1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слаба излезност на косовските Срби на изборите на Косово

Е. М. Фиданоска / дпа/афп/бета.миа3 ноември 2013

На Косово се одржуваат локални избори, кои се во најголем дел бојкотирани од страна на косовските Срби. Има и информации за заплашувања. Сепак, генералната оценка за гласањето до 15 часот е позитивна.

https://p.dw.com/p/1AAwe
Фотографија: DW

Во деловите населени со Срби, одзивот на локалните избори на Косово е најмал. Агенцијата Бета, повикувајќи се на податоци од Централната изборна комисија, јавува дека до 15 часот во општина Звечан на избори излегле 7,39% од избирачите, во Лепосавиќ - 12,52%, во Зубин Поток 13,38%, а во Косовска Митровица 7,09% гласачи.

Далеку поголем е одзивот во Грачаница - 39,39%, во Ранилуг - 44,47%, Клокот - 48,29%, Штрпце - 45%, а во Ново Брдо - 40,50%.

Централната изборна комисија на Косово, пак, што се однесува до излезноста на избирачите во цело Косово, соопшти дека таа до 15 часот изнесувала 33,12%.

Германската агенција ДПА, во својата информација за локалните избори на Косово, јавува дека малкутемина српски избирачи кои излегуваат на гласање се застрашувани од екстремни групи кои пред избирачките места ги нарекуваат „предавници“. Освен тоа, тие и ги снимаат луѓето кои се одлучиле да излезат на изборите, јавува германската агенција ДПА. Се пренесува и изјавата на врвниот политичар на косовските Срби, Крстимир Пантиќ, кој зборува за тешки нерегуларности во текот на гласањето, од кои „е загрозен целиот изборен процес“. Според Пантиќ, Србите при давањето на својот глас биле спречувани од страна на албанското мнозинство. „Србите се заплашени, Тачи победува“, рече Пантиќ.

„Без дом и без надеж“

И покрај сите напори на официјален Белград да ги поттикне Србите на Косово да гласаат, според последното истражување на Програмата на ОН за развој (УНДП), околу 43,5% од косовските Срби рекле дека нема да излезат на избори. Српските хардлајнери на северот на Косово водеа активна кампања за бојкот на изборите. Претседателката на Централната изборна комисија на Косово, Ваљдете Дака, денеска изјави дека „некои групи не им дозволуваат на избирачите да го дадат својот глас“.

Kosovo Kommunalwahl 2013
Фотографија: AFP/Getty Images

Еден од оние што го поддржуваат бојкотот, Игор Војиновиќ, за агенцијата АФП рече дека одбива да гласа, затоа што „само така ќе се спаси српската држава“ во северно Косово. „Овие избори се само заради спроведување на договорот од Брисел, кој претставува предавство на српскиот народ и и‘ служи на владата да ја префрли одговорноста за тоа предавство врз овие луѓе овде“, рече Војиновиќ.

Драгица Церовиќ, пак, за разлика од Војиновиќ, за агенцијата АФП изјави дека ќе го даде својот глас „во надеж дека нешто ќе се подобри“:

„Ние сме како Палестинците, без дом и без надеж... Не се плашам да гласам и срамно е што не се проблем нашите соседи Албанци, туку повеќе Србите кои ни се закануваа“, изјави таа.

„Ова се слободни и историски избори за нашата нова држава, тие се европски тест за нас“, изјави косовскиот премиер Хашим Тачи откако го даде својот глас. Косовската претседателка Атифете Јахјага оцени дека локалните избори ќе бидат тест за политичката зрелост на Косово во потрага по мирот со Србија и за аспирациите кон евентуално членство во ЕУ. Таа истакна дека учеството на Србите на изборите, кое е прво по прогласувањето независност во 2008 година, ќе помогне во интегрирање на оваа малцинска заедница.

Прелиминарни резултати - утре

На Косово се отворени 798 избирачки центри со 2.366 избирачки места. Право на глас имаат 1.779.357 граѓани, кои гласаат за советници и градоначалници во 39 општини. Вкупниот број регистрирани гласачи надвор од Косово е 8.383. Од вкупно потврдените 103 изборни листи, 38 се албански, 33 српски, а останатите се листи на независни кандидати, како и на Бошњаци, Турци, Роми, Црногорци, Хрвати, Горанци и Ашкали. Изборите ги следат локални и меѓународни набљудувачи. За безбедоста на изборите се задолжени 5.500 косовски полицајци, а ангажирани се и меѓународните мисии ЕУЛЕКС и КФОР.

Kosovo Kommunalwahl 2013
Фотографија: DW

Првите прелиминарни резултати од денешното гласање се очекуваат утре, а официјални најдоцна до 6 ноември. Во вториот изборен круг, кој ќе се одржи на 1 декември, во општините каде ниту еден кандидат не ја освоил довербата на повеќе од 50 проценти на гласачите, ќе се гласа само за двајцата првопласирани, кои во првиот круг добиле најмногу гласови и со тоа добиле право да ја продолжат трката за градоначалник.