1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Снежниот бран стигна во Македонија

5 јануари 2017

Во продавниците деновиве најбарани се греалките и гумените чизми. Поради препораки за неизлегување, повозрасните од вчера создаваат мали резерви на основни прехранбени продукти.

https://p.dw.com/p/2VJTc
Winter in Mazedonien 2012
Фотографија: Makfax

Македонија утрово се разбуди под снег, кој паѓа со несмален интензитет. Предупредувањата од метеролошката служба за голем снежен бран кој од денеска ќе ја зафати земјата и ќе биде придружуван со температури до минус 22 степени, ги смени предбожикните навики на граѓаните. Маркетите вчера беа полни со купувачи, кои поради страв од леден дожд, поледици и неможност за излегување од домовите неколку дена, од вчера почнаа да создаваат мали резерви на основи прехранбени продукти.

„Живеам сама. Децата ми се во Италија. Требаше да дојдат за Божик, ама поради предупредувањата за снежно невреме, го откажаа доаѓањето. Мора да купам храна за повеќе денови и да се снабдам со лекови. Не знам дали ќе можам да излезам ако падне многу снег, а нема кој да ми купува. Не советуваат да седиме дома, и поради студот, и поради опасност од поледици“, вели пензионерка од скопската општина Кисела Вода. 

Во продавниците деновиве најбарани се греалките и гумените чизми.

„Користиме печки на електрична енергија, ама ако падне многу температурата како што најавија метеоролозите, ќе ни треба и дополнително грејно тело. Купивме мала греалка. Сега останува да се надеваме дека системот нема да падне поради преоптоварност, доколку и оние што користат парно почнат да се догреваат на струја“, стравува жител на општина Центар. 

Kältewelle Europa Skopje Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сет мерки за заштита

Управувачкиот комитет за кризи пред два дена донесе повеќе заклучоци и мерки за справување со очекувани ризици, поврзани со снабдувањето со електрична енергија, движењето на сообраќајот, здравјето и водоснабдувањето. Договорено е ЕВН да формира тимови со зголемена мобилност и оперативна подготвеност кои треба да реагираат во случај на нарушување на системот за снабдување со електрична енергија. Екипите на ЈП „Македонија пат“ се подготвени за реакција на определени критични точки на патиштата, а доколку се појави потреба - ќе биде забрането движење на тешки транспортни возила на определени релации. Се апелира граѓаните ако немаат особена потреба да не патуваат во текот на викендот, транспортерите да ги одложат турите доколку тоа не им предизвикува економска штета, а оние кои сепак ќе се решат да патуваат да поседуваат зимска опрема, пакети за прва помош и определено количество вода и храна. Со препораки се јави и Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството за здравство. Сите здравствени установи треба да имаат доволно кадар, лекови, санитетски материјал и сместувачки капацитети за евентуалено зголемен број на лица со повреди  поради лошото време, а службите за Итна медицинска помош да бидат доекипирани со повеќе тимови и возила. Патронажната служба во соработка со Министерството за труд и Црвениот крст навреме треба да ги посетат сите лица кои што живеат сами, да им достават, храна, лекови и огрев, и да обезбедат сместување за бездомниците. Капацитетот на скопскиот Центар за бездомни лица во Момин Поток требаше да се зголеми за околу 50 легла, и да се направи план за згрижување на бездомните лица и во другите градови. Препорачано е возрасните лица и хронично болните да не излегуваат од дома, а доколку мораат тоа да го сторат во краток временски интервал, и тоа во периодот меѓу 11 и 16 часот. Упатено е предупредување до работодавачите да внимаваат работата да биде во потоплиот период од денот, не рано наутро и доцна навечер, а работниците да прават паузи на секои 2 часа во топли простории со топли напитоци. Градоначалниците на сите општини во земјата презедоа локални мерки за справување со можните ризици од невремето, со обезбедување дежурни телефони за пријавување проблеми. Во Скопје, оние кои имаат потреба од медицинска или друга помош може да се јават на броевите 194 во Итната помош, 195 во Центарот за управување со кризи и 3139 578 на Црвениот крст.

Der Blick aus meinem Fenster Sofia
Фотографија: Evgenija Ruseva

Подготвени и во соседството

Слични подготовки се направени и во соседна Бугарија, која исто така е зафатена од снежниот бран. Голем број од македонските туристите ги откажуваат аранжманите во зимските центри во Бугарија или ги поместуваат за десетина дена подоцна. Тамошните власти деновиве подготвија сет мерки за справување со последиците од снежното невреме. Над 3.000 машини за чистење снег се подготвени за расчистување на патиштата во Северна и Североисточна Бугарија каде се очекува снежната покривка да достигне од 50 сантиметри до еден метар, и да има северни ветрови со брзина над 20 метри во секунда, кои можат дополнително да создадат снежни наноси на патиштата. Премиерот во оставка Бојко Борисов за време на вчерашната седница на владата ги задолжил обласните управители и градоначалници на општини да бидат подготвени за евакуација на граѓани доколку се покаже потреба од тоа. Испратена е порака до граѓаните да се откажат од патувања во наредните денови, особено во планински предели каде патиштата може да станат тешко пристапни. Денеска и утре е откажана наставата во училиштата, а во недела ќе се решава дали таа состојба ќе продолжи. Во состојба на готовност се ставени сите обласни дирекции, пожарни и служби за чистење на патиштата, армијата и тешката механизација, а двојно се зголемени екипите за реакција при пад и дефекти на енергетскиот систем. Во некои градови, најдоцна до вечер треба да бидат хоспитализирани пациентите кои дневно доаѓаат на хемодијализа, за да се избегне опасноста да не можат да стигнат до болниците поради лошото време. Туристите во реонот на Бузлуџа и Шипка во Стара Планина се предупредени да ги напуштат викендичките најдоцна до денес напладне, зашто во спротивно тешко ќе можат да бидат извлечени оттаму пред понеделник, доколку се натрупат снежни наноси во Стара Загора. Полициски патроли ќе ги запират тешките товарни возила на планинските премини ако состојбата се влоши, а магистралите „Тракија“ и „Марица“ на територијата во Стара Загора ќе бидат чистени со 14 машини.

Најстудено за викендот

Како што информираат од Автомото-сојузот на Македонија, утрово сообраќајот низ целата земја се одвива по влажни коловози, но засега без застој. Врнежи од снег со послаб интензитет има во Крива Паланка, Страцин, Куманово, Тетово, Гостивар, планинскиот превој Стража, Кула и Маврово. На Попова Шапка врнежите од снег се со среден интензитет, а во Охрид и Дебар има врнежи од дожд.

Според меторолошката прогноза, пообилни врнежи од снег се очекуваат денеска во попладневните и ноќните часови. Врнежи од снег ќе има и утре, но со намален интензитет. Се очекува снежната покривка да достигне 50 сантиметри. Oд утре попладне до сабота ќе дува засилен северен ветер, кој на одредени места може да создаде снежни навеви. За време на викендот облачноста делумно ќе се намали, но ќе има пад на темературата. Во сабота температурата ќе се движи од -12 до - 6, а во недела утринските температури ќе се движат од -22 до -10 степени. Благ пораст на температурите се очекува од среда.