1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандал со прислушување во САД

Б. Георгиевски/ап14 мај 2013

Американското министерство за правда тајно присвоило двомесечни записи од телефонските разговори на репортерите и уредниците на агенцијата Асошиејтед прес. Агенцијата обвинува за упад во нејзината самостојност.

https://p.dw.com/p/18XDr
Фотографија: Reuters/Adrees Latif

Во записите кои ги присвоило Министерството за правда се наоѓале податоци за повици од работните простории, но и од домашните телефони на вработените во новинската агенција, како и нивните приватни телефонски броеви. Севкупно владата запленила податоци за повеќе од 20 телефонски линии кои ги користеле новинарите на АП. Точниот број на новинари кои ги користеле овие линии не е познат, но повеќе од 100 новинари работат во канцелариите од кои биле одземени податоци.

Во протестно писмо испратено до јавниот обвинител Ерик Холдер, претседателот и менаџер на АП Гери Пруит оценува дека владата присвоила информации за кои не може да постои оправдување во никаква конкретна истрага. Тој побара враќање на сите записници и уништување на евентуалните копии кои ги поседува владата.

„Не може да постои никакво оправдување за вакво незаконско собирање на податоци за телефонски комуникации на Асошиејтед прес и на нејзините новинари. Овие записници содржат комуникации со тајни извори за сите новинарски активности на АП во период од два месеци“, вели Пруит.

Нема објаснување за заплената

Владата засега одбива да соопшти од кои причини ги присвоила податоците. Официјални лица претходно соопштија дека јавниот обвинител во Вашингтон истражува кој и‘ дал информации на АП за извештајот за откриен терористички заговор објавен на 7 мај годинава. Во извештајот беа откриени информации за операција на ЦИА во Јемен со која бил спречен заговор на Ал Каеда за напад врз авион на територијата на САД.

US-Regierung soll AP bespitzelt haben
Директорот на АП, Гер ПруитФотографија: Reuters/Larry Downing

Обвинителите во претходни случаи барале податоци од новинари, но во овој случај се работи за невообичаен опсег на запленети податоци. Во известува до АП во петокот, министерството за правда не дава оправдување за запленувањето на материјалот. Меѓу оние чии телефонски броеви се истражувани се и оние на петмината новинари и уредникот кои работеле на приказната од 7. мај за спречениот терористички напад.

Администрацијата на претседателот Барак Обама досега агресивно ги истражуваше сите случаи на објавување на тајни податоци во медиумите и поведе тужби против шест лица за кои постоеше сомнение дека биле извор на тие тајни информации., повеќе од сите досегашните претседатели заедно.