1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Софија: Поправен испит за добрососедски односи

Катерина Блажевска18 јануари 2013

Најавената Спогодба за соработка и добрососедски односи, треба да биде основа за подобрување на односите меѓу Македонија и Бугарија.

https://p.dw.com/p/17MkG
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Бугарија и‘ ја испратила на Македонија работната верзија на текстот на Спогодбата за соработка и добрососедски односи, соопшти Тихомир Стојчев, секретар во кабинетот на бугарскиот претседател Росен Плевнелиев.

„Отсега членките ќе го набљудуваат напредокот по ова прашање. Се надеваме дека работите ќе напредуваат во интерес на двете земји“ изјави Стојчев за бугарската агенција „Фокус“.

Скопје и Софија за првпат во 1999 година потпишаа повеќе од 30 билатерални договори за разни области, кои сега треба да се надградат. Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, вели дека треба да се елиминира каква било можност за претставување на соседите во негативна конотација.

„Постои реторика за нарушени добрососедски односи со Бугарија, но факт е дека ниту еден од нашите политички претставници не дал изјава која би можела да ги загрози. Ќе ги интензивираме односите, кои во еден период имаа определена неекспонираност на највисоко ниво“, најавува Попоски.

Nikola Poposki
Македонскиот министер за надворешни работи Никола ПопоскиФотографија: DW

Поканет или непоканет?

За застојот во односите сведочи и малиот број на официјални посети меѓу претставниците на двете земји. Сергеј Станишев е последниот бугарски премиер кој дошол во Македонија во декември 2008 година. Бојко Борисов, кој е премиер од јули 2009 година, до денес ниту еднаш не дошол во македонскиот главен град кој е оддалечен само 220 километри од бугарската престолнина. Од македонското МНР велат дека тој три пати бил поканет да ја посети Македонија.

„Првпат во 2009 година, кога премиерот Груевски му испрати честитка за победата на изборите и изрази очекување за скорешна средба. Вторпат во 2011, кога бил поканет на отворањето на Музејот на холокаустот во Скопје и третпат лани во ноември, за време на ЕУ-консултациите на работните групи во Софија, кога од македонска страна му бил пренесен интерес за негова посета“, велат од МНР. Дали на ова мислел Борисов, кога лани во август, на регионалниот форум во Софија, на прашање на македонски новинар кога ќе го посети Скопје, категорично одговори: „Постои начин за канење. Ако ме поканат, ќе дојдам“, со што остави простор за сомневање дека дотогаш не бил поканет, барем не на „регуларен“ начин.

Дипломатската хронологија покажува дека и шефот на македонската држава Ѓорге Иванов, досега имал само три средби со својот бугарски колега, а исто толку и министерот Попоски со шефот на бугарската дипломатија, Николај Младенов.

Boyko Borissov Bulgarien Ministerpräsident
Бугарскиот премиер Бојко БорисовФотографија: picture-alliance/dpa

Охрабрувачки тонови

Преиспитувањето на добрососедството не е само македонска задача. И во Бугарија се води дебата за одлуката на нивната влада да ја блокира Македонија во ЕУ. Новинарот Борјан Јовановски минатата недела учествуваше на една од нив и е охрабрен од „тонот“ во тамошната јавност.

„Пријатно ме изненади тоа што преовладуваат критички тонови во однос на оваа владина одлука. Но, тоа не значи дека интелектуалната јавност смета оти нема проблеми во односите меѓу двете земји. Преовладуваат мислења дека Бугарија треба да ја поддржи Македонија во напорите да започне преговори за членство во ЕУ, бидејќи токму тие ќе овозможат поефикасно да се решат проблемите кои ги оптоваруваат односите меѓу двете земји“,  вели Јовановски.

Антоанетa Приматарова од софискиот Центар за либерални стратегии, вели дека Бугарија ризикува да се најде во позиција на face saving - спасување на имиџот на Грција која е во слепа улица со ветото за името на Македонија. „Проблемите можат да се решат во рамките на претпристапните преговори на Македонија, кога Бугарија ќе има право да стави конкретни случаи на маса по секое од поглавјата за преговори“, смета Приматарова.

Свртени кон иднината

Бугарскиот премиер Борисов минатата недела побара од историчари од Бугарската академија на науки (БАН) и од универзитетите да подготват материјал на тема „Добрососедство со Македонија", кој на владата ќе и‘ помогне како аргументација во разговорите во Брисел.

Абдурахман Алити, поранешен македонски амбасадор во Софија, вели дека  Македонија и Бугарија имаат стратегиски интерес да имаат добри односи, но меѓу нив се провлекува недоверба заснована на предрасуди од минатото.

„Досега не е направен обид да се негира 'придонесот' на одредени кругови во двете земји, кои во време на кризи во меѓудржавните односи се трудат уште повеќе да ги заострат. Тие кругови се пред се‘ научни и публицистички“, вели Алити и предлага личностите и настаните од заедничката историја со договор меѓу двете земји заеднички да се чествуваат.

Во таа насока се и заложбите на министерот Поповски.

„На Балканот нема земји кои не делат заедничка историја. Погрешно е да се враќаме назад. Да не дозволиме минатото да ни определи како да се однесуваме во иднината“, порача шефот на македонската дипломатија.