1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандалот со коњско месо стигна до Германија

ЖА/дпа/афп/ртре13 февруари 2013

Аферата со погрешно етикетирање на коњското месо како говедско во замрзнатата готова храна, која ја тресе Европа, стигна и до Германија. Според Министерството за потрошувачи, постои сомнеж за стигнати пратки во земјата.

https://p.dw.com/p/17dWl
Фотографија: Reuters

Преку европскиот систем за брзо известување германските власти синоќа (12.02) од Луксембург се известени за сомневањето дека погрешно декларираните животни намирници стигнале и во Германија, изјави портпарол на Министерството за потрошувачи во Берлин. Се работи за преработени лазањи, кои биле лиферувани најмалку на еден трговец во покраината Северна Рајна Вестфалија. Не е исклучено дека се засегнати и други трговци и производи. Поради сомнежот, Германија вечерва ќе учествува на информативната средба на тема скандалот со коњско месо во Брисел. Надлежните власти тврдат дека нормално за потрошувачите нема непосредна  опасност по здравјето од коњско месо, но сепак се потребни дополнителни испитувања за тоа што содржи готовата храна.

Pferdefleisch Skandal Frankreich England
Преку француска фирма коњско месо и во производите за Велика БританијаФотографија: Reuters

Минатите недели во повеќе земји во ЕУ беа откриени готови јадења во кои наместо декларираното говедско месо, има коњско месо. Целиот скандал започна во Велика Британија, каде во длабоко замрзнатите лазањи увезени од фирмата „Комигел“ од Франција наместо говедско месо е откриено коњско. Потоа аферата се прошири и во Франција.

Истрагата што британските власти ја водат околу аферата со коњско месо, ќе се прошири и ќе се засили, изјави денеска претставник на Агенцијата за стандард во исхраната (ФСА), инсистирајќи дека нема да се попушти во настојувањето да се утврди обемот на аферата и да се најдат и казнат виновниците. Министерот за аграр и за човекова околина Овен Патерсон кој денеска престојува во Брисел, на состанокот на европските министри за земјоделство, рече дека во истрагата ќе се вклучи и полицијата која ќе треба да ја испита кривичната одговорност во аферата, со подметнување на коњско месо во производите со говедско месо. Она што сегашната истрага треба да открие е дали станува збор за грешка во синџирот на снабдување со месни производи, или сето тоа е изведено намерно.

Некои лондонски весници објаснуваат дека аферата е само последица на трката за евтина храна, за поевтинувањето на исхраната, но и за задржување на профитот на компаниите од месната и прехранбената индустрија.