1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите очи вперени кон Карлсруе

Дафне Гратвол/Б. Георгиевски11 септември 2012

Германскиот Уставен суд најверојатно нема да го ограничи учеството во европскиот фонд за спас. Такво нешто не очекуваат ниту тужителите. Но, можно е судот да побара промени во договорот

https://p.dw.com/p/166Vt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дали ќе биде правилно доколку германскиот претседател Јоахим Гаук ги потпише договорите за европскиот фискален пакт? Или пак тие се во спротивност со германскиот Устав? Експертот за уставно право Кристоф Дегенхарт верува дека второто е точно. И не е единствен. Заедно со поранешната министерка за правда Херта Дојблер Гмелин од опозициската СПД, Дегенхарт поднесе тужба до Уставниот суд против спасувачките механизми на еврозоната. Според него, со тие механизми се ризикуваат демократските механизми и во Германија и во Европа. Севкупно, 37 илјади граѓани се потпишаа на иницијативата пред уставниот суд.

Критики за ЕСМ

Тужителите го критикуваат тоа што во механизмите не постојат клаузули за откажување како и ограничување на одговорноста. Тоа значи дека Германија би можела да го загуби својот буџетски суверенитет, особено што најголемиот дел од одлуките во иднина ќе ги носи Бордот на гувернерите на спасувачкиот механизам, односно европските министри за финансии.

Притоа тужителите сметаат дека спасувачкиот механизам е во спротивност со клаузулата во европските договори во која јасно се наведува дека ниту една земја не може да биде одговорна за долговите на друга.

Christoph Degenhart Uni Leipzig
Кристоф ДегенхартФотографија: privat

Но, Инголф Пернис, експерт за европско и уставно право, има поинакво мислење. Според него, не постои демократски дефицит кога е во прашање ЕСМ. Посебни комисии во европскиот и во националните парламенти можат да го надгледуваат процесот, вели тој. Пернис додава дека нема никакво нарушување ниту на германскиот Устав, затоа што германската влада практично ќе добие право на вето во однос на политиката на спасувачкиот механизам, односно може да спречи зголемување на неговиот волумен.

И други експерти за европско право се согласни со ваквиот став. Франц Мајер од Универзитетот во Билефелд не гледа прекршување на договорите ниту во спасувањето на други земји-членки на еврозоната, затоа што европските договори предвидуваат доброволна помош.

Очекувања

Сепак, иако најголемиот дел од експертите не очекуваат дека Уставниот суд ќе го блокира учеството во спасувачкиот механизам, повеќето прогнозираат дека е можно да се постави некакво дополнително ограничување. Една од можностите е Уставниот суд да побара учество и на горниот дом на германскиот парламент, Бундесратот во донесувањето на одлуките.

Тужителот Дегенхарт не очекува револуционерна одлука.

„Ќе биде многу храбро од судот доколку го урне ЕСМ и договорите кои произлегоа од него. Но очекувам судот да стави јасно до знаење што е прифатливо а што не“.

Symbolbild Bundesverfassungsgericht Euro-Rettungsschirm ESM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во неколку наврати предупредуваше од негативни последици доколку судот го поништи спасувачкиот механизам. Но, според Дегенхарт, никакви негативни последици не се можни.

„Ништо лошо не се случи по тужбата. Ниту пазарите пропаднаа, ниту Европа влезе во хаос, ниту економијата се соочи со потешкотии.

Единственото нешто што се случи, е што луѓето стануваат се поскептични“, вели Дегенхарт.