1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слики од лета скопски, дамнешни

19 август 2019

Константата на долгото скопско лето беа бутките со автомати за лимонада на кејот на Вардар, во кои се точеше пијалак со највештачкиот вкус, за кој само наивните деца беа уверени дека е оној на вистинска боровница...

https://p.dw.com/p/3O6fm
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Има ноќи во летата во Келн, кога небото до доцна не е темно, туку сивосино. Како да не се спуштил ноќниот мрак. Туку како  некоја сенка само малку да го засенила синилото. Долго ми требаше да се навикнам на тоа дека на Северот летната ноќ се спушта врз светот долго. И уште подолго по залезот на сонцето, небото  блеска со бледа синевина. Тоа небо напати буди чудна меланхолија. Слична на онаа во сликите на Каспар Давид Фридрих. Секој што се преселил во друга  географска ширина, не го навикнува само увото на нов јазик, а окото на нова, некогаш сосем поинаква околина. Сите негови сетила мора да се одвикнат и од „старите навики“. Долго окото ги бараше на видикот планинските превези, на кои беше навикнато во Скопје. Во Рајнската област нема високи планини. Преселбата, во таа смисла е речиси ново раѓање.

Во такви сивосини долги германски самраци, скопското летно небо, кое, кога бев дете, како вжештен темен облак се спушташе ненадејно врз земјата, ми се присторуваше  уште подалечно. Во истиот миг само при зборот лето во умот ми долетуваше миризмата на сувата трева крај скопските патишта. Веднаш ја чувствував и миризмата на прашината  додека како деца трчавме по патеките. Во тие скопски лета се‘ беше стишано во  пладневната жега. Дури и прашината се креваше под нозете бавно, мрзливо, како да ја будевме од попладневна починка. И исто толку поспано легнуваше и се лепеше врз кожата на нашите боси нозе. Не го сакав рапавиот допир на прашината врз нозете. Особено кога кожата ми  беше изгребана од високата сува, остра како сечило, трева крај патот. Додека потоа се миевме пред спиење, гребнатините ме печеа. Летата во Скопје пред земјотресот беа  бучни само до пладне. Потоа животот замираше под вжештеното небо. Колку посилно печеше небото, толку погласни беа штурците-жетвари во грмушките. И на тоа мора да се навикнат сетилата на преселникот. Во моите први германски лета топлината ми се чинеше непотполна. Нешто недостигаше.  Тоа беше „звукот“ на скопското лето – штурците-жетвари.

Глобалните климатски промени направија особено ова лето во миризмите на келнските улици, градини и дворови вистински да ги помирисам летата скопски, дамнешните. Додека минував напладне крај една градина, дури ми се пристори дека го чув звукот на „жетварите“.  А зошто не, си реков? Во едната од градините расте „анамска рака“ и здравец, како во Скопје. А  во градината крај малечката црква, има дури една и мушмула. Тогаш се прашувам кои се луѓето што ги засадиле. А во мене се раѓаат приказни за роман. Кусо пред полноќ, пред легнување, откако сите светла во станот се изгаснати, напати  постојувам некое време крај  прозорецот. Ме восхитува глетката на светот потонат во спокој. Две високи улични светилки блескаат цела ноќ под нашите прозорци. Само што имаше заврнато. Кус, топол летен дожд. Тенка пареа лебдеше врз улицата. Гледајќи во асфалтот, ми се стори дека го помирисав оној скопскиот, вжештен од денот, како се испарува, откако ќе поминеше „прскалката". Кога бевме деца трчавме по неа. И потскокнувавме кога ќе не допреше студениот млаз. Не знам дали по скопските улици уште  во летата поминува „прскалката". Паметам дека за нас децата таа беше „чудото“ на летото. Затоа нестрпливо ја чекавме. А кога некое од децата ќе ја здогледаше, трчаше низ улицата, викајќи, „иде прскалката“. И сите, и младо и старо, излегуваа во дворот. Децата трчаа на тротоарот. За да  ја видат „прскалката“. За да ги „избања и олади“. „Скопје беше тогаш добро организиран град,“ би ми рекла мајка ми, да е уште жива. „Животот беше скромен, ама се одвиваше со ред, домаќински.“ Колку е значаен тој ред за нормалноста на животот, најдобро знаат денешните Скопјани, чии деца сигурно никогаш не виделе „прскалка“.

Други колумни од Кица Колбе:

-Адорно, Кле и Бенјамин – спомен и шифра

-Во кој век живее Балканот?

-Силата на литературата

Во таа горешта келнска ноќ беа присутни сите летни миризби и слики скопски. Од тие лета дамнешни, од широко отворените прозорски крила на куќите, крај кои минувавме со родителите, додека тие нас, заспаните деца,  не носеа в раце или на грб, на враќање од  паркот, од летното кино, го слушав и сега шепотот на луѓето. Тие седеа внатре, во темница. И тивко си говореа! Напати од темнината на нечиј стан провејуваше само мирисот на цигара. Тој скришен шепот во мракот на нечиј дом за мене остана засекогаш шифра за убавата здодевност на  секојдневието. Тоа е убаво токму во неговата здодевност на секогаш истото. Секогаш истото во скопските дамнешни лета  беше „прскалката“. Таа ги ладеше скопските улици, кога ние, гимназијалките и студентките, кусо пред полноќ итавме преку плоштадот,  од корзото, кон  последниот автобус за дома. „Прскалката“ беше константата на долгото скопско лето. Како и  бутките со автомати за лимонада на кејот, крај Вардар.  Во кои се точеше освежителен пијалак со највештачкиот вкус, за кој само наивните деца беа уверени дека е оној на вистинска боровница или малина. И, сепак, уште го паметам.

Во сивобелиот самрак на келнското лето, ненадејно ми долета една одамна заборавена слика. Кога се сетив на неа, сфатив дека  тогаш прв пат слушнав германски јазик. Оној германски, на лошите Германци од партизанските филмови, повеќе звучеше како да e говор на роботи. Оној, пак, што го проговори еден млад човек, автостопер во една горешта скопска вечер, беше од „крв и месо“. Крај  патот кон селото Маџари, во летата  пред земјотресот, често во сенката под дрвјата седеа автостопери. Целта им беше напишана на парче картон, што го креваа високо, штом на видикот ќе забележеа автомобил. Athens, стоеше на картонот. Во едно горешто попладне, крај патот со часови седеше еден млад човек. И читаше. Русокос, со малечки тркалезни очила. Неколкупати погледуваше кон нас, децата, додека трчавме по прашливата патека  крај колодворот. И благо ни се насмевнуваше. Цело попладне не помина ниту едно возило. Само понекој камион, преполн со песок, од кој врз асфалтот течеа „шипурки“ вода. Некој од соседите му понуди шише со студена вода. Веќе се беше спуштил мракот. Одамна  и ние, децата,  се бевме измиле од правот. Во лесни летни „спаваќи”, тие што ги носевме и утрото кога тоа лето се тресеше и земјата, седевме на вечера во дворот. Пред да ја завршиме вечерата, се врати вујко ми  од градот. Ние, децата, раскажувавме за автостоперот крај патот. „А, тој уште седи таму! Ќе преспие крај патот. Може утре ќе има повеќе среќа“, се  насмеа вујко ми. Баба ми го погледна зачудено, го голтна залакот и рече: „Оди, викни го детето! Не можам да јадам ако знам дека тоа момче тука, во туѓа земја, ќе спие крај патот. Викни го. Да вечера со нас!“ По некое време вујко ми се врати. Зад него  полека, исплашено, одеше автостоперот. Моите роднини му понудија да седне со нас на вечера. Тој седна, а околу него се групираа  бабите, мајка ми и татко ми и другите роднини. Молкум вечераше. На трпезата кај  непознати луѓе. Ние децата потоа се скривме дома. Се срамевме пред него. Или родителите ни наредија да си легнеме. Паметам,  лежевме во темната одаја и си шепотевме за  туѓинецот. Слушавме низ отворениот прозорец како помладите роднини на мајка ми го прашуваа момчето од која земја доаѓа. „Ааа, Германија“, извика некој. Потоа тие во хор повторуваа германски зборови од партизанските филмови. А потоа говореше тој, младиот Германец. Со јазик, кој  ми прозвучи како музика. Како песните на Шуман што ги слушав од радиото. Мислам дека тогаш се вљубив во германскиот. Не знаејќи дека тој јазик еден ден ќе ми стане втор мајчин јазик. Другите деца спиеја, кога мајка ми и татко ми се прибраа дома. „Каде ќе спие момчето, кај баба?”,  ја прашав мајка ми.  „Не, не сакаше! Се срами, кутриот. Ќе спие во дворот. Тука, под прозорецот на баба ти“, рече мајка ми и ја затвори вратата зад себе. Ама прозорецот го остави ширум отворен. Се џагорев низ него  долго во небото преполно со ѕвезди. И тоа беше белегот на дамнешните скопски лета. Не можев да спијам, од возбуда, заради близината на „непознатото” во нашето обично секојдневие.

Утредента, иако станав рано, младиот Германец  веќе беше заминат. Некој од роднините рече дека тој бил  сигурно толку благодарен што му беше понудена скромната вечера, што не сакал ништо повеќе, од легло во дворот. Дури овде, во Германија, деновиве, додека се џагорев во блесокот на ноќта во  Келн, ми стана јасно зошто тој не сакаше повеќе од легло во дворот. Од  црнината на моите баби, од скромната вечера и од уште поскромното живеалиште, тој сигурно почувствувал колку голема беше нивната сиромаштија. Но, уште поголема нивната добрина! Од нивните милозвучни мајчински зборови на костурскoто наречје, тој ја почуваствувал нивната љубов  и сочувство за сите луѓе во неволја. Затоа што  имаше време кога и тие гладуваа и просеа за сомун леб, моите баби, егејските бегалки, беа спремни последниот залак да го поделат со непознатите. Како со тој млад Германец, пешки  на пат, кон јужните мориња. Таму, во земјата, преку чија граница тие само еднаш поминаа. И никогаш повеќе! Пешки, како што тој патуваше. Но, не како него, со копнежот по плажите крај Егејското море. Туку со страв и ужас од војната, барајќи спас и засолниште. Паметењето на скопското лето за мене е отсекогаш исполнето и со скришниот блесок на скромниот, но, истовремено толку достоинствен живот во егејското гето, во кое пораснав на крајот од градот.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.