1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија веќе го прифатила рускиот предлог за хемиското оружје

СН/АМ/ртр/дпа/афп/интерфакс10 септември 2013

Сириската влада го прифатила предлогот на Русија да го стави нејзиното хемиско оружје под меѓународна контрола за да избегне можни американски воени напади, изјави сирискиот министер за надворешни работи Валид ел Муалем.

https://p.dw.com/p/19fS2
Фотографија: Reuters

Сирија дала зелено светло за рускиот предлог за ставење под меѓународна контрола на нејзиното хемиско оружје. Руската новинска агенција Интерфакс ги цитираше наводите на сирискиот министер за надворешни работи Валид ел Муалем (насловна фотографија) кој истакнал:

„Вчера имавме многу плоден круг разговори со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и тој предложи иницијатива во врска со хемиското оружје. Вечерта се согласивме со руската иницијатива“, го цитираше Интерфакс Муалем.
Тој изјави дека Сирија се согласила, бидејќи тоа е единствен начин да се „спречи можноста од американска агресија“.

Франција денеска ќе предложи резолуција во ОН

Францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус во меѓувреме најави дека веќе денеска ќе му предложи на Советот за безбедност на Обединетите нации резолуција за хемиското оружје во Сирија. Фабиус рече дека со предложената резолуција ќе се постават услови за ставање на хемиското оружје под меѓународна контрола, пренесува Ројтерс. Исто така тој нагласи оти Сирија ќе мора да прифати дека оружјето ќе биде уништено.

Lawrow und Moualem in Moskau 09.09.2013
Министрите за надворешни работи на Сирија и на Русија, Валид ел Муалем и Сергеј ЛавровФотографија: Reuters

Покрај тоа, со резолуцијата треба да биде осуден нападот со отровен гас на 21 август и да се побара кзнување на одговорните за него.

Фабиус на прес-конференцијата во Париз изјави дека резолуцијата, според Одредбата 7 од Повелбата на ОН, која одредува можни воени и политички акции за воспоставување мир, ќе предупреди на „многу сериозни“ последици за Дамаск ако се прекршат тие услови.

За да се избегне воена интервенција во Сирија, Русија вчера предложи хемиското оружје на Сирија да биде ставено под меѓународна контрола. Кина и Иран, кои исто како и Русија се блиски сојузници на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад го поздравија предлогот. Американскиот претседател Барак Обама, пак, порача дека доколку Асад го прифати предлогот, ќе ја замрзне одлуката за воен напад врз Сирија.