1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собранието ги донесе измените на Законот за радиодифузна дејност

18 јули 2011

Собранието на Република Македонија денеска (18.07.2011), по неколкучасовна расправа, го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузна дејност.

https://p.dw.com/p/11z3n
Фотографија: Petr Stojanovski

Согласно новото решение, бројот на членовите на Советот за радиодифузија се зголемува, од девет на 15. Тие ќе имаат шестгодишен мандат. По двајца од шестте нови членови на Советот ќе предлагаат претседателот на државата и Заедницата на единиците на локалната самоуправа, а по еден комисиите за заштита на конкуренцијата и за спречување на корупцијата.

Законот што се донесе по скратена постапка, како предлог текст го поднесоа пратениците Владимир Ѓорчев, Светлана Јакимовска, Силвана Бонева, Александар Николоски, Илија Китаноски, Амди Бајрам, од владејачките партии.

Целта на измените околу кои пратениците на седницата ги спротивставија ставовите,е потранспарентна, поквалитетна и поефикасна работа на Советот за радиодифузија, како и исполнување на препораките од Европската комисија. „Медиумите треба да бидат самостојнии да опстојуваат на пазарот врз основа на нивната читаност, гледаност. Актуелниот Совет за радиодфузија не е самостоен, трпи огромни политички влијанија, а одлуките што ги носи не се во функција на градење независно, силно новинарство“, истакна Павле Трајанов од Демократскиот сојуз.

Rundfunkrat Mazedoniens
Фотографија: Petr Stojanovski

Опозијата со жестоки критики, власта контрира

Самка Ибраимовски од Партијата за целосна еманципација на Ромите предложи наместо сегашниот, до Собранието да се достави нов предлог согласно кој во Советот за радиодифузија ќе има по еден член од сите етнички заедници. Ибраимовски, како и пратениците од опозициската СДСМ, посочи дека зголемувањето на бројот членови во Советот ќе има финансиски импликации што ќе значи потреба од обезбедување дополнителни средства.

Емилијан Станковиќ побара пратениците од ВМРО-ДПМНЕ јавно да кажат дека единствената причина поради која се носат измените е да се елиминира актуелниот претседател на Советот Зоран Стефановски чија сопруга е советник на СДСМ во Прилеп. Радмила Шекеринска пак нагласи дека целта на измените е создавање апсолутна власт врз медиумите и неинформирање на граѓаните. „Законот става точка на напорите за независен регулатор во сферата на медиумите. Со него се фрла во ѓубре заложбата на Македонија да биде членка на ЕУ“, рече Шекеринска.

„Ако е точно, како што велите, дека ВМРО-ДПМНЕ со измените сака да ја преземе контролата врз Советот, јасно потврдувате дека ова тело избрано во времето на СДСМ, било под ваше раководство. Оттука, паѓаат во вода сите тврдења дека ВМРО-ДПМНЕ изминатите пет години ги контролирала медиумите“, реплицираше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Автор: АТ/ миа

Редактор: Борис Георгиевски