1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Скалите“ на Ирена Паскали

Трајче Тосев27 февруари 2009

Скалите како личен симбол на искачувањето или паѓањето на човекот низ животот - тоа е главниот мотив на изложбата на македонската уметничка Ирена Паскали, отворена деновиве во Келн.

https://p.dw.com/p/H2jc
Ирена Паскали на отворањето на изложбатаФотографија: Trajce Tosev

Новата инсталација, насловена „Stairway“, или „Скали“, е прикажана на пет ката во една галерија во Келн, а со искачувањето нагоре, посетителите ги следат приказните што таа ги раскажува преку нејзините фотографии. Две работи се битни за новата изложба на Паскали - техниката со која се работени фотографиите и ситуациите од секојдневниот живот, прикажани на нив.

Irena Paskali Ausstellung Irena Paskali Kunst Mazedonien Foto: Trajce Tosev undatiert
Дел од фотографиите изложени во КелнФотографија: Trajce Tosev

Што се однесува до техниката со која се сликани фотографиите, Ирена вели дека тоа е резултат на нејзиното долгогодишно експериментирање со фото-апаратот и можностите што ги нуди модерното, компјутерско обработување на сликите. На изложбата во Келн доминираат комјутерски обработени фотографии кои добиваат тркалезна форма, на кои се прикажани повеќе моменти од една иста приказна . Фотографијата најпрвин била направена во форма на обична, панорамска фотографија, а потоа, со помош на соодветен софтвер, Ирена стигнува до т.н. сферичен или тркалезен приказ.

На кој стол седи човекот?

Разгледувајќи ја изложбата, стигнуваме до една ваква „тркалезна“ фотографија, на која покрај главниот мотив - скалите, претставени се и стол и жена, која еднаш е над столот, другпат под него, потоа до него... Која е симболиката на оваа фотографија? Ирена објаснува: "На столот седиме, се качуваме, од него зависиме... Столот има многу други различни функции во животот. На кој стол седи човек? Во каква позиција е спрема столот? Дали столот ќе го направи да падне преку некои скали во животот, или ќе го натера да се влече кон столот“, објаснува Паскали.

Irena Paskali Ausstellung
Ирена Паскали како мост меѓу Македонија и ГерманијаФотографија: Trajce Tosev

Мануела Креглер Маркс, раковидел и куратор на галеријата во која се претставени фотографиите на Ирена, вели дека таму се организираат само четири изложби годишно. Зошто се одлучила просторот овојпат да и` го отстапи токму на Ирена Паскали? „Она што посебно ми се допадна кај Ирена е начинот на кој таа работи. Во нејзините фотографии се раскажуваат комплицирани приказни, кои се претставени на само една единствена фотографија. Значи, тоа се ситуации кои во животот би траеле можеби десет или дваесет минути, но таа ги претставува на само една, единствена фотографија“, вели Маркс.

Посетителите сочувствуваат со ликовите од фотографиите

И впечатоците на посетителите на изложбата се поделени. На едни поголем впечаток им остава техничкиот аспект, на други, пак, приказните. Еден од посетителите вели: „Ми се допаѓа тоа што на фотографиите, времето и просторот , на некој начин, се поврзани. Прикажаните ситуации не се фотографирани одеднаш, туку погледот временски се поместува. Тоа што најмногу ме воодушеви е тоа што вечерва разбрав дека постои техничка можност обична, панорамска фотографија да се претвори во сферична“.

Секој ја толкува уметноста на свој начин, тоа го потврдува и една девојка, која го проследи отворањето на изложбата на Ирена. „Она што мене ми е интересно е што на фотографиите е прикажан животот на жена, на која постојано и` се случуваат некакви грешки, како да не и` оди добро во животот. На некој начин, сочувствувам со оваа жена, но во сето тоа има доза на хумор и токму тоа ме привлекува“.

Изложбата „Скали“ на Ирена Паскали останува во Келн се` до септември, кога се сели во Скопје, во Националната галерија на Македонија“. Ирена Паскали е познат уметник во Македонија, која постдипломските студии по уметност ги заврши во Келн и повеќе години живее и твори во Германија. Нејзиниот уметнички израз ги поврзува културите на двете земји и дава филозофски поглед на човекот, било каде и да живее.