1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Снег на цвет, вирус на човек

24 март 2020

По епидемијата,се разбира, ако ја пребродиме, ќе мора сериозно да се нафатиме со учење од првата лекција што е тоа парламентарна демократија и владеење на правото, оти тоа очигледно никогаш не сме го научиле како треба.

https://p.dw.com/p/3Zwql
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Не поминаа ни три дена од пролетта, а неколку сантиметри снег ги „попари“ расцветените градини и овоштарници. Природата, некои велат лошата баба марта, други велат Господ, но кој и да е, не ни даде снег цела зима кога најмногу ѝ требаше на земјата по повеќемесечната суша, туку ни се случи наеднаш снеубавена пролет. Падна мраз на цвет, смртоносен вирус на човек.

Снегот се топи бргу, од тоа освен штети ќе има и аир, ќе се наполнат колку толку  празните езера, жедната земја ќе се напои, а овошје ќе донесат трговците. Тие што ќе се спасат и ќе преживеат ќе го платат. Животите на починатите немаат цена, тие нема да се вратат. Кога требаше да се радуваме на една сосема поинаква долгоочекувана пролет, на почеток на прогресот и на европезацијата на Македонија конечно да тргнеме кон остварување на сонот на повеќе генерации, макотрпно да работиме наредните десетина години за нашите поколенија еден ден да станат  дел од европското семејство не нападнаа наеднаш повеќе вируси, еден смртоносен дојден од Кина преку Европа, другите се автохтони, домашни, сезонски и редовни, мутирани и неуништливи. Нив снегот не може да ги сотре, ни тогаш кога натрупуваше по цел метар, а уште помалку сега кога се е на вид  виделина.

Има и наши микроби

Секоја година нашите микроби заразуваат се повеќе луѓе со примитивизам, провинционализам, лажен патриотизам, ужасен партизам, клиентелизам, популизам.... додуша не се умира од овие паразити ама со голема сигурност  се добива шап и лигавка. Има и други наши вируси кои предизвикуваат постојана епидемија од криминал, мито и корупција, беда и сиромаштија. Ако на тоа сте рамнодушни и не ви пречи, или ако ги препознавате симптомите само кај другите, а не и кај своите, тоа е сигурен тест дека сте и вие заразени, или како што велат лекарите- позитивни. Кај ли го најдоа овој збор позитивни за заразени , а негативни за здрави. Така вели науката, а во животот е обратно. Кога ќе кажат негативни постојано се штрекнувам наместо да се радувам. 

Сите текстови, видеа и фотогалерии за коронавирусот на едно место

Пролетта во политиката е нај (зло)употребуваната метафора, мошне примамлива и омилена во сите општествено-политички системи  почнувајќи од антиката и робовладетелското општество, преку  феудализмот, инквизицијата и најтврдите  режими и диктатури, преку фашизмот и нацизмот, до бољшевизмот и комунизмот,  па се до најразвиените парламентарни демократии. Политичките пресметки за освојување и за задржување на престолот и на власта почнуваат со пропагандите за подобра „клима“, за побезбеден и подобар живот, за промени, за будење на народот, за земање на судбината во свои раце, за почист воздух и уште милион асоцијации со пролетта која по зимата ги носи најголемите промени во природата.

Во војна со пижами

Оваа снежна и вирусна пролет во Македонија, заспана во полициски час, разбудена во снег и во вонредна состојба, најкорисни ако сме дома во пижами за заштита на животите на граѓаните, ќе остане во колективното памтење како што кај нашите генерации останаа скопскиот земјотрес, поплавата, епидемијата од вариола вера. И тогаш имаше нешто како полициски час и вонредна состојба.  

Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Извештаите на Венко Филипче граѓаните ги гледаат и слушаат загрижено како и соопштенијата на лекарскиот конзилуим од Љубљана 1980 година за здравствената состојба на Тито. Историскиот инстинкт им кажуваше дека ако замине Маршалот од овој свет ќе ја снема и Југославија. Така и би. На современиците и наследниците во седумте нови држави им остана, и по 40 години, и по неколку крвави војни со стотици илјади жртви и најголеми разорувања по Втората светска војна во Европа, уште да расправаат кој е повеќе виновен, или заслужен за тоа. Од тие војни се извлековме со малку човечки жртви во кризните жаришта загинати надвор од Македонија, која ја избегна војната со мудроста на првиот претседател Киро Глигоров. Но економските загуби беа огромни и по цели 30 години ненадоместливи. Како ќе се извлечеме од оваа војна уште никој не знае, останува да се надеваме дека ќе поминеме со најмалку починати ако бидеме дисциплинирани и ги почитуваме наредбите за изолација од вирусните жаришта.

Наш и европски „Маршалов“ план

Економијата, сосема извесно, веќе претрпи огромни штети. Само прифаќањето на доброосмислени, брзи и праведни мерки, но сепак потпрени на економски закономерности, дури и кога станува збор за директна помош и субвенции, а не на клиентелистичко, популистичко и коруптивно делење пари и привилегии, може да помогне да преживеат најпогодените дејности и компании. Тоа би бил наш  „Маршалов“ план за спасување на економијата.

Други колумни од Ерол Ризаов:

-На мака се познаваат јунаците

-Трите најголеми опасности за изборите

-Ќе му ја скинеме ли главата на петелот?

Паничното гаснење пожари и исполнување на напумпани желби со протекционистички, политичко партиски местенки ќе предизвика уште потешки последици и економски колапс со несогледливи последици. За спречување на овие „воено“ профитерски злоупотреби мора соодветно на вонредната ситуација да бидат донесени законски уредби со драконски казни како што се веќе споменатата национализација, конфискација на имотот и затворски казни.

Најзначајната помош за реструктуирање на целото стопанство треба да уследи подоцна со вклучувањето и на Македонија во новиот „Маршалов“ план за обнова на Европа, но овојпат по се изгледа без поддршката на Америка за помош на Европа како по Втората светска војна. Фондовите за солидарност на ЕУ, на што веќе се работи, ќе добијат нови димензии поучени  по оваа катастрофа која ги покажа сите слабости на ЕУ и егоизмот на повеќето нејзини членки. Несфатливо е во Италија, по колапсот на еден од најразвиените региони на Европа- Ломбардија,  прво да стаса помошта од Кина и да воведуваат ред по италијанските градови  војници од  Русија, додека бирократијата во Брисел е блокирана повеќе од наредбите од националните централи и лидери отколку од вирусот.

Предупредувањата на шпанскиот премиер Педро Санчез дека економската пропаст на некои членки ќе ја урнат цела ЕУ, не се само патетични апели, туку многу сериозни опомени. Педро Санчез ја повика Европската Унија да го искористи сопствениот „Маршалов план“, опишувајќи ја програмата за јавни инвестиции способна да се спротивстави на длабокиот економски удар од кризата.  „Европа е во војна против коронавирусот. И ние мора да одговориме со сето наше оружје, со сите наши алатки“.

На македонските политички лидери, но и на граѓаните и интектуалните елити е да ја сфатат ситуацијата крајно одговорно, да ги закопаат воените секири во битките за власт и да ја придвижат Македонија што побрзо кон европското семејство. Преговорите со ЕУ и членството во НАТО не можат да ја заобиколат Македонија од европските фондови и од новите мерки кои неминовно ќе уследат бидејќи се од интерес на сите земји членки и на тие што се во преговори. Интеграцијата со ЕУ можат да ја забават само партиските пресметки и надмудрувања и при вонредна ситуација се во насока да се обезбедат подобри предизборни позиции.

Во борба не се оди со писма и условувања

Подавањето рака на Христијан Мицкоски со отворено писмо и конференции за печат е чисто лицемерие. Во борба не се оди со писма и со поставување  услови. Кога се оди како доброволец во војна против заеднички непријател нема условувања и партиски предлози, туку заедничко учество и извршување на наредбите на стручните тимови од јавното здравство и од владата.

Повеќе:

-Мицкоски: Заврши медениот месец на Филипче!

Во оваа војна и во јавното здравство и во полицијата и во армијата и во владата и во сите институции на државата има голем број членови и симпатизери на ВМРО ДПМНЕ на одговорни места кои учествуваат во спроведувањето на мерките кои имаат законска сила. Активноста на Мицкоски наликува на партиско предизборно позиционирање на раководството на ВМРО ДПМНЕ кое ништо друго не работи туку трча од медиумум на медиум и упорно предлага паралелен систем во одбрана на загрозеното здравје на граѓаните. Некој од неговите најблиски соработници треба да му каже дека во земјата е прогласена вонредна состојба и на негово барање, иако со задоцнување го кажа тоа кога веќе беше подготвена таквата одлука.

Nord-Mazedonien Hristijan Mickoski VMRO DPMNE Parteivorsitzender
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Мицкоски секојдневно ги повторува мерките како партиски предлози иако добар дел од нив веќе се на сила. Дали му е познато колкава штета нанесува со заострување на условите за добивање на заеми ако продолжи да лицитира секој ден со милиони евра за да стаса до милијарда? Утре ќе бара две милијарди и така додека не стаса до пет милијарди евра колку што направи долгови  ВМРО ДПМНЕ во ерата на „груевизмот“. При секои избори и при секоја криза правеа по неколку стотици милиони евра борчови.

Вонредната состојба подобра од редовната!?

Она што навистина загрижува во ова време на просветна, или како што уште се нарекува уставна вонредна состојба, со ограничувања на парламентарната демократија, е фактот што таа, може да се покаже дека во Македонија е подобра од редовната состојба, дури и да нема епидемија од коронавирусот. Дали таа примамливост е резултатна тоа што како народ сме наклонети на авторитарни режими, најдобро функционираме во страв, или пак имаме сосема искривена слика за одговорноста и владеење на правото во извитоперената македонска парламентарна демократија која повеќе подразбира секој да прави што сака, да ја злоупотребува власта и своите овластувања, отколку почитување на законите?

Повеќе:

-Што се случува во ВМРО-ДПМНЕ?

Изгледа дека и од двете работи има прилично напластени заблуди. По епидемијата, се разбира, ако ја пребродиме и преживееме, ќе мора сериозно да се нафатиме со учење од првата лекција што е тоа парламентарна демократија и владеење на правото,  оти тоа очигледно никогаш не сме го научиле како треба. Особено сега откако видовме и се уверивме на трагичен начин колку длабоко сме заостанале закопани  во примитивизмот, провинцијализмот, омразата,   нетрпеливоста и алчноста за голема жал и кај тие што претендираат да управуваат со државата.