1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слугата на Заев

31 март 2021

Дали беше политички паметна оваа претстава на бојкоти, блокади и лаги што неколку години ни ја режира Мицкоски и која прилично го подели македонското национално ткиво? Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/3rPGD
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Најнапред, дозволете ми, пред да ја споделам мојата политичка анализа, да подвлечам дека е добро што најпосле лидерите на најголемите политички партии во земјава најдоа заеднички јазик и почнаа цивилизирано да разговараат и да постапуваат. Горчлив шмек на целата работа даде фактот што повторно продуцираа чувство дека демократијата во земјава не е ништо друго туку разбирање помеѓу двајцата поглавици и зависи директно од нивната волја. Надвор од парламентот и институциите повторно промовираме вон-институционална демократија и суспендирање на институциите. Но, како и да е, ќе повторам, добро е што барем институциите се деблокирани и добро е што по долго време видовме политика базирана на дијалог наместо на навреди и омаловажувања.

Големата победа?!

Сега дозволете да ви го претставам моето политичко видување. Ќе започнам со прашањето: Кој е сега слугата на Заев? Ова, затоа што десетици луѓе од ВМРО ми пишаа или се јавија со ова прашање по сензационалната лидерска средба на Заев и Мицкоски. Велам сензационална, зошто само пред некој ден, а по онлајн средбата со г-динот Палмер, го видовме Мицкоски на една национална телевизија разјарен, навидум сигурен и бескомпромисен како јавно се закани дека нема да биде конструктивен, како ВМРО нема да биде конструктивна опозиција и нема да поддржи ваков попис. Цела вечер потоа не можевме ФБ да отвориме, а да не ни се сервира каков лав бил Мицкоски вечерта на телевизија. Билдање его, ништо друго, јасно ми е. Проблемот е што само два-три дена подоцна лавот стана маче. Седна да преговара со Заев и сé му прифати. Веројатно, единствено според него, извојува огромна победа што го одложи пописот. Ајде да се потсетиме, за пописот на Мицкоски не му беше проблем само состојбата со Ковидот, која за волја на вистината е исклучително неповолна и беше сериозна и рационална причина за одлагање на пописот,  туку причина за одлагање му беше и потребата за нова методологија и промена на законот за попис.

-претходни колумни од авторот: Да му дадеме уште една шанса на Мицкоски

Дополнително, да потсетам, проблемот со клинички на Мицкоски му беше суштински, а меѓу другото го сметаа овој проект и за криминален. Исто така да потсетам дека барањето за фингерпринт, односно за утврдување на идентитетот на гласачите со отисок од прст го имаме ставено во Изборниот Законик на наш предлог (на предлог на ВМРО, чиј преговарач во тоа време меѓу другите бев и јас) уште во 2013 година, кога ние бевме власт, а СДСМ опозиција. Одложената примена на законот беше најмногу по барање на албанските политички партии, а подоцна и со одобрување и на Мицкоски, па јасно е дека помеѓу ВМРО и СДСМ никогаш немало суштински разлики по ова прашање.

Затоа, секој кој малку се разбира од политика се прашува што е причината за триумфализмот на Мицкоски и преставување на оваа сензационална средба како голема победа на Мицкоски во однос на Заев?

Ајде накратко да анализираме.

Одложување на пописот

Пописот. Заев имаше прилично голем товар со пописот. Требаше да се спроведе во време на страшно голем број на заболени, во време кога масовната вакцинација сеуште не е почната со задоволително темпо, во ситуација кога голем број на граѓани кои го немаат прележано вирусот со право се плашеа да ги пуштат попишувачите во своите домови. Се наслушна и дека и софтверот за пописот сеуште не бил целосно оперативен. Ова сето на Заев му беше јасно и знаеше дека мора да го одложи пописот. За тоа да го направи без голема политичка штета, му требаше кој друг, ако не Мицкоски. Заев, прилично лукаво смисли како поразот од повлекувањето од пописот односно поразот од неговото евентуално спроведување да го наплати во своја корист. Па така, тоа што мораше да го направи (одложување на пописот) го трампаше за она што Мицкоски не мораше да го направи.

-претходни колумни од авторот: Манипулант

Заев го одложи пописот кој немаше шанси да го спроведе и кој доколку започнеше во април како што беше планирано ќе беше тотално фијаско. Заев тоа лукаво го изигра, а Мицкоски повторно тоа не го сфати, па наместо да го остави Заев да се дави во сопствената кал, широкоградо му помогна на Заев да се спаси. Исто така, многу е веројатно дека ни на крај памет на Мицкоски не му паднало тоа дека на Заев му одговора во наредниот период да се збори за успешната масовна вакцинација која со сигурност ќе оди со забрзано темпо во наредните месеци, а не за пропаста на лошо организираниот попис. Брилијантно за едниот, аматерски за другиот. Или не? Ама за тоа подоцна.

Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Зоран Заев и Христијан МицкоскиФотографија: Regierung der Republik Mazedonien

Жеден преку вода

Се друго на сензационалната средба на која лавот предеше како маче, беше во корист на Заев. Како што претходно елаборирав и одложувањето на пописот беше во корист на Заев, ама бидејќи Мицкоски тоа не го сфаќа и смета дека тој победил и успеал во нешто, еве ќе го оставиме да верува во тоа. Што доби Заев? Заев доби одблокирање на Собранието, изградба на Клинички, гласање со користење на технологија за проверка на идентитетот преку отисок од прст, една изборна единица (ова е и изборно ветување на Заев), отворени листи.  Во однос на барањето на ВМРО, изборите за градоначалници да се спроведуваат само во прв круг доколку има доволно мнозинство за тоа, се договориле да се оформат работни групи во Собрание кои ќе разговараат за тоа. Е ова последното е дефиниција за тоа што значи некој жеден да те пренесе преку вода. Па и сега во постојниот изборен законик е предвидено дека градоначалникот се смета дека е избран во првиот круг и нема да има втор круг доколку кандидатот за градоначалник освоил мнозинство гласови од избирачите кои гласале доколку на изборите гласале 1/3 од запишаните гласачи во избирачкиот список (чл.132 ст.1 од ИЗ). Ова ме потсетува кога Мицкоски не знаејќи дека за носење на изборниот законик не е потребно 2/3 мнозинство туку обично мнозинство во парламентот, мислеше дека ќе го уценува Заев со тоа. Ајде тоа беше на почеток на мандатот на Мицкоски како претседател на ВМРО, па го ставивме во кошот- млад е ќе научи. Ама сега после 4 години лидер на партија и после неколку изборни циклуси (додуша сите до еден порази за ВМРО) ова да не го знае е прилично чудно. Или не е?  Ама и за ова подоцна.

Политички Худини

Сега да резимираме. Заев беше на праг силно да се избламира со пописот. Пописот ќе му ја уништеше целата позитива која ќе ја добие со масовната вакцинација и отворањето на границата кон Грција за граѓаните да можат да одат таму на летување. Затоа одлучи скапо да го наплати тоа од што со сигурност јако ќе губи. Политички Худини, Коперфилд или Фу-Манчу? Од другата страна маче што мисли дека е лав. Чивава што мисли дека е Доберман. Наместо Заев да губи од лошо организираниот попис, ќе добие од масовната вакцинација, изградбата на клинички, реализирање на своите изборни ветувања, пакетот економски и финансиски мерки за граѓаните и фирмите, одблокирање на парламентот, отварање на границата кон Грција. Од другата страна Мицкоски ќе се обиде поразот да го прогласи за победа, ама тоа ќе му трае една ноќ, до сабајлето кога тие околу него ќе сфатат и ќе му кажат каква глупост направиле и како повторно ги превеслаа. Или не.

-претходни колумни од авторот:Мицковски во ВМРО, СДСМ на власт 

Е сега драги мои да Ви кажам што е тоа што го оставав за подоцна во оваа колумна. Дали се сеќавате кога ви велев дека Мицкоски е омилениот ВМРО-овец на Заев. Епа тоа е! Или не. Можеби па Заев е омилениот СДСМ-овец на Мицкоски. Како и да е останува фактот дека се додека Мицкоски е претседател на ВМРО, Заев ќе биде Претседател на владата. Ако сакате Заев да си оди, мора прво Мицкоски да си оди.  Едноставно е, поинаку не може. Но, еве за крај заради билдање на никогаш ненабилданото его, да честитам и да оддадам признание: нека е со среќа големата, триумфална и историска победа на Мицкоски над Заев.

На крај, размислете, дали беше политички паметна оваа претстава на бојкоти, блокади и лаги што неколку години ни ја режира Мицкоски која прилично го подели македонското национално ткиво, ги раскара луѓето, внесе омраза во политиката, ги подели вмровците и внесе раздор во партиските редови, за на крај така сензационално да ретерира. Затоа со право многу искрени патриоти си го поставуваат прашањето, ќе има ли крај на бламажите на ВМРО од страна на Мицкоски?!