиб, САД треба да играат поголема улога во поддржувањето на сириската опозиција. Тој упати критика до сирискиот претседател поради одбивањето да учествува во решавањето на кризата во Сирија.

„Побарав од Џон Кери, американскиот државен секретар, да го прошири ракетниот одбранбен чадор ’Патриот’, за да ја опфати и северна Сирија и тој вети дека ќе го разгледа тоа прашање“, рече Ал Хатиб. Тој го искористи самитот на Арапската лига за да побара место за Сирија во Обединетите нации. Сириската опозиција веќе го доби местото на досегашниот режим во Арапската лига. Членството на Дамаск во Арапската лига беше суспендирано во 2011 година, како одговор на репресиите на режимот против опозицијата.

На самитот на Арапската лига не се сите учесници согласни за поенергичен ангажман во сирискиот конфликт. Посебно Ирак одбива секакво „вмешување“. Претседателот Џалал Талабани ја потенцираше својата позиција во говорот на отворањето на средбата, кој во негово име го прочита еден негов специјален пратеник, поради болест на претседателот.

Јорданскиот крал Абдула и домаќинот Катар имаат поинакво мислење. Заливскиот емират лиферува оружје на бунтовниците во Сирија. Се очекува на самитот во Доха да биде договорена натамошна помош за сириските бегалци и внатрешно раселени лица. Нивниот број во меѓувреме се зголеми на 3,5 милиони луѓе.

НАТО пак, денеска соопшти дека нема намера да се вмеша воено во Сирија откако сирискиот опозициски лидер побара САД да употребат проектили „Патриот“ за заштита на реоните под контрола на бунтовниците.