1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сиромаштијата го стега обрачот во Португалија

Јохен Фагет/Симе Недевски26 март 2012

Долго време економијата во стариот португалски трговски град Порто цутеше. Во меѓувреме, стапката на невработеност расте и се’ повеќе луѓе се принудени да примаат помош.

https://p.dw.com/p/14SBN
Фотографија: DW/Faget

Кризата во градот Порто во Португалија се чувствува се’ посилно. Доброволци во населбата Кампања подготвуваат храна за четириесетина семејства кои поради кризата не можат да си обезбедат топол оброк.

„Денес готвиме супа од зеленчук - морков, кромид и компир, се’ зависи од тоа што имаме, праз исто така и секако, маслиново масло и друг зеленчук.“, вели Марио Кордозо, невработен готвач.

Од пред 26 години, кога Португалија влезе во ЕУ, во Порто, трговскиот град на северот, се живеело се’ подобро и подобро. Работата добро одела, повеќе се заработувало и стандардот бил на завидно ниво.

Wohltätigkeitskreuzzug Porto
Готвалот во народната кујна Марио Кордозо со неговата помошничкаФотографија: DW/Faget

Мачна атмосфера

Стариот град на реката Дуро со љубов е обновен и модернизиран. Со средства на ЕУ е изградена и нова трамвајска линија која оди до предградијата.

Производи за народната кујна секојдневно се набавуваат од пазар. Тоа се донации. Поради кризата e зголемен бројот на невработени, а намаленa e социјалната помош.

„Се’ повеќе луѓе доаѓаат и бараат помош. Доаѓаат и луѓе од средната класа кои одеднаш останале без работа. Гледаме дека им е непријатно што се нашле во таква ситуација. Се срамат“ , Антонио Кампос, раководител на христијанска хуманитарна организација која управува со народната кујна.

Wohltätigkeitskreuzzug Porto
Антонио Кампос, раководител на народната кујнаФотографија: DW/Faget

На многу места во градот фасадите се оронати. Се’ повеќе продавници се затвораат бидејќи нема купувачи. Атмосферата е мачна.

Наскоро уште поголема народна кујна

И доброволците во народната кујна се невработени, но наместо да очајуваат, работат нешто корисно и им помагаат на своите сострадалници. Готвачот Марио вели:
„Секако дека би сакал да работам за пари, во некој ресторан, но не можам да најдам ништо, па затоа овде помагам. Тоа ми годи.“

Додека така несебично работат, размислуваат и зборуваат за кризата. Антонио Кампос е пензиониран директор на банка.

Wohltätigkeitskreuzzug Porto
Доброволците во народната кујна во ПортоФотографија: DW/Faget

„На банките им беше најважно да заработат што можат повеќе. Сомнителните шпекулации им носеа огромен профит.“ вели Кампос.

Доброволците ја подготвија супата. Тоа е значајна помош за многу семејства. Како што се влошува состојбата, во текот на оваа година би требало да се отвори поголема народна кујна, бидејќи листата на чекање е се‘ подолга, а покрај тоа супите кои се подготвуваат се со одличен вкус...