1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ситуацијата во Сирте е стравична

2 октомври 2011

Ситуацијата во либискиот град Сирте, опколен со недели од трупите на новото либиско раководство, е „стравична“, велат од Црвениот крст. Нема храна, лекови, вода.

https://p.dw.com/p/12kWg
Сирте под опсада и постојан оганФотографија: AP Photo/Xinhua

Во родниот град на соборениот либиски властродржец Момаер ел Гадафи, Сирте, безброј луѓе умираат поради недостиг на лекови, потврдува Хикем Хадрау од Меѓународниот комитет на Црвениот крст, чија екипа вчера беше во посета на градот.

„Стравична ситуација“, изјави соработникот на Црвениот крст. Лекарите во една од болниците во градот на делегацијата на Црвениот крест и‘ раскажале дека немаат ниту кислород, ниту доволно лекови, нема веќе ниту гориво за генераторите за итни случаи.

„Додека бевме во болницата, врз неа беше повеќепати стрелано“, сведочат од Црвениот крст. При претходните напади бил погодени меѓу другото и болничкиот резервоар со вода, па сега водата мора да се носи однадвор. Делегацијата на Црвениот крст при посетата на болницата предала 300 пакети со помош за ранетите.

Сирте е еден од либиските градови кои се‘ уште е во рацете на борците лојални на Моамер ел Гадафи. Постојано е изложен на бомбардирања на НАТО-авионите, како и на огнот од трупите на новото либиско раководство. Поради борбите илјадници жители го напуштија градот, но голем дел не можат тоа да го направат.

Libyen Rebellen Sirte Panzer
Фотографија: dapd

Опомена од „Хјуман рајст воч“

Организацијата за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“ ги повика новите власти во Либија да ги спречат апсењата и малтретирањата на осомничените приврзаници на Моамер Гадафи.

Организацијата нагласи дека нејзини претставници посетиле 20 центри за задржување во Триполи и разговарале со 53 уапсени, меѓу кои 37 Либијци и 16 граѓани на африкански земји јужно од Сахара. Некои од приведените имале лузни, налик на такви кои се добиваат при подложување на електрошокови.

„Хјуман рајтс воч“ смета дека е „разочарувачки“ тоа што новите власти вршат произволни апсења и користат насилство врз приведените лица, нешто што се сметаше за карактеристично за режимот на Гадафи.

„Преодниот национален совет е должен да му покаже на либискиот народ дека уште од почеток ќе ги почитува законите и владеењето на правото“, нагласи организацијата.

 

Автор: ЖА/АТ/афп/миа

Редактор: Александра Трајковска