1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите лица на македонскиот страв

3 септември 2018

Митологијата, која ја нудат ВМРО и нејзините поклоници, не е историја. Таа е само бегство во мртвото минато - пред стравот, навредата и немоќта во сегашноста.

https://p.dw.com/p/34CVN
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Акронимот ПЈРМ отсекогаш го чувствував како пораз на хуманистичкиот принцип на дваесеттиот век за слободата на самоопределување на секој народ. Израснав, учев и студирав во Македонија, во времето кога таа навистина беше тоа што  е регистрирано во ОН со акроминот -  југословенска република. Во една федерација која  тогаш навистина беше поранешна. Тоа беше непобитен факт. Секако, не само Македонија. Сите југословенски републики беа поранешни. Притоа, само за Македонија тој факт стана нејзиното привремено име. Само за Македонија тој факт – поранешна – остана историска стигма. Често се прашував што ме навредува толку во тоа ПЈРМ. Во еден миг сфатив. Сознанието дека тоа не е име. Тоа е ознака. Кратенка, типична за предмети. Тоа е опис на  состојба. Не на сегашна. На мината, на поранешна состојба. Која, сепак, ја одредува нејзината сегашност. И оттаму, таа сугерира страв и несигурност. Затоа што е кратенка за нерешени случаи. Ознака која значи привременост. Привременост на нешто што самото укажува на една историска катастрофа. Чие паметење е дел од македонскиот небаре исконски страв. Затоа што потсетува на пораз и загуба. А тоа се историските амблеми на македонското колективно паметење. ПЈРМ потсетува на држава која веќе не постои.  И од таа држава, како нејзин отсечок, како остаток од некогашната заедница, една малечка, кревка држава. Република Македонија. Со силен стремеж и увереност дека ги исполнува сите услови да биде признаена како суверена држава. Дури и надвор од закрилата на државната форма – Југославија.

Mazedonien Skopje Fahne
Фотографија: DW/F. Schmitz

Будење на историскиот страв

Болното, навредливото беше токму во тоа што акронимот јасно говори за незавршената историја на распадот на Југославија – кога се работи за Македонија. Од тој распад  се родија неколку самостојни држави. Некои порано, некои подоцна признаени од меѓународната заедница. Само кај Македонија времето како да застана во балканската историја. Не во актуелната, туку во изминатата. Тоа го разбуди македонскиот историски страв, оној, за кој пишуваа  писателите како Андреевски или Јаневски. Многу често ми се присторуваше во овие три децении дека тоа време остана да стои до ден-денес. Никој од Македонците не би можел сериозно да тврди дека нерешеноста на спорот за името не му создавала чувство на страв и немоќ. И јас го делев тоа чувство на немоќ. Него подоцна го преобразив во литерарна  алегорија и поетска слика. Од Македонија  во „Снегот во Казабланка“ направив  поетска слика за земјата која е пристаниште без море. Балканска Казабланка. Земјата, во која остануваат само бегалците од балканските војни. Земјата, низ која минуваат сите светски патишта. Секако, само уметноста помага од немоќта да се  направи сила. Притоа ми беше  јасно дека  со распаѓањето на Југославија небаре во Македонија  одеднаш  да се врати времето по Балканските војни. Се врати стравот и неизвесноста за иднината. Се врати и грдата слика за варварскиот Балкан. Тој неколку години, додека траеја постјугословенските војни, се закануваше да ја „балканизира“ сета Европа. Не беше лесно во мојот живот во Германија да ја прифатам  таа грда слика за Балканот, долго сочувана во европското паметње. А во моето југословенско паметење беше останало дека пораснав во најевропската социјалистичка земја. Од неа сега  веќе нема трага. Само трагите од војните денес сведочат за ужасот на нејзиното распаѓање. Речиси сите поранешни републики  патот на самостојноста ги водеше низ војни.

Само Македонија остана небаре недопрена  од војната и долго беше „оазата на мирот“. Но, колку и да сакаа македонските граѓани да веруваат дека за Македонија започна ново време, јасно им беше дека тоа време беше застанало во мигот на распадот на Југославија. Токму на тоа потсетува ПЈРМ. Таа секому му вели: ова е таа земја што остана неименувана откако се распадна Југославија. Таа е остаток од банкротот на државниот капитал на југословенската федерација. Судбината на остатоците е секогаш неизвесна. Така беше сиве овие три децении, во кои Македонија постојано стрепеше од војна или од етнички тензии.

Претходни колумни од авторката: 

Триесет години македонска самотија

„Македонскиот наратив“ и културното паметење на Балканот

Парадоксот на визијата за мир

Грчката држава, во најдраматичниот миг за Македонија, го негираше нејзиното право да се именува како што таа сака. Можно е таа да не верувала дека Македонија ќе го преживее виорот на југословенските војни. Зошто Грција смееше да го стори тоа? Поради балканската историја. Поточно, поради грчкото паметење на балканската историја. Поради табуизирањето на историјата на Граѓанската војна во колективното грчко паметење.

Колку Југославија и да не беше Балкан. Колку и да беше изчезнал тој збор. Балканската историја, сепак, беше сѐприсутна во времето на социјализмот – во политиката на страв од соседите. Секој од нас го памети предметот „општонародна одбрана“ и теориите за можниот воен напад врз Југославија – од Истокот или од Западот. Ние ги учевме тие теории за можните балкански војни напамет. Таа наука имаше  дури и самостојна катедра на универзитетот, затоа што тој предмет мораше да го полага секој студент. Уште поапсурдни беа вежбите по општонародна одбрана, во кои сите игравме војна. Таа социјалистичка дидактика на стравот ја овековечи Никита Михалков во филмот „Крваво сонце”. Очигледно и во Советскиот Сојуз имало редовни вежби за можен воен напад. „Непријателот не мирува“, милуваше да повторува професорот по ОНО на Филозофскиот факултет. Ние, Македонците, очигледно никогаш не го  надминавме стравот од соседите на Македонија. Ние бевме воспитувани да ја градиме сликата за светот низ тој страв од соседите. Напамет ги знаевме и нивните „вечни апетити и аспирации“. Веројатно токму затоа многумина денес уште  се заробени во сликите на стравот од соседите. Тие, можеби, токму затоа се лесно подложни за сите теории на заговорот. Тие теории им се чинат логични, затоа што  во нивната црно-бела слика за светот, тие одговараат на македонската митолошка, судбинска слика за улогата на Големите сили во македонската историја. Токму затоа, можеби, во мигот кога беше потпишан Договорот со Грција, некои Македонци брзо се уверија дека пропаста е НАТО и ЕУ, а спасот е да се остане и понатаму во времето на чекање. Или, ако не, тогаш барем да се побара помош од Русија.

Големите сили

Сето тоа е разбирливо кога ќе се стави во контекст на колективното македонско паметење на стравот од историјата. Никогаш Македонците не биле тие што навистина ја креаирале својата историја. Освен, еднаш -  во настанувањето на таа малечка, кревка Република Македонија, скриена три децении под ознаката ПЈРМ. Сето тоа е разбирливо само ако се потсетиме на тоа дека сите ние, генерациите родени во Југославија по Втората светска војна, бевме социјализирани, најнапред, низ релативно селективно историско паметење. Тоа, додуша, секогаш  беше херојско, патриотско, ама историјата на Македонија, сепак, беше длабоко трагична. Во македонското историско паметење  и големиот свет сугерираше страв. Светот, денес наречен  меѓународна заедница,  за Македонците во историските читанки беа Големите сили. Големите Сили небаре беа митолошките Мојри.  Тие одлучуваа за судбината на немоќните балкански народи. Како македонскиот. Ние растевме во состојба во која немаше  отворени историски архиви. Паметам, Македонија беше веќе самостојна држава, кога прочитав  во некој весник за смртта на Лазар Колишевски. Се велеше дека сета негова архива била предадена на МАНУ. Од неа само еден дел  останувал одредено време затворен. Тој за „егејската тема“. Долго беа непристапни и материјалите за Граѓанската војна во Грција во белградските историски архиви. Кога за луѓето во едно општество не се слободно достапни оригиналните историски документи и личните сведоштва од минатото, тие луѓе неминовно имаат селективно, па дури и митолошко  историско  паметење.

Од друга страна, заштитеноста во нашиот македонски наратив во времето на социјализмот, беше многу важна за зацврстувањето на македонската национална свест. Во „Снегот во Казабланка“ Југославија ја нареков „голем стакленик“. Македонците во него се чувствуваа заштитени. Затоа  за Македонците блокадата од страна на Грција поради името Македонија беше вистински шок. Поради тоа што, иако во литературата беше присутна „егејската тема“, официјално југословенското политичко раководство секогаш се  трудеше поради неа да не дојде до нарушување на добрите односи со Грција. Имено, веќе 1953-тата, Југославија потпиша договор за пријателство и соработка со Грција и Турција. Во него од Југославија се бараше прашањето за „егејските бегалци“ да биде ставено под мраз. Секако, Југославија мораше да го стори тоа. А тоа што беше долго „замрзнато“ се појави како призрак на историјата  токму кога Македонија стана самостојна држава. Тогаш Грција ги потсети Обединетите нации и Европската заедница на историјата на Титовите планови за обединување на трите делови од македонската територија во идната балканска федерација предводена од Југославија.

Flaggen von Griechenland und Mazedonien
Фотографија: Colourbox

Граѓанската војна во Грција и проблемот со името на РМ

Во студијата на германскиот историчар Адамантиос Скордос за поврзаноста на Граѓанската војна со проблемот на Грција со името на РМ има податок  дека уште  1991-та грчката политика ја внесува во игра ознаката „Југословенска Македонија“. Имено, уште во првиот грчки „Меморандум за југословенска Македонија" („Memorandum on Yugoslav Macedonia"). Министерот за надворешни работи, Самарас,  им го врачува тој меморандум на своите колеги во Европската Заедница уште на 27 август 1991-вата. Во него „се потсетува на тоа дека Титова Југославија ги помагаше комунистичките партизани со надеж дека тие ќе направат компромиси во однос на грчка Македонија. Наследникот на Самарас, Папаконстантину, во јануари 1993-та кон документите во прилог на грчкото одбивање на Барањето на Република Македонија за прием во Обединетите Нации го приложи и делот од Извештајот на „специјалната комисија на ОН за Балканот" од 1949-та, во кој на Југославија и НОФ им се припишуваат автономистички и експанзионистички намери во однос на грчка Македонија", истакнува Скордос.(Адамантиос Скордос, „Грчкото Македонско прашање. Граѓанската војна и политиката на историјата во Југоисточна Европа 1945 - 1992", стр. 30-391, Wallstein Verlag, Гетинген, 2012)

Првиот претседател на самостојна Македонија, Киро Глигоров, учествуваше во НОБ. Тој беше на влијателна функција во КПМ и КПЈ за време на Граѓанската војна во Грција. Тој сигурно знаел дека Југославија ги помагаше грчките и македонските партизани во Грција. Тој сигурно ги паметел Титовите планови за отцепување на егејскиот дел од Македонија.  Затоа, можеби, во референцата морало да стои „поранешна југословенска република" - како знак токму за таа политика на Тито.  Очигледно, Грција и Обединетите нации го потсетиле Глигоров на тоа многу „деликатно време" во Југославија, кога Тито неколку години ја помагаше борбата на комунистите во Грција. Тоа е „темната сенка" што остана врз Република Македонија по Граѓанската војна во Грција. Република Македонија по распаѓањето на Југославија, очигледно за  Грција и за нејзините подржувачи не била завршен државотворен проект. Тоа беше времето од изминатите  три децении, кога се чинеше дека времето и историјата беа застанале само за Македонија. Само кога ќе се согледа оваа  констелација, станува јасно  дека Македонија денес има шанса да го надмине наследениот историски страв. Таа има шанса да почне вистински да ја креира својата историја. Таа може да избере за себе нова улога на Балканот. Од жртва на историјата таа може да стане предводник на толку неопходното помирување меѓу балканските народи. Таа може да стане пример за соочување со историјата и надминување на вековниот страв од светот, од Големите сили, од  моќта на геостратегијата. Митологијата, која ја нудат ВМРО и нејзините поклоници, не е историја. Таа е само  бегство во  мртвото минато - пред стравот, навредата и немоќта во сегашноста. Македонците можат да го надминат стравот со чувство на одговорност и единство, но не со фанатична гордост.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.