1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириски шпиони уапсени во Германија

8 февруари 2012

Две лица со арапско потекло со години шпионирале противници на сирискиот режим во Германија. Мрежата, најверојатно е далеку поголема

https://p.dw.com/p/13z2K
Сириската амбасада во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa

Сирискиот режим продолжува со нападите врз опозицијата. Во денешниот (08.02.) напад се убиени најмалку 47 опозициски активисти, а владините сили уапсија во болница и неколку повредени опозиционери. Но, освен во земјата, сириските власти се обидуваат на направат притисок врз опозиционерите и во странство. Така, вчера во Германија беа уапсени две сомнителни лица, кои ги следеле сириските опозиционери со години.

Двајцата мажи, уапсени во Берлин, се осомничени дека ги шпионирале активностите на сириската опозиција во Германија кај разузнавачките служби на претседателот Башар ал-Асад. 47 годишниот Махмуд Ел А., кој има германско и либиско државјанство, и 34 годишниот Сириец Акрам О. Биле следени подолго време од Федералната канцеларија за заштита на Уставот. Германските власти преку министерот Гидо Вестервеле упатија порака до сирискиот режим дека за нив не се прифатливи можни акции против сириските опозиционери во Германија.

„Како и да е, ние уште еднаш недвосмислено ќе им истакнеме на сириските власти, дека евентуална акција против сириските опозиционери во Германија за нас на ниту еден начин нема да биде прифатена и ќе биде противзаконита“, рече Вестервеле.

EU Außenminister Treffen in Brüssel Deutschland Guido Westerwelle
Гидо ВестервелеФотографија: picture-alliance/dpa

Тој соопшти дека Германија во моментов не планира да испрати нов амбасадор во Сирија, откако претходниот, Андреас Рајнике, стана посредник на ЕУ во блиско-источниот мировен процес. Вестервеле потсети дека Германија е на страната на оние што му се противат на режимот на Асад и оцени дека „тој нема иднина во неговата земја“.

И други сомнителни за шпионажа

Акцијата за откривање и следење на осомничените за шпионажа е резултат на опсежна акција на германската разузнавачка служба, информираше канцеларијата на сојузниот обвинител. Во акцијата за откривање на двајцата осомничени за шпионажа во корист на Асад учествувале 70 полициски офицери, кои пребарувале апартмани и на други шест сомнителни лица.

„Се верува дека и другите сомнителни исто така биле инволвирани во шпионирањето. За обвинетите постојат цврсти сомнежи дека следеле членови на сириската опозиција во германија со години“, рече сојузниот обвинител од Карлсруе. Двајцата осомничени треба денеска (08.02.) да се појават пред судот во Берлин.

Во декември политичарот од Зелените Ферхад Ахма, кој има сириско потекло и е опонент на политиката на официјален Дамаск, беше нападнат во својот апартман во центарот на Берлин. Тој оцени дека нападот е обид на сирискиот режим да го заплаши. Нејасно е дали приведените лица се поврзани и со нападот на Ахма.

Ferhad Ahma
Ферхад АхмаФотографија: Reuters

САД е против вооружување на опозицијата

Во меѓувреме, Германија најави нови санкции и зголемен притисок за сириските власти од повеќе страни. САД, пак, го одбија барањето за вооружување на сириската опозиција, што е предлог на американскиот сенатор Џон МекКејн. Наместо тоа се разгледува можноста за хуманитарна поддршка на луѓето во Сирија. Американското министерство за надворешни работи смета дека повеќе оружје во моментов не е одговор на сегашната криза во Сирија.

По вчерашниот разговор со сирискиот претседател во Дамаск, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Башар ал Асад е подготвен на уставни промени, но не дал конкретни ветувања.

Автор: Александар Методијев /дпа/ап/афп/дв

Редактор: Борис Георгиевски