1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандалот „Гардијан“: Дали е во опасност слободата на печатот?

Рахел Баиг/ Жана Ацеска22 август 2013

Известувачите во случајот Сноуден се најдоа на удар на британските власти: во Лондон новинарите се под притисок што ја обелоденија аферата за шпионирање. Новинарските здруженија се загрижени за слободата на печатот.

https://p.dw.com/p/19UbS
Фотографија: Reuters/Suzanne Plunkett

„Гардијан“, „чуварот“, е еден од најугледните британски весници. Леволибералниот весник беше достоен на своето име во аферата околу американската тајна служба НСА и британската, ГЦХКу. Согласно со својата функција на чувар, весникот известуваше за активностите на двете тајни служби, кои очигледно, во голем обем ги шпионирале телекомуникациските врски на граѓаните. Информациите на „Гардијан“ му ги обезбеди екс-соработникот на НСА, Едвард Сноуден.

Но, известувањето не остана без последици и по весникот: „Гардијан“ самиот се најде под притисок - според изјавите на главниот уредник Алан Расбриџер, високи по функција владини службеници го принудувале да им ги предаде доверливите податоци. Редакцијата не го прифатила барањето, максималното на што бил подготвен Расбринџер е уништување на копиите на информациите од Сноуден. Така и се случи - британската тајна служба го принуди „Гардијан“ на уништување на тајните документи, двајца агенти присуствувале и го надгледувале уништувањето на носачите на податоци. Ова беше еден од најбизарните моменти во долгата историја на весникот.

Шиканирање на блиските

Притисок и заплашување се извршени и врз Глен Гринвалд, новинарот кој контактираше со Сноуден и пишуваше извештаи за „Гардијан“: животниот сопатник на Гринвалд, Бразилијанец, во неделата(18.08) на лондонскиот аеродром беше спречен во натамошното патување. Давид Миранда, врз основа на член од британскиот антитерористички закон, бил приведен и сослушуван за неговото семејство, ситуацијата во Бразил и неговиот пријател Гринвалд, но во прва линија во врска со аферата НСА.

Премината е „црвената линија“

Постапките на британската тајна служба предизвикаа дебата за односот кон слободата на печатот. Германската влада во акцијата гледа пречекорување на „црвената линија“. Ополномоштеникот на германската влада за човекови права, Маркус Ленинг, изрази згрозеност од начинот на кој е постапувано со уредникот на „Гардијан“, Расбриџер. Ова е повод за загриженост за состојбата на слободата на печатот и на мислењето во Велика Британија

Zeitung The Guardian
Фотографија: Oli Scarff/Getty Images

Организацијата „Репортери без граници“ инцидентот во Лондон го оцени како шиканирање против истражувачкото новинарство. САД и Велика Британија се обидуваат да ја уништат мрежата која стои зад новинарското обелоденување на шпионската програма на двете земји, истакна Михаел Редиске од организацијата.

Загрижувачки е фактот што тајната служба го принуди главниот уредник на најреномираниот весник во Велика Британија да го уништи информативниот материјал. Но, неразбирливо е притоа зошто уредникот потклекнал на притисоците, без да се обрати до судовите и веднаш да излезе во јавноста, се чуди Редиске.

Критика од германските здруженија

Норберт Болц, професор по медиуми на Техничкиот универзитет во Берлин, во известувањето поврзано со откритијата на Сноуден гледа специјален случај.

„Ова се разликува значително од другите форми на истражувачко новинарство, зашто се работи за државни тајни“, потенцира Болц за Дојче веле. Класичните државни интереси во областа на тајните информации не се во согласност со апсолутната слобода на печатот. Комуникологот стравува дека владите, кои се чувствуваат ставени на тапет поради „несмасниот однос“ кон извештаите за државните тајни, во иднина ќе ја променат својата тактика.

Здружението на германските новинари, ДЈФ, исто така го критикуваше односот кон „Гардијан“ како напад врз слободата на печатот. Во Германија ова не е можно. „Германските закони исклучуваат можност агенти на тајна служба да се појават во некоја редакција и да надгледуваат уништување на информации“, рече портпаролот Хендрик Цернер за Дојчланд функ. Но, и во Германија имаше случаи на претрес во редакциите. Сепак, во ниеден од овие случаи постапката на истражните служби не беше оправдана, истакнува Цернер: „Новинарите имаат добри шанси да се спроистават“, смета Цернер за ситуацијата во Германија.

Glenn Greenwald und David Miranda
Глен Гринвалд и Давид МирандаФотографија: picture-alliance/dpa

Во Велика Британија не постои апсолутна слобода на печат

Слободата на печатот е содржана и во британското право. Но, во земјата не постои пишана одредба која новинарите ги става под посебна заштита. Правилата за слободата на печатот во Велика Британија се помалку детализирани отколку во другите западни демократии. Британските судии затоа имаат поширока рамка за толкување на законите. Наспроти тоа, постои мношто на анти-терористички закони, кои нудат можност за затворање на устата на медиумите. Тоа очигледно се случи и во јуни, кога „Гардијан“ првпат ги објави откритијата на Сноуден. Како што објави Норддојче рундфунк, повеќе конзервативни весници се придржуваа на владиното укажување да не известуваат за случајот.

Можно е сега да доаѓа до вртење на листот. „Индепендент“, „Дејли мејл“, БиБиСи, „Телеграф“, сите известуваат за најновото поглавие во случајот: можната вплетканост на британскиот премиер Дејвид Камерон во обидите за заплашување на „Гардијан“.