1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Приштина ќе бараат решение за трговската блокада

БГ/миа9 септември 2013

Македонска делегација предводена од министерот за економија Сарачини денеска во Приштина ќе преговара за решение за трговската блокада. ЕК бара почитување на ЦЕФТА од двете страни.

https://p.dw.com/p/19eK4
Фотографија: Bahri Cani

Македонска делегација денеска треба да дојде во Приштина во обид да се надмине проблемот со трговската блокада за продукти од Македонија и воведената такса за косовските државјани при влез во Македонија, јави Косовската радио телевизија. Од косовското Министерство за трговија и индустрија соопштиле дека делегациите на двете земји ќе ги предводат ресорните министри Мимоза Кусари и Ваљон Сарачини.

Во меѓувреме, косовските медиуми јавуваат дека по вчерашниот застој, денеска не се забележуваат долги колони на границата меѓу Косово и Македонија, но продолжува праксата за наплата на влезните такси за косовските државјани. Во примена е се’ уште и блокадата на македонски производи. По одлуката на властите во Приштина да се забрани увозот на македонски производи, Владата во Скопје реши да воведе влезни такси за косовските државјани, 2 евра за влез на поединци, пет за автомобили, а 10 за камиони и автобуси.

Весникот „Дневник“ во електронското издание објави дека македонската Влада размислува и за воведување визи за граѓаните на Косово, како одговор на целосното трговско ембарго најавено од Приштина.

Европската комисија денеска побара од двете страни да се држат до обврските преземени во рамки на Централно-европскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).

„Ние се стремиме кон појаснување на неодамнешните пријавени мерки и очекуваме сите страни да ги почитуваат своите обврски во рамките на ЦЕФТА, рече портпаролот на Комисијата Петер Стано.

Според статистиката на властите во Приштина, до септември, годинава македонскиот извоз на Косово изнесува 160 милиони евра, а косовскиот во Македонија 17 милиони евра.