1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите се под притисок, освен Асад

ЖА/дв/дпа/ртре/афп9 јуни 2012

Состојбата во Сирија е експлозивна, но меѓународната заедница речиси не може ништо да преземе против претседателот Башар ал-Асад. Кина и Русија и натаму ги блокираат санкциите, a насилството во земјата продолжува.

https://p.dw.com/p/15BE8
Фотографија: AP

Во Сирија владее насилство, но ОН не можат да најдат заеднички јазик. По новиот масакр, меѓународната заедница стравува од ширење на бунтот како пожар во целиот регион. Се‘ почесто се зборува и за опансост од долготрајна граѓанска војна.

Но, на светот рацете му се врзани: Советот за безбедност на ОН и покрај предупредувањата на генералниот секретар Бан Ки Мун и специјалиот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија, Кофи Анан, не може да се согласи на заеднички став. Русија и Кина и натаму спречуваат воведување санкции против владата на Башар ал-Асад.

Многу средби, ниедно решение

Иако можноста да се преземе нешто против раководството во Дамаск без мандат на ОН е ограничена, многу држави прават напори за наоѓање решение. Во тоа предничат секогаш САД, кои бараат алтернативни патишта за да го стават под притисок режимот на Асад и инсистираат на т.н. јеменско решение. Според него, Аасад според примерот на екс-претседателот на Јемен, Али Абдула Салех, би се откажал од власта во корист на привремен претседател.

Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон вчера во Вашингтон повторно разговараше со Анан. Специјалниот пратеник за Сирија се‘ повеќе се сомнева во успехот на неговиот мировен план од шест точки, но јасно нагласува дека проблемите не се поради содржината на планот, туку во неговата непримена, иако не постои друга алтернатива. Анан бара засилен притисок врз сириското раководство. Тој полага надежи во нова Контакт група од земји кои имаат влијание врз Дамаск. Во неа можат да влезат САД, Кина, Русија, Велика Британија и Франција, но и регионалните сили како Турција, Саудиска Арабија и Иран.

Syrien UN Beobachter in Damaskus
Фотографија: picture-alliance/dpa

Москва: Русија и САД најдоа допирни точки по сириското прашање

Мала охрабрувачка порака пристигна од Москва. Русија и САД најдоа допирни точки за решавање на кризата во Сирија, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Генадиј Гатилов, по руско-американските консултации во Москва.

„Се надевам дека заедно ќе можеме да пронајдеме начин за постигнување политичко решение на кризата. За време на разговорите пронајдовме многу допирни точки“, напиша Гатилов на својот профил на Твитер по средбата.

Во руско-американските консултации во Москва ,освен Гатилов, од руска страна учествуваше и претставник на претседателот за Блискиот Исток и заменик-министер за надворешни работи Михаил Богданов.

САД беа претставени од специјалниот координатор на Стејт департментот за Сирија Фредерик Хоф и амбасадорот на САД во Москва Мајкл Макфол.

Рускиот министер за надворешни работи СергејЛавров и пратеникот на ОН и на Арапската лига за Сирија Кофи Анан ја истакнаа во телефонски разговор неопходноста од обединување на меѓународните напори за постигнување политичко-дипломатско уредување на кризата, соопшти руското МНР.

Москва и Берлин го сметаат за безалтернативно политичко-дипломатското решавање на кризата во Сирија, соопшти руското МНР по разговор меѓу Сергеј Лавров и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле на иницијатива на германската страна.

Расветлување на масакрот

Во Сирија набљудувачите од ОН во меѓувреме ја започнаа истрагата по новиот масакр во селото Ал Кубеир во провинцијата Хама. Во средата таму биле убиени најмалку 80 луѓе, меѓу кои голем број деца и жени. Според опозицијата, тие биле избодени со ножеви и сабји. 25 набљудувачи од ОН треба да го расветлат злосторството.

Syrien Massaker Dorf Al-Quabair
Народот бара разјаснување на последниот масакрФотографија: AP

Бунтовниците за него ги обвинуваат парамилитарните единици на претседателот Асад. Сирискиот режим ги отфрли обвинувањата и вината за масакрот ја префрли врз опозицијата.

Насилството продолжува

Најмалку 17 лица, меѓу кои десет жени, беа убиени изминатата ноќ (08/09.06) во артилериска стрелба во јужниот сириски град Дера, каде пред 15 месеци избувна востанието против претседателот Башар Асад, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права.

Невладината организација, која го следи насилството во Сирија преку мрежа извори во земјата, соопшти дека стрелбата уследила по борби меѓу армијата и бунтовниците во градот.

Освен убиството во Дера, 44 цивили биле убиени на различни места во Сирија вчера, од кои половина од нив во централната провинција Хомс и во квартови и предградија на Дамаск.

Исто така вчера беа убиени 25 војници во провинциите Идлиб, Дамаск, Деир ал Зур, Хомс и Дера.