1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Снежните денови драгоцени за македонските алпинци

27 јануари 2011

Алпското скијање, атрактивно, гламурозно во зима со снег како што е оваа, неминовно е еден од доминантните спортови. Течат трките од Светскиот куп, но Светското првенство во февруари во Гармиш е настанот на сезоната.

https://p.dw.com/p/105vG
Скијањето - скап спортФотографија: Völkl / Gepa Pictures

Од најпознатиот германски зимски центар, штотуку се врати скромниот македонски алпски тим. Селекторот Иван Лесевски за Дојче веле ги пренесува впечатоците. „Штотуку реализиравме дел од програмата која ја имавме зацртано за оваа година, и навистина добро се вклопи делот со тренизите во Гармиш – Партенкирхен, кој беше обезбеден од организаторот на Светското првенство во Гармиш. Таму престојувавме 8 денови, и имавме шанса да се подготвуваме и да ги користиме патеките на кои ќе се одржи Светското првенство.“

Flash-Galerie Trau Dich! Zugspitze Sonn Alpin
Баварија се подготвува за скијачката елитаФотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

Македонија на Светското првенство ќе ја претставуваат двајцата, во моментов најдобри скијачи Антонио Ристевски и Дардан Деари во дисциплините слалом и велеслалом. Но главниот тест пред Гармиш ќе биде Зимската универзијада во Турција. „Еден од приоритетите во програмата за оваа сезона е и учеството на Универзијадата во Ерзурум во Турција, каде што ќе настапат истите натпреварувачи како и за светското првенство. Тое е натпревар за студенти, а Антонио и Дардан се студенти и имаат право на учество во дисциплините слалом, велеслалом, супер велеслалом и супер комбинација.“

Пари има, нема снег

Со оглед на спецификата на овој спорт, за македонските алпинци секој ден минат на снег е драгоцен. За реализацијата на планираните подготовки Лесевски вели: „За оваа година програмата што е зацртана и потврдена од скијачката федерација во целост се реализира. Како во сите спортови, не само во нашата држава, туку и во цела Европа, реализацијата наидува на тешкотии од финансиски аспект. За сега се’ што планираме се реализира, оваа година финансиите не се толку голем проблем, колку променливото време и недостигот на снег.“

Skifahren in Republik Mazedonien
Променливите снежни услови во Македонија неповолни за алпинцитеФотографија: Sylvio Egea

Македонските скијачи имаа и неколку искуства во трките од Светскиот куп, иако моментниот квалитет не им дава премногу можности за освојување ФИС бодови во „белиот циркус“.

„Ние тука засега не располагаме со таков потенцијал бидејќи можеме да речеме дека можеме да учествуваме во Светскиот куп и тука рамноправно се натпреваруваме. Се надевам дека во следните години ќе планираме и ќе се подготвуваме на начин да можеме и да учествуваме во овие трки рамноправно, барем да се бориме за пласман во втората трка, односно за пласман во првите триесет.“

Лошиот животен стандард, кочница за скијањето

Скијањето, може да се рече дека е еден од елитните спортови, скап, близок на спортски развиените земји. Низ призма на нискиот стандард, на се’ поскапите услуги во македонските зимски центри, како Лесевски гледа на перспективите на македонското алпско скијање? „Секој врвен спорт сака одредени пари и многу средства за користење. Но, скијањето е посебно бидејќи е масовен спорт, и бара средства од самите учесници. Тука е проблемот, недостигот на средства кај луѓето во нашата држава доведува до тоа да имаме се’ помалку скијачи кои што се присутни.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска