1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Солана во мисија во Техеран

6 јуни 2006

Од синоќа во Техеран престојува специјалниот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана. Денеска на Иран ќе му ја предаде понудата на меѓународната заедница за решавање на атомскиот спор со оваа земја.

https://p.dw.com/p/Ac62
Во курирска мисија: Хавиер Солана
Во курирска мисија: Хавиер СоланаФотографија: picture-alliance/dpa

Негови соговорници се иранскиот преговарач во спорот Али Лариџани со кого веќе се сретна и министерот за надворешни работи Манухер Монтаки.

Ова е ден само за предавање на понудата, но не и за преговори или решение. Соговорник на Солана од иранска страна се Али Лариџани, близок на духовниот лидер ајатолахот Али Хамнеи и генерален секретар на националниот совет за безбедност. Таму, во тој совет ќе биде испитана и вреднувана понудата на меѓународната заедница. Таа нуди сеопфатен пакет до колку Иран претходно го прекине спорнот збогатување ураниум. Претседателот на Иран, Ахмадинеџад најави дека Иран внимателно ќе ја разгледа понудата, но...

„Јас го уверувам големиот ирански народ, а тоа треба да го слушне и Запад, дека ние производството на атомско гориво и користењето на атомската енергија за мирољубиви цели го сметаме за наше неприкосновено право и не сме подготвени за тоа право да преговараме со кого и да е„.

Се чини дека договор однапред не е можен. Сепак, на Запад се надеваат дека Иран ќе попушти кога подетално ќе ја разгледа понудата – морков и стап. Деталите не се официјално познати, но очигледно е дека Запад се заканува со забрани за патувања, замрзнување на банковите конта кон што би требало да се приклучат и Русите, и Кинезите, иако нивната готовност за санкции и натаму е неизвесна. Иранскиот духовен водач Хамнеи на викендот повторно им се закани на Американците:

„Ако направите само мала грешка во врска со Иран, тогаш ќе биде загрозен протекот на енергија од овој регион. Тоа треба да го знаете„!

Од тој момент цената на нафтата префрли 73 долари за барел.

Американскиот министер за надворешни работи Кондолиза Рајс сепак изјави дека на заканите од Техеран не треба да им се придава преголемо значење. Во изјавата на Хамнеи, таа не гледа одбивање на понудата. Всушност, одговорот на Техеран се очекува во наредните недели.