1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слободата е заразна

3 февруари 2011

Знаците се недвосмислени: на Блискиот Исток врие. Расте незадоволството на народот, луѓето излегуваат на протести. Дали претстои „арапска пролет“?

https://p.dw.com/p/109rG

Паѓа еден моќник, веднаш потоа следи друг, па друг... Она што се случува во арапските земји наликува на ефект на домино-коцки. Но, споредбата лаже. Арапскиот свет опфаќа 25 држави со околу 360 милиони луѓе, а има малку работи кои ги поврзуваат, на пример, Либанците со населението во Катар или Мароко. Културните разлики се делумно огромни, а состојбите во сите земји различни. Не секој владател во Арапскиот регион е тоталитарен диктатор или клептократ.

На пример, Јордан. Земјата не може да се нарече слободна, оној кој се сомнева во легитимитетот на кралската куќа брзо завршува в затвор. Но, политичката атмосфера таму е поотворена отколку во Сирија. Дури ни најголемата исламистичка опозициска група не бара промена на режимот, туку само спроведување реформи.

Апропо Сирија - не значи несомнено дека таа ќе биде следниот Тунис, или Египет. Она што ја засилува позицијата на претседателот Башар ал Асад и му дава парче легитимитет на неговиот режим, е неговиот јасен став кон Израел. Асад е подготвен на мир, но само ако Сирија си ја поврати Голанската висорамнина. Дотогаш, Асад ги поддржува оние кои му пружаат отпор на Израел, чие однесување се толкува како агресивно. Египетскиот претседател Хосни Мубарак, напротив, соработува во одделни работи со Израелците и блокира еденипол милион Палестинци во Појасот Газа. Асад е на линија со јавното мислење во Арапскиот регион. Мубарак, на Тахрир-плоштадот е напаѓан како „ционист“ и „агент на ЦИА“.

Се‘ едно, вредностите за луѓето кои излегуваат на протести на улиците во Египет или Тунис, се општоважечки. Се работи за стремеж кон достоинствен живот, социјална праведност и можност за содејствување во политичките процеси. Тоа веднаш го разбира секој Арап и веројатно нема ниеден, кој нема да биде инспириран од сликите од Каиро или Тунис што го обиколуваат светот. Секој Арап веднаш врши споредба: како стојат работите во мојата земја? Во прашање е доведен стариот, закоравен арапски поредок, тој се наоѓа пред предизвик. Секој кој на својот народ со децении не му го дал она што го заслужува, сега се наоѓа под притисок.

Да се надеваме, секој од владетелите во Аман, Дамаск, Алжир и другите престолнини ја разбира пораката. Тоа што сликата за домино-ефект не е целосно соодветна, не треба да ги наведе на искушение да се обидат да ја избегнат бурата. А, Западот, да се надеваме, научи нешто - стабилноста е цел вредна за напори, а мртвиот мир е превисока цена.

Автор на коментарот: Карстен Кинтоп

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска