1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Скопје-Софија: недоверба и стеротипи за длабока држава

13 јануари 2021

Иако во моментов владее впечаток дека напрегнатоста меѓу двете земји се намалува, зад сцената има обид да се одржи пламенот на разговорите, за да не згасне.

https://p.dw.com/p/3nqbe
Bulgarien Nordmazedonien  Boyko Borissov Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Нон-пејпер, акциски план, размена на коментари, патоказ за натамошно дејствување и соработка, има анекс, нема анекс... Колку изјави, толку различни термини ги следат обидите на Скопје и Софија да ги решат спорните прашања. Во интерес на процесот, информациите од средбите и размената на предлози се доста сиромашни. Специјалниот пратеник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски, во изјава за Бгнес потенцира дека „треба да создаде доверба меѓу владите и народите на двете земји“.

„Без разлика колку се интензивни моите патувања и средби, очигледен е интересот на двете земји да не се стигне до замрзнување на односите или на комуникација само преку медиумите и преку посредници. Нашата блискост како два народа и две држави со заеднички моменти во минатото и заеднички поглед на историјата, нè тераат да преземеме чекори за изнаоѓање решение, а ваквите работни средби се чекор напред кон решение“, изјави Бучковски.

Mazedonien Skopje Vlado Buckovski
Специјалниот пратеник на македонската влада за Бугарија, Владо БучковскиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasoski

И додека Бучковски говори за доверба, други се сомневаат дека таа ќе се изгради, поради една причина: „длабоката држава во Македонија“. Тој термин, кој во интервју за Бгнес го употреби поранешниот македонски премиер, Љубчо Георгиевски, сега се користи како аргумент за недоверба кон Скопје. Професорот Кирил Топалов, член на бугарскиот тим во заедничката комисија за историски и образовни прашања, за БНТ изјави дека неговите очекувања не се големи, бидејќи еден таков проблем каков што постои меѓу двете држави не се решева со една, две или пет посети на специјалниот пратеник. Тој смета дека решението на проблемот е минирано поради длабоката неискреност на длабоката држава.

„Една држава која е управувана од длабоката држава, односно од службите, во која сѐ е контролирано и насочено, таа на никаков начин не може да биде искрена“, смета Топалов.       

Меко присуство

Според изјави и анализи на јавни личности во бугарското општество, Бугарија останува на истите барања/очекувања од западната сосетка, но веројатно ја менува стратегијата – планира да го надомести она што го пропуштила во изминатиот период во сферата на образованието, културата и медиумите. Станува збор за стратегија на преминување кон таканаречено „меко присуство“, особено по збелешките дека во Северна Македонија нема ниедна бугарска телевизија, факултет/и, дека воопшто не се слуша и не е позната бугарската позиција. Веќе има сугестии Бугарија да инвестира во вистинската информација, а не да ја продава. Кирил Влчев, правен советник во бугарската новинска агенција БТА, пишува дека агенциските производи треба да станат доволно буџетски финансирани, за да не мора да се продаваат, туку бесплатно за стигнат до што поголем број корисници, во интерес на вистината за бугарската позиција.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Повеќе:

-Тролови од С. Македонија го билдаат рејтингот на Бојко Борисов во Бугарија

-„Еуроактив“: Бугарија ја менува тактиката кон С.Македонија 

-Пардју за ДВ: Заврши времето на малтретирање на С. Македонија

„Неразбирањето на бугарската позиција во однос на преговорите со Европската унија на Северна Македонија, покажува дека бугарската држава треба многу поактивно да ја користи националната новинска агенција - освен на дипломатите - за објаснување на нејзините позиции пред светот. Ова не значи пропаганда, туку искрено, навремено и непосредно претставување на Бугарија во странство, каде благодарение на емисијата на англиски јазик БТА стигнува најбрзо, а често е и единствената што стигнува. Смешно е оваа емисија да се продава на медиуми во странство, бидејќи Бугарија е во позиција да бара присуство во авторитетните медиуми, за кои таа ретко претставува интерес, а не обратно. Исто така е смешно - со цел за се доофинансира, со не толку многу пари, БТА да ги продава нејзините емисии на странски амбасади, бидејќи заради тоа околу една петтина од нив се откажуваат од најчистиот извор на информации за Бугарија и така пропуштаат да разберат инаку јасни пораки како таа во случајот со Северна Македонија - Бугарија бара од Скопје да ги остави мртвите да бидат тоа како што се самоопределиле, без да им пречи на живите да се самоопределат“, пишува Влчев, пренесен од „24 часа“.

Моќта на игнорирањето

Иако во моментов владее впечаток дека напрегнатоста се намалува, зад сцената има обид да се одржи пламенот на разговорите, за да не згасне.

Професорот и поранешен македонски амбасадор во Софија, Ѓорги Спасов, смета дека и двете земји имаат потреба од брзи резултати.

„Македонија би сакала да се направи некој исчекор кој би ја одоброволил Бугарија да го крене ветото за започнување разговори на земјава со ЕУ. А партиите во владината коалиција на Борисов би сакале, ако е можно пред нивните парламентарни избори во март годинава, да докажат дека со ветото и со силен притисок успеле да ја натераат македонската влада да прифати за почеток барем дел од она што тие го сметаат за историска вистина во постанокот на македонската нација и јазик. И двете земји се заинтересирани да демонстрираат пред другите членки на ЕУ дека дијалогот за спорните прашања не е прекинат и дека се прават напори од двете страни да дојде до некакво приближување на ставовите", смета Спасов.

Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Имајќи ги предвид барањата на бугарска страна испратени во објаснувачкиот меморандум до членките на ЕУ, според Спасов, не постојат какви било можности за приближување на ставовите по спорните прашања пред да се завршат изборите во Бугарија, ниту Софија да ни ја крене рампата за почеток на преговори. Во состојба на реална закоченост на процесот, за него е очекувано што земјава како заинтересирана страна за влез во ЕУ, прави одредени чекори со испраќање некаков акционен и временски план за реализација на одребите од Договорот. Целта е да се врати довербата на Бугарија и да се убеди дека двете земји можат да ги остварат своите интереси во определен временски рок, без Договорот да се менува или надополнува со некакви анекси.

„Но, официјална Бугарија и партиите од тамошната владина коалиција, наспроти тврдењето дека Бугарија е најзаинтересираната земја-членка Македонија да стане членка на ЕУ, се влезни во филмот на демонстрирање на ‘ароганција на моќта'. Тие сметаат дека како членка на ЕУ со право на вето за влез на други членки, имаа моќ кандидатите како Македонија ‘да ги цивилизираат, припитомат', да ги направат послушни да ја прифатат како вистинита само нивната приказна за постанокот на светот и нациите, да се покорат на нивните барања и со тоа да ја задоволат својата ‘психолошка потреба' - како што ќе заклучи сенаторот Фулбрајт во своето дело ‘Ароганција на моќта' - дека се поголема, подобра и посилна нација од останатите. Во определени моменти водачите на такви нации своите политички цели ги издигнуваат на ниво на мисии и сметаат дека е нивна света должност зацртаните цели да ги остварат со сите средства што им стојат на располагање. Но, често, вели Фулбарјт, земји што демонстрираат ароганција на моќ кон послабите, во некој период биле поразени и во извесна мера демонстрирањето моќ е во функција враќање на нивната ‘изгубена гордост'“, вели поранешниот амбасдор во Софија.

Спасов смета дека наспроти нашата желба за брзо членство во ЕУ, треба да сфатиме дека ова ќе биде бавен и болен процес во кој мора да бидеме наоружани со мудрст и со трпение, со желба на долг рок да се подобрува состојбата внатре во земјава и односите меѓу граѓаните на двете земји. Но, кога сме соочени со ароганција на моќ на некоја од соседните држави и на некои политичари во неа, според него, не е лошо да се практикува  „моќта на игнорирањето", која е отрезнувачка  и ги става на местото што го заслужуваат.