1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слобода на патување со ограничувања

В. Вилде-Д.Кауфман/Б.Георгиевски14 јануари 2013

Кубанците од денеска (14.01) можат послободно да патуваат во странство. За тоа им е потребен само пасош. Но, пасош не може да добие секој на комунистичкиот остров

https://p.dw.com/p/17JdZ
Фотографија: REUTERS

„Новиот закон всушност не донесува ништо ново, тој и натаму ја ограничува слободата на движењето“, вели Кубанецот Оскар Л., кој во разговорот за ДВ посака да остане анонимен. Владата на Раул Кастро од оваа година на своите граѓани им вети нешто сосема друго, имено олеснување на патувањата во странство.

Промените навистина стапија во сила. На Кубанците повеќе не им е потребна озлогласената „Бела карта“, дозвола за напуштање на островот, ниту пак покана од странство.

За патување е доволен пасош и виза од земјата во која се патува. Но за тоа кој смее да поседува пасош и натаму одлучуваат властите. А ним и натаму на располагање им стојат цела лепеза мерки со кои можат да го одбијат давањето патна исправа.

Меѓу другото, издавањето пасош може да се одбие во случај на „задржување на квалификувана работна сила во земјата“ или уште поопшто „заради заштита на јавниот интерес“.

Самоволие на бирократијата

„Ваквите правила отвораат пат за самоволие на државните службеници“, смета Ингрид Кумелс од Институтот за Латинска Америка на Слободниот Универзитет во Берлин. Таа смета дека новиот закон нема да донесе никакви промени.

Спротивно мислење имаат од „Пријателското здружение Германија-Куба“. Таму веруваат дека патувањето во странство за мнозинството граѓани на Куба ќе биде олеснето со исклучок на припадниците на некои дефицитарни професии како лекари и учители.

Prozess gegen Spanier Angel Carromero in Kuba
Фотографија: dapd

Но, како што верува Ингрид Кумелс, многу поголем проблем за островјаните е со што да патуваат?

„Само еден мал дел од привилегираните може да си дозволат патување во странство“, вели Кумелс. Притоа, трошокот не е само во патувањето, туку и во пасошот. Новата патна исправа од јануари годинава е двојно поскапа и за просечниот Кубанец чини недостижни 90 евра. Притоа таа треба да се обнови и повторно да се плати на секои две години.