1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

260110 Pharmaindustrie Kosten

11 април 2010

Како слаби точки во германското здравство ОЕЦД ги наведува преголемите болнички капацитети, високите цени на лекарскиот труд, натпросечните трошоци за бирократија, како и превисоките трошоци за лекови.

https://p.dw.com/p/Mrfj
Фотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Улрих Швалбе веќе 25 години е коиздавач на извештајот за лекови на рецепт во кој го истражува и развојот на трошоците за тие лекови кај организациите за задолжителното здравствено осигурување. Тој 25 години констатира дека трошоците растат и ќе растат се’ додека политиката не интервенира. Веќе неколку години тој дел од вкупните трошоци во здравството расте со највисока стапка од над пет проценти. „Ова се должи на фактот дека кај нас, за разлика од соседните земји - освен Швајцарија, нема ограничување на цените при воведување нови лекови. Фармацевтската индустрија во Германија може да одреди толку високи цени, колку што таа смета дека треба да бидат, оти за таканаречените иновативни лекарства, за кои нема конкуренција, нема ограничување на цената“.

Иновации или манипулации?

Tablettenproduktion
Продукција на таблетиФотографија: AP

Организациите за здравствено осигурување лани потрошија пет милијарди евра повеќе за лекови, отколку за лекарски третмани. Норберт Гербш, заменик-главен раководител на Сојузното здружение на фармацевтската индустрија, вака ги објаснува работите: „Иновациите стигнуваат на пазарот. Развојот на иновации е крајно долготраен и економски ризичен и многу скап процес. Тие иновативни лекови, за воопшто да бидат можни од економски аспект, нужно мораат да бидат воведени на пазарот со соодветна цена“.

Улрих Швалбе се сомнева во соодветноста на цената. „Вчудовидувачки е во европска споредба кога лековите за реума кај нас чинат двојно повеќе отколку на пример во Шведска, или повеќе од двојно отколку во Англија“.

Норберт Гербш вели дека споредбата не држи, оти биле премногу различни даночните стапки или пристапот до иновациите. Инаку, тој укажува и дека дека во севкупните трошоци лековите учествуваат со само 20 проценти. Улрих Швалбе пак пресмета дека здравствените каси можат да заштедат најмалку 6 милијарди евра, ако фармацевтската индустрија не ги одредува слободно цените на патентираните лекови. И политиката тука согледа потенцијал за штедење и уште во 2007 година даде налог да се утврди соодносот меѓу цената и ползата од лековите, за во случај на сомневање осигурителните каси да не мораат во целост да ги преземаат скапите лекови. Анализата трае веќе речиси три години. Не е случајно, вели Швалбе. „Причина, на пример, е оти претседателот на комисијата на вештаци, професор Каро, истовремено работи и за американската фармацевтска индустрија“.

Pillen
Фотографија: Bilderbox

Институтот за квалитет и економичност во здравствениот систем, чија задача е да проверува дали лековите и терапиите навистина дејствуваат како што ветуваат фарма- производителите, пред 3 години беше овластен да го постави методот за утврдување на соодносот на цената и ползата од лековите. Професор Каро навистина претседавал со експертската комисија, а работи и за фармацевтската индустрија, потврдуваат од институтот. Но, велат и дека тоа било сосем нормално оти ни надолж, ниту попреку нема ниеден вештак кој истовремено не ангажиран и во фармацевтската индустрија.

Министерот за здравство најави план за штедење

Bundesgesundheitsminister Philipp Rösler
Министерот за здравство Филип РеслерФотографија: picture-alliance/dpa

Сојузниот министер за здравство Филип Реслер кон крајот на март го претстави свoјот план за штедење кај лекарствата. Мерките ќе стапат на сила на 1 август годинава и предвидуваат принуден скок на рабатот за лекови од производителите за здравствените каси од 6 на 16 проценти врз основа на цените на производителите што важеа на 1 август 2009 година. Оваа мерка ќе важи до крајот на 2013 година. Од почетокот на 2011 производителите ќе мораат да преговараат со касите за здравствено осигурување за цените на новите, скапи и патентирани лекови. Производителите ќе бидат обврзани самите да ја докажат дополнителната полза од новите лекови. Политиката очекува на овој начин заштеда до 2 милијарди евра. Сега во Германија се издвојуваат 32 милијарди евра годишно за лекови, а за здравството севкупно 170 милијарди.

Автор: Јута Васераб/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска