1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Смртоносен пожар во станбена зграда во Париз

СН/ агенции
5 февруари 2019

Во пожарот кој ноќеска избувна во станбена зграда во Париз, според последните информации, загинале 8 луѓе, а најмалку 28 се повредени. Полицијата отвори истрага за пожарот и уапси жена која живеела во зградата.

https://p.dw.com/p/3CijR
Frankreich Brand in Paris
Фотографија: picture alliance/dpa/AP/Pariser Feuerwehr

Пожарот избувнал ненадејно во осумкатната зграда на улицата Ерланже во добростоечкиот 16-ти арондисман на Париз. Околу 200 пожарникари во текот на целата ноќ се бореа со огнената стихија и сѐ уште трагаат по можни преживеани или евентуални преостанати жртви и повредени. Исто така, евакуирани се и неколку околни згради на улицата Ерланже во францускиот главен град. 

Frankreich Brand in Paris
Фотографија: picture alliance/dpa/AP/Pariser Feuerwehr

Портпаролот на противпожарната служба на Париз изјави дека дваесетина станари се спасиле, така што излегле од прозорите и се качиле на покривот на зградата. Причините за пожарот сѐ уште не се соопштени, но парискиот јавен обвинител  Реми Хајц, кој го посети местото на несреќата, објави дека една жена е уапсена и оти е покрената истрага за можно подметнување на пожар. Приведената жена била станарка на опожарената зграда, но Хајц не наведе повеќе детали за причините за нејзиното приведување.