1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собрание на респиратор

21 април 2021

Скафандер против глупост сеуште не е измислен, инаку ќе требаше да им го нарачаме и доставиме до дома на половина од пратениците во нашево Собрание. Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/3sInO
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Последниве случки само покажуваат колку е неопходно да се овозможи работа на законодавниот дом на далечина. Зошто, по ѓаволите, и кој, на тоа би се противел, и со кој здрав разум?

Без такви протоколи, Собранието ќе остане заробено помеѓу недостатокот на политичка култура помеѓу партиите, и чистата среќа кога и дали некој од пратениците ќе биде болен. Не постои никаков, ама баш никаков, изговор зошто пратениците не би се согласиле да си ја работат работата, а притоа нивото на заштита да биде максимално.

-претходни колумни од авторот:Не е во ред

Единствена причина зошто тоа не би се овозможило, е доколку некој не сака парламентот да работи воопшто. Е, од таква индолентоност никаков скафандер не спасува, за тоа сеуште нема измислено никаква протетика. Во пандемија, не постои дебата дали парламентот треба да работи со или без физичко присуство.

Тоа е лажна дилема, нулта теза, таа не постои. Во услови на пандемија, не е прашање дали, туку кога, кворумот ќе биде загрозен поради заболување. Затоа, епидемиолошки гледано, парламентот никако не може да работи нормално со физичко присуство, тоа е медицински и статистички невозможно. Оттаму, дебатата, и вистинското и единствено прашање, е дали парламентот ќе работи на далечина, или нема да работи. Тоа се единствените две реални опции: на далечина, или ич.

Така, пробивајќи се низ лавиринтот од лажни постулати, доаѓаме до единственото логично објаснување – оние кои се залагаат парламентот да не може да работи онлајн, односно на далечина, всушност се залагаат парламентот да не работи воопшто.

-претходни колумни од авторот: Табу

Барем не ваков парламент, со вакви пратеници. Јас не сум доктор ниту правник.  Не знам дали протоколот кој го видовме во медиумите, за кој мнозинството тврди дека овозможува ваков начин на работа на Собранието, е правно издржан, ниту знам дали здравјето на останатите пратеници било загрозено со доаѓањето на пратениците во зградата на законодавниот дом. За тоа има повикани институции, и мислам дека ќе биде особено важно, тие брзо да се произнесат, за да имаме малку почиста ситуација.

Можно е дебатата да се сведе на тоа дека некој свесно ги прекршил протоколите за да поминат законите кои беа заглавени во Собранието, а може да се покаже дека протоколите овозможувале таков преседан. Може да се покаже дека здравјето на пратениците било, или не било загрозено. Но, едно е јасно, и мислам дека тоа граѓаните исто така го проѕреле – немаше да бидеме во оваа ситуација да не беше блокиран предлогот, уште лани, за онлајн работа на законодавниот дом. Истите пратеници кои ја блокираа можноста за работа на далечина, кои не ги слушнавме во текот на целиот период еднаш јавно да повикаат на почитување на мерките, на дистанца, на маски, да упатат повик за масовно пријавување за вакцинација, одеднаш станаа хиперчувствителни на епидемијата, станаа самопрогласени жртви на „биолошки тероризам“, кога во Собранието се појавија двајца пратеници за да обезбедат кворум, за да стигнеме до пакетот мерки за помош на стопанството. Почитуваните пратеници како да заборавиле дека од истото тоа стопанство тие се финансираат, земаат плата и дека нивната примарна улога е да им бидат на услуга на тие 60,000 работници кои од нив чекаат одлука дали утредента ќе имаат плата.

-претходни колумни од авторот: „Трудно“, по„трудно“, нај„трудно“

Сигурен сум дека во тоа море работници, има поддржувачи на сите партии, кои се поразени кога нивните избраници повеќе време посветуваат на меѓусебни надмудрувања, одошто на нивните маки. Пратениците кои не најдоа време да повикаат на почитување на мерките, веднаш побрзаа да се „заштитат“ од „биолошкиот тероризам“, зашто, на крајот, важно е тие себеси да се заштитат.  Нас другите, има кој да не штити. Тоа е најголемиот пораз на македонскиот синдром на вљубеност во сопствениот патос, на зависноста од пасивно - агресивниот синдром на сплеткарење на туѓа сметка. Тој ни се повторува како судбина, како еден континуиран пораз на луцидноста, самопоразувачки синдром на малограѓанштината завиена во „народски“ популизам и демагогија.

-претходни колумни од авторот: Иди ми, дојди ми

Во неколку наврати во подоцнежната историја, ова психопатологија ја имаме доведено до врвот на совршенството: „не го поддржувам Преспанскиот договор, ама нема да го раскинам„; „не сме мнозинство за референдумот, ама со бојкот ќе го срушиме, за мнозинството да не може да одлучи“; „немаме мнозинство за одлуки во Собранието, ама ќе го срушиме кворумот“. Впечатокот е дека пратениците се позаинтересирани за сопствениот популизам и пасивна агресија, одошто за било каков, па дури и елементарен, поглед кон надвор. Поажурни во подготовката на кривични пријави за двајцата пратеници кои дојдоа на работа, одошто за сопственото присуство на истото работно место.  Ако толку се исплашија за своето здравје, и се убедени дека се изложени на ризик, зошто ниту еден од нив не се изолира?

Сепак, пратениците кои обезбедија кворум, дојдоа на работа, не ги фативме во кафеана или во теретана. Дојдоа со оние бизарни скафандери, како затвореници во медицински возила, гласаа изолирани во кабини, и си заминаа дома.  Ако е и политички маневар, јас би им простил.