1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто сѐ уште има зимско и летно сметање на времето

ЕМФ | дпа
27 март 2021

Требаше да биде укинато одамна, а сепак и натаму имаме летно и зимско сметање на времето. Зошто?

https://p.dw.com/p/3rGgt
EU Zeitumstellung
Фотографија: picture-alliance/blickwinkel/McPHOTO/C. Ohde

Секои шест месеци ист ритуал: стрелките на часовниците се поместуваат зависно од тоа дали настапува зимското или летното сметање на времето. Ноќва во два часот стрелките би требало да се поместат за еден час нанапред, зашто почнува „летното време“.

Притоа, годинава всушност ваквата пракса требаше да биде укината. Во 2018 година Европската комисија ги праша граѓаните на ЕУ што мислат на оваа тема. Резултатот од онлјан-анкетата: 83% се изјаснија за укинување на промената од зимско во летно сметање на времето. Во Германија има особено многу приврзаници на ваквата идеја. Учесниците во анкетата како причина за својот став да се укине промената на сметањето на времето наведуваа дека тоа им предизвикува здравствени проблеми. Тогашниот шеф на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во 2018-та објави: „Промената на сметањето на времето ќе биде укината“. Европскиот парламент за тоа гласаше во 2019 година, а одлуката треба да биде спроведена во 2021-ва.

Повеќе: ЕК ќе предложи укинување на различното сметање на времето

Што се случи оттогаш?

Оттогаш работите речиси мируваат. Топката сега е кај 27-те земји членки на Унијата, велат од Европската комисија. Тие мора да се усогласат и да кажат дали и во иднина работите ќе останат какви што се, или ќе се менуваат. Досега владите на земјите членки на ЕУ немаат заеднички став. Тоа ги лути и пратениците во Европскиот парламент. Неговата потпретседателка Катарина Барли за весниците од медиумската група „Функе“ изјави дека оваа тема е пример за тоа колку често законските иницијативи пропаѓаат во Советот на ЕУ и земјите членки.

Повеќе: Еден час повеќе и - внатрешниот часовник е изместен

Кој е германскиот став?

Германската влада го остави ова прашање настрана додека претседаваше со ЕУ во втората половина од минатата година. Портпаролка на германското Министерство за економија вели дека е неопходно Европската комисија да направи проценка на последиците од евентуалното укинување на зимското и летното сметање на времето. Од Комисијата пак одговараат дека таква проценка не е неопходна.

Германските граѓани имаат јасен став. Според репрезетнативно истражување на Високата техничка школа Оствестфален-Липе и институтот за истражување на пазарот Мо'веб, мнозинството бара трајно летно сметање на времето. Тоа значи дека назима подолго би било темно наутро, а навечер пак би било подолго светло.

Повеќе: Кога конечно ќе се укине промената на сметањето на времето?

Дали се гледа крај?

Во моментов со ЕУ претседава Португалија. На прашањето дали оваа земја ќе го стави проблемот на разгледување во текот на своето претседателство, нема одговор. Значи, ништо не се знае. Мнозинството Германци веќе имаат загубено верба: 63% од испитаниците го имаат отпишано решавањето на ова прашање во догледно време, покажува истражувањето на институтот Форса.