1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот за безбедност бара итен прекин на насилствата во Газа

Агенции (Н.Г.)28 декември 2008

Меѓународната заедница е загрижена поради ескалацијата на насилствата во Газа. Бројот на жртви постојано расте. И двете страни не запираат со воените акции.

https://p.dw.com/p/GO5E
Меѓу жртвите има и многу цивилиФотографија: AP

Советот за безбедност на ОН повика на итен прекин на насилството во Газа, каде втор ден по ред продолжуваат израелските воздушни напади, а бројот на жртвите се искачи на 270. „Членовите на Советот изразија длабока загриженост поради ескалацијата на ситуацијата во Газа и повикуваат на итно запирање на насилствата. Се повикуваат и двете страни да ги прекинат сите воени активности“, се вели во заедничката необврзувачка декларација која на новинаритите им ја прочита хрватскиот амбасадор Невен Јурица, чија земја претседава со Советот. Во текстот кој излезе по средбата којашто се одвиваше четири часа зад затворени врати не се споменува ниту Израел, ниту Хамас. Седницата на СБ беше свикана на барање на Либија, единствената арапска земја којашто во моментов е членка на ова тело.

Gaza Angriff Israel
Изрелската армија продолжува да гранатира цели во ГазаФотографија: AP

Израел не исклучува и копнена офанзива

Инаку според палестински болнички извори, во досегашните израелски напади загинале 270 лица, а неколку стотици се повредени. Загина и еден Израелец, од палестинска ракета. Радикалното движење Хамас во последниве 24 часа истрела над 70 ракети на израелска територија. Во меѓувреме израелската армија најави дека не исклучува да започне и копнена офанзива. „Подготвени сме да сториме се’. Ако е потребно ќе испратиме и копнени трупи за да си ги заштитиме граѓаните“, изјави портпаролот на израелското министерство за одбрана, пренесувајќи ја пораката од министерот Ехуд Барак. Израелската телевизија денеска објави дека армијата започнала да се групира во близина на палестинската територија. Претходно пак првиот човек на Хамас, Исмаил Ханија изјави дека Палестинците нема никогаш да се покорат и нема да ја напуштат земјата и ќе се борат.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема