1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

040211 Filmstadt Berlin

15 февруари 2011

Ако го прашате берлинскиот градоначалник Клаус Воверајт како би го опишал германскиот главен град, тој ја дава кусата дефиниција - „Сиромашен, но секси!“. И има право! Филмскиот град Берлин има долгови, но и шарм.

https://p.dw.com/p/10CkZ
Фотографија: dapd

Планината долгови на Берлин е огромна, но градот е и секси, и во тоа градоначалникот Клаус Воверајт има право. Во превод - градот изобилува со толпа креативци кои му даваат дух, а меѓу нив се и претставниците на филмската индустрија, иако Берлин веќе не игра водечка улога во филмскиот свет, како во 20-тите години на минатиот век, кога предградието на Берлин - Бабелсберг немаше од што да се срами ако се споредеше со Холивуд. Берлин, особено по падот на Ѕидот, се разви во град во којшто се продуцираат филмови кои ја освојуваат не само Германија, туку понекогаш и светот.

Студиото Бабелсберг доживува полет

„Добредојдовте во Берлин. Можете ли да ми кажете на што се сеќавате? Бев во такси, имавме сообраќајна несреќа и се разбудив овде. Бевта во кома четири дена. Не најдовме ваши лични документи. Како се викате?“

Мартин Харис верува дека знае како се вика, но никој не го познава. „Непознат идентитет“ е насловот на филмот на шпанскиот режисер Жаума Колет-Сера, во кој игра Лиам Нисон. Дејството се одвива во Берлин, филмот е копродуциран од студиото Бабелсберг и на Берлиналето ја има својата премиера. Тоа за студиото пред портите на Берлин е уште една причина за славје. Студиото Бабелсберг во 90-тите години на минатиот век беше речиси мртво, но веќе извесно време доживува полет. Берлин е на цена и во меѓународни рамки. Филмовите како „Пијанист“ и „The Ghost Writer“ на Роман Полански се снимени во Бабелсберг, како и „Интернационал“ на Том Тиквер, „Читач“ на Стивен Долдри или „Неславни копилиња“ на Квентин Тарантино.

Deutschland Filmstudio Babelsberg bei Potsdam Gebäude Flash-Galerie
Студиото БабелсбергФотографија: picture alliance/dpa/dpaweb

Студиото Бабелсберг е на високо техничко ниво, а мотивите што ги нуди се речиси неисцрпни: покраината Бранденбург нуди убава природа, мали гратчиња и региони со јаглен кои бидат футуристички асоцијации. Берлин, пак, има висококатници и стари градби, дворови и мостови, експериментална архитектура и реки и езера. Туристичките агенции нудат тури кои водат до местата кадешто се снимени славните филмови, покажуваат каде Мет Дејмон скокнал од мост, каде Том Круз во улога на атентатор на Хитлер го планирал атентатот, или каде Том Тиквер како водечки филмаџија од Германија ја почнал кариерата - во најстарото кино Мувименто. Тиквер вели:

„Кога дојдов во Берлин, мојот животен план се градеше врз фактот дека Берлин беше кино-град и најмногу од се‘ сакав да дојдам и да учествувам во тој живот, на кој и да е начин.“

Филмхаус

Исто како Тиквер, многумина режисери, автори и актери доаѓаа во Берлин. Градот има околу 100 кина кои нудат се‘ што сака синеастичкото срце, а различни актерски школи нудат разновидна настава и обука. Во центарот на градот, на Потсдамер плац, се наоѓа Филмхаус. Во зградата на седум ката се собрани различни институции: „Музеј за филм и телевизија“, кој годишно има над 100.000 посетители, потоа „Германска Кинематека“, која се грижи за германското филмско наследство, а не треба да се заборават и легендарните Арсенал-кина и се разбира ДФФБ, Грманската филмска и телевизиска академија, на која се образуваат околу 250 студенти. Наспроти Филмхаус се наоѓа центарот на Берлиналето.

Trendreiseziel Berlin Flash-Galerie Potsdamer Platz
На Потсдамер плац, во центарот на Берлин се наоѓа ФилмхаусФотографија: Wikipedia

Берлиналето, заедно со Кан и Венеција, е еден од најзначајните филмски фестивали во светот. Но, во Берлин се одржуваат и околу 60 мали филмски фестивали, кои се посветени на азискиот, арапскиот или латиноамериканскиот филм, се одржуваат еколошки или фестивали на порно филмови. На Постдамер плац се наоѓа и Германската Филмска Академија, која ги доделува годишните филмски награди.

Извонреден почеток за еден филмаџија

Главниот град на Германија е веројатно и единствениот град во светот каде филмаџиите се собраа во група која дава стилски насоки. Под поимот „Берлинска школа“, во последните години се создадени филмови кои прикажуваат секојдневни приказни без херои и чие дејство често се одвива во милјето на долните општествени слоеви. Дел од „Берлинската школа“ е и режисерот Кристоф Хоххојслер.

„Сите дојдоа во Берлин, таква е историјата. Берлин е полн со нови берлинчани кои имаат малку околина и многу време. И Берлин е евтин, грд, недефиниран. Тоа е извонреден почеток за еден филмаџија.“

Автор: Бернд Собола / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска