1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

141109 FAO Landwirtschaft Ernährung

16 ноември 2009

Денеска (16.11.2009) во Рим почна Светскиот самит за исхрана. Преку 1.000 делагати од 190 земји, меѓу кои и 60 шефови на држави и влади, до среда ќе се обидат да изнајдат структурни решенија против гладот.

https://p.dw.com/p/KY56
И денеска милиони страдаат поради гладФотографија: dpa

„1-2-3-4-5-6 - едно дете умре од глад!“

Со оваа драматична порака дека секои 6 секунди умира по едно дете на планетава и тоа од глад, генералниот директор на ФАО, Жак Диуф, појаснува за што станува всушност збор на големиот собир во Рим. Тоа што овде е присутен и папата Бенедикт 16-ти, преку 60 шефови на држави и влади, како и поголем број министри од речиси сите земји во светот, покажува дека јавното мислење сепак е сензибилизирано за оваа тема. На средбата во Рим сега станува збор за изнаоѓање конкретни решенија, бидејќи глобалната економска криза ја влоши состојбата. До пред една година имаше простор за оптимизам - бројот луѓе кои страдаат од глад беше намален под една милијарда. Но, поради економската криза, за оваа година експертите очекуваат зголемување на бројот гладни за 150 милиони во однос на 2008 година. Психолошката бариера од 1 милијарда била повторно пречекорена веќе во јуни годинава.

Храна има, но...

Притоа не станува збор за тоа дека на планетава нема доволно храна. Проблемот е во тоа што таа е погрешно распределена и што со неа не се однесуваме доволно економично, туку ја расфрламе, оценува шефот на Програмата на ОН за човекова околина, Ахим Штајнер:

Diouf / FAO / Welternährungsgipfel / Rom
Генералниот директор на ФАО, Жак ДиуфФотографија: AP

„Малкумина знаат дека од една страна се наоѓаме соочени со криза на прехрамбени производи и глобална криза на глад затоа што згора на се’ населението на Земјата е во пораст. Од друга страна меѓутоа фрламе толкави количества прехранбени производи. Во денешниот систем на производство и маркетинг губиме измеѓу 30 и 40% од она што го произведуваме.“

Недоволни инвестиции

Организацијата на ОН за земјоделство и исхрана, ФАО, исто така критикува дека во последниве децении премалку се инвестира во аграрот. При тоа земјоделството е клуч за вкупниот развој на Африка, смета Роберт Калдериси, поранешен соработник на Светската банка за Азија и Африка: „Најважното за Африка би било да се зголеми продуктивноста на земјоделството, но на тоа не се фокусиравме. Земјоделството е најголемото богатство на Африка, но него владите предолго го запоставуваа...“

Слична е состојбата и во азиските земји, каде голем број влади вложуваат во индустрискиот сектор. Затоа во селските средини доаѓа до страшно осиромашување. Дури 70% од сите луѓе кои живеат во крајна сиромаштија живеат на село. Најголемиот број луѓе кои денес на Земјата страдаат од глад живеат во азиско- пацифичкиот регион. Таму има повеќе гладни отколку во Африка, Латинска Америка и Карибите заедно.

Автор: Хеле Јепесен/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска