1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртната казна за бугарските медицинари во Либија е преиначена во казна доживотен затвор

18 јули 2007

Синоќешното решение на Врховниот судски совет на Либија беше навестувано. Претходно беше постигната согласност за обесштетување и започна исплата од по еден милион долари за секое заразено дете.

https://p.dw.com/p/BJKq
Врховниот судски совет на Либија: новинарите во оечкување на пресудатаФотографија: AP

Два дена траеше неизвесноста и чекањето на расплетот во осумгодишната драма на за петте бугарски медицински сестри и лекарот - Палестинец, осудени поради заразување на 400 либиски деца со вирусот на сида. Во првата реакција на Осман ал-Бизанти, адвокат на бугарските медицински сестри, олеснување – но не и вистинска радост: “Позитивното е дека барем е укината смртната казна, ќе нема егзекуции. Но, доживотен затвор е тешка пресуда. Ме теши дека осудените можеби сепак еден ден ќе можат да се вратат во својата земја, со што би бил решен дел од кризата”.

Судиите го донесоа решението откако синоќа претставник на околу 400 семејства на жртвите јавно изјави дека сите роднини би се откажале од барањето за смртна казна. Според адвокатот, тоа откажување правно не е услов, оти странците се судени според кривичното право, а само во шеријатот (исламското право) има можност за суспензија на смртна казна ако од неа се откажат роднините на жртвата. Но, за Врховниот судски совет, политичко тело кое единствено е овластено да укинува или менува пресуди, согласноста на семејствата беше битна основа за решението. Покрај тоа, ЕУ вети дека и натаму ќе уплатува пари во фонд за лекување на инфицираните деца.

За осудените претстојат натамошни преговори: “Меѓу Бугарија и Либија има Договор за екстрадиција. Но, прво мора да започнат преговори за тоа каде шестемина странци сакаат да ја издржуваат затворската казна”, вели адвокатот Осман ал-Бисанти. Преговорите можат да започнат веќе денеска. Од евентуалната согласност ќе профитира и лекарот-Палестинец, кој од јуни годинава има бугарско државјанство.

Со синоќешното решение Либија се извлекува од осумгодишната афера, зачувувајќи го образот на своето правосудство. И да им биде дозволено на осудените да ја напуштат земјата, за Либија останува факт дека тие се виновни за намерно заразување со вирусот на сида на 438 деца во една болница во Бенгази.

Бугарскиот министер за надворешни работи Ивајло Калфин го означи преиначувањето на смртната казна како “голем чекор во добра насока”, но рече дека досието ќе биде затворено дури кога осудените ќе и’ бидат израчени на Бугарија. Врховното обвинителство на Бугарија најави дека веќе денеска ќе поднесе барање за израчување, откако властите на Либија објавија дека осудените ќе можат да ја издржуваат казната во својата матична земја. Бугарскиот претседател потоа има овластување да ги помилува од натамошно издржување на казната.

ЕУ, САД и францускиот претседател Никола Саркози го поздравија решението на либискиот Врховен судски совет и апелираа до либиската влада да им овозможи враќање во нивната земја.