1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите ја тужат ЕУ во Карлсруе

Кај Александер Шолц/ Александра Трајковска 3 јули 2012

Во сите политички табори има критичари на одлуките за спас на еврото. Тужбите до Сојузниот уставен суд во Карслруе се множат. Со тоа се формира широк фронт против ЕСМ и фискалниот пакт.

https://p.dw.com/p/15QT0
Фотографија: picture alliance / dpa

Пратеничката група на Партијата на Левицата беше прва, која уште во саботата поднесе тужба против договорот ЕСМ и фискалниот пакт. Тие пред се’ критикуваат дека законите усвоени од Бундестагот и Бундесратот ќе го минат прагот кон европско федерално уредување. Германија притоа треба да гарантира за долговите на другите. Тоа не е согласно со уставот. Партијата на Левицата стравува дека ќе дојде до разградување на социјалната држава преку бирократијата на ЕУ и дека националните парламенти ќе ги изгубат ингеренциите. Пратеничката од оваа партија Сара Вагенкнехт затоа во Бундестагот побара од канцелараката Меркел да ја гарантира социјалната држава.

Гласови против и од Баварија

Либерално-конзервативната партија Слободни избирачи, која е застапена во покраинскиот парламент на Баварија и ќе настапи на сојузните избори во 2013 година, јасно позиционирајќи се против европските спасувачки чадори, има други задршки: „Средствата од ЕСМ во јужните земји ќе исчезнат во црните буџетски дупки“, предвидуваше Вилхелм Ханкел на вчерашната (02.07.2012) прес-конференција во Берлин, обелоденувајќи ја тужбата до Уставниот суд. Како последица на тоа ќе дојде до повлекување на капиталот од еврото, а тоа ќе му наштети на германското извозно стопанство. „Со ЕСМ ќе биде укинат слободниот пазар на капиталот - на крајот ќе дојде до подржавување на банките“.

Ханкел припаѓа на група од четворица професори, кои со нивната тужба, според сопствени наводи му се приклучиле на „политичкиот глас на Слободните избирачи“. Оваа група поднесуваше жалби и во 1998 година против еврото и во 2010 години против помошта за Грција и времените спасувачки чадори. Сржта на новата жалба, вели еден од котужителите Карл Албрехт Шахтшнајдер е да се одбрани „суверенитетот на Германија и нејзиниот народ“. „Идејата сите во Европа да се донесат на исто ниво ги преоптоварува сите“, Шахтшнајдер.

Verfassungsgericht stoppt Lissabon Vertrag Archiv
Фотографија: AP

Првиот клучен датум: 10 јули

Петер Гаувајлер, пратеник од редовите на Христијанско социјалната унија од Баварија, исто како и Партијата на Левицата, поднесе барање за привремено решение од Уставниот суд. Со тоа треба да се постигне германскиот претседател да не ги ратификува договорите, пред уставните судии да одлучат за тужбата.

Германскиот уставен суд на 10 јули ќе оддржи устна расправа за итните барања. Ваквите расправи се особено ретки. Причината е што во овој случај судиите со нивната пресуда ќе донесат предодлука. Доколку германскиот претседател Јоахим Гаук потпише, тогаш одлуките меѓународно правно веќе ќе стапат во сила - иако уставните судии подоцна изразат сомнежи.

Поплаката до Уставниот суд од страна на Гаувајлер е насочена против промената на Европскиот монетарен устав. Со тоа досегашната забрана за финансиска помош на државите на еврото фактички би била укината, се вели во соопштението за печатот. Освен ова, со ЕСМ договорот се пренесуваат правата за располагање со даночните средства од стотици милијарди на демократски нелегитимирана организација, на Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ ) со седиште во Луксембург.

На тој начин ќе се изврши тешко прекршување на принципите на демократијата, смета Гаувајлер. Освен ова, политичарот од ЦСУ, како и Партијата на Левицата и партијата Слободни избирачи, критикува „дека ЕСМ договорот од меѓународно правен аспект е договор кој не може да се укине“. Заедничка во тужбите е и критиката за предвидениот совет на гувернери, чии членови „штитат скандалозни правила за имунитет“, се вели во тужбата на Гаувајлер.

Страв од уназадување на демократијата

Со 12.000 потписи во моментов најголема тежина има поплаката до Уставниот суд на граѓанската иницијатива „На Европа и‘ треба повеќе демократија“. Таа е предводена од поранешната министерка за правда, социјалдемократот Херта Дојблер Гмелин. „Ако парламентарците не сакаат или неможат самите да се борат за повеќе права, дотолку е поважно илјадници граѓани да излезат пред Уставниот суд и стопираат разградување на демократијата“, вели Дојблер Гмелин.

Bundestag Übersicht Parlament
Фотографија: picture alliance / dpa

Покрај официјалните тужители за збор се јавуваат се’ повеќе критичари во Германија: „Сега граѓаните можат само да се надеваат на Уставниот суд“, вели претседателот на минхенскиот Ифо институт Ханс Вернер Зин. Младите Либерали од Тирингија бараат растурање на владината коалиција во Берлин.

Значајна пресуда

Сабине Лојтхојзер Шнаренбергер, актуелната министерка за правда од редовите на Либералите не очекува дека Уставниот суд ќе го стопира европскиот пакет за спас. Судиите од Карлсруе досега кај поединечни закони поставија браници, но во основа немаа забелешки за мерките за помош.

Карл Албрехт Шахтшнајдер од гупата тужители поврзана со партијата Слободни избирачи се надева, без оглед каква ќе биде пресудата, дека во секој случај ќе има политичка промена. Неговиот колега Вилхелм Ханкел информира дека во меѓувреме и во меѓународни рамки се знае за значењето на одлуките од Карслруе. Еден пример: Шефицата на ММФ Кристин Лагард, неодамна зад затворени врати, се пожалила дека зборот „Карлсруе“ не може повеќе да го слуша.