1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириски гости во Турција со надеж во куферите

Сеад Хусиќ / Александар Методијев11 февруари 2014

Во хотелот Алис, во турскиот пограничен град Рејханли, се среќаваат многу судбини на хуманитарци, бегалци и исламски фанатици. Сите нив ги поврзува воениот конфликт во Сирија, оддалечен неколку километри.

https://p.dw.com/p/1AzNG
Фотографија: DW/S. Husic

Надежта е нешто што во хотелот Алис, на работ на турскиот пограничен град Рејханли, не може да се плати со пари. Тој е оддалечен само пет километри воздушна линија од турско-сириската граница и од тамошните судири. Во лобито на хотелот се собираат различни судбини – сите на некој начин се поврзани со војната во блиското соседство. На телевизорот поставен на ѕидот во хотелот деноноќно се менуваат сликите од воените ужаси во Сирија – загинати деца, осакатени цивили, разрушени градови. Некогаш се чувствуваат и детонациите од другата страна на границата.

Хотелот втор дом

Вестите внимателно ги следат младите сместени на каучот во холот. И тие се бегалци од Сирија, па хотелот Алис им стана втор дом. Сметките ги плаќаат роднините од странство и тие дури можат да се сметаат за среќлии.

Во холот е и Марван Коури, кој е доктор и има своја приватна амбуланта во баварскиот град Хоф. Родениот Сириец имигрирал во Германија пред неколку децении. Сегашните случувања го враќаат 56-годишниот лекар назад. Коури во минатите недели собираше помош во Германија – млеко во прав, ориз, брашно, зимски обувки, медицински материјал, односно сето она што му е потребно на населението во воено погодената Сирија.

Syrische Flüchtlinge in der Türkei Marwan Khoury
Марван Коури ја помага сириската опозицијаФотографија: DW/S. Husic

Поделена земја поделени семејства

Но, камионите со помош веќе неколку дена се блокирани на граничниот премин Џилвеѓозу. Неколку сириски места долж границата веќе некое време се наоѓаат во раце на исламистите. Турските власти стравуваат дека стоката која чека на границата би можела да падне во нивни раце, па затоа ја затворија границата. Колоната во три реда е долга неколку километри.

Ситуацијата го лути Коури. Тој од самиот почеток на војната ја поддржува умерената опозиција „Сириска коалиција“. Но, земјата е поделена, а тоа најдобро го покажува примерот од неговото семејство. Сестра му живее во Дамаск и го поддржува режимот на Башар ал-Асад. И покрај тоа, Марван Коури сака да го обнови контактот со сестрата „од онаа страна на фронтот“.

Syrische Flüchtlinge in der Türkei Grenzübergang Bab al-Hawa
Помошта за Сирија повеќе дена беше блокирана на турската границаФотографија: DW/S. Husic

Во меѓувреме преку жичаната ограда на границата доаѓаат нови бегалци, а полицијата не реагира. Коури добива СМС порака во која опозиционерите го прашуваат дали би можел да им испрати дополнителен прибор за шиење рани. Приборот е тука, но чека во камион.

Лебдат бомби

Истата вечер Коури во хотелот Алис се среќава со Ранија Кисар, членка на „Револуционерниот комитет на жени“, која пред неколку дена пристигнала од Сирија. Таа сведочи дека жените како неа им се трн во око на исламистите. Поради критиките кон режимот на Асад, таа иако била бремена минала некое време во затвор. Сопругот, пак, ја поддржува власта во Дамаск и и’ ги земал децата. Таа пред насобраните во хотелот сведочи за психолошките методи кои ги користи Асад.

„Бомбите ги фрлаат прицврстени на падобран и така паѓаат полека, па никогаш не се знае во кој правец ветерот ќе ги однесе“, објаснува Ранија Кисар.

Следниот ден во хотелот пристигна поинаква вест – границата е отворена. Марван Коури веднаш возбудено го листа својот нотес и од лицето му се чита надеж – надеж дека иднината сепак ќе биде подобра.