1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Славината за гас е повторно отворена

4 јануари 2006

Русија и Украина се договорија околу цената на гасот и го решија повеќедневниот спор, кој ескалираше со целосно запирање на испораката на руски гас за Киев.

https://p.dw.com/p/AcA6
Фотографија: AP

Се преговараше до раните утрински часови. Во 2 часот и 30 минути по московско време е постигнат компромис. Шефот на Гаспром, Алексеј Милер, претпладнево соопшти:

“Преговорите за Гаспром завршија успешно и ние сме сосема задоволни од постигнатите резултати. Од први јануари 2006-та година Гаспром на потрошувачите во Украина ќе им доставува гас преку фирмата Росукренерго. Постигнат е долгорочен договор од пет години. Почетната цена изнесува 230 долари за илјада кубни метри гас. Постигнат е и долгорочен договор за транзит на руски гас низ украинска територија. Транзитната такса изнесува 1,6 долари за илјада кубни метри гас на сто километри. Транзитните плаќања ќе се одвиваат само во облик на пари.“

Така Гаспром ја добива пазарната цена од 230 долари за илјада кубни метри гас. Но, не од Украина. Таа плаќа 95 долари. Факт, кој на почетокот предизвика иритации. Алексеј Ивченко од украинскиот концерн за гас, Нафтогас, објасни:

“Ние ќе купуваме гас со различно потекло, руско или централно- азиско, од Росукренерго. Цената ќе изнесува 95 долари за илјада кубни метри на руско-украинската граница. Притоа сакам да кажам дека цената на гасот и транзитните такси не се поврзани едно со друго. Ние гасот ќе го плаќаме со пари, а и Гаспром ќе ги плаќа транзитните такси исто така со пари. Сега мислам дека нашите односи се поставени на пазарна основа.“

Рускиот гас му се продава на трговецот посредник, фирмата Росукренерго. Таа фирма му припаѓа делумно на Гаспром, а делумно на австриска фирма, која веќе тргува со гас од Туркемнистан. Така, Украина купува руски гас заедно со евтин гас од централна Азија по цена од 95 долари за илјада кубни метри гас. Досега Киев купуваше гас по цена од 50 долари.