1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соларни стадиони за Светското првенство

Саша Квајзер / Елизабета Милошевска Фиданоска2 јуни 2012

Бразил сака да биде предводник во делот на соларна енергија во Латинска Америка. Во земјата која е „луда“ по фудбал, на две години пред Светското првенство се опремуваат првите стадиони со соларни покриви.

https://p.dw.com/p/14xSR
Фотографија: BSW-Solar

Бразилците го обожуваат фудбалот. Секогаш кога имаат време и кога ќе најдат место под сенка, шутираат топка. Земјата возбудено го очекува Светското фудбалско првенство 2014-та. Секој радо би бил на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро.

Стадионот не е новоградба. Тој со месеци комплетно се реновира, за да одговара сосема на критериумите за првенството. На градилиштето истовремено работат до пет илјади луѓе.

Покривот требаше да остане, но сепак, поради статиката, беше урнат. Последица - повеќемесечно одлагање.

Раководителот на градежните работи мора да го надополни загубеното време. Исар Морено вели: „Заостануваме временски, се‘ се одложи. Но правиме се‘ за работите да напредуваат. Ќе бидеме готови во февруари 2013-та.“

Сега како покрив треба да служи лесна мембрана. Големи панели тогаш нема да одговараат. Соларните модули ќе бидат монтирани на рабовите од стадионот, со помал капацитет од планираното. На стадионот Маракана треба да се произведуваат 560 мегавати струја, што одговара на потрошувачка на енергија на околу 280 куќи.

Flash-Galerie Vorbereitungen WM 2014
Маракана треба да стане соларен стадионФотографија: picture alliance / dpa

Соларните проекти имаат поддршка од Друштвото за меѓународна соработка и германската Банка за поттикнување КфВ со пари и знаење. Поголемо производство на струја во Бразил. Стравот од пред десет години, кога снема струја, е огромен.

„Целата земја беше погодена. Економијата трпеше големи последици, имаше намалување на стопанското постигнување до десет проценти. Тоа е многу за една економија“, објаснува Дирк Асман, од ГИЦ Бразил.

Бразил произведува дури 80 проценти од струјата од регенеративни извори, најмногу од вода. Иако сонцето во земјата грее долго и силно, досега нема производство на соларна струја. За светското првенство земјата сака да се пофали со своите соларни постројки. Еенергетскиот концерн Лајт, кој ги води работите на Маракана, работи на многу мали проекти. Марио Антонио Донатели од „Лајт“ е убеден:

„Маракана е објект за пример и многу повеќе. Тоа е почеток за децентрализација на снабдувањето со струја, особено во сферата на фотоволтажата.“

Струјата која ќе се произведува на Маракана ќе биде наменета за големи фирми. Тие ќе плаќаат нешто повеќе, но ќе можат да се рекламираат со својот „зелен ангажман“. Дури и покрај тоа што ќе се гради хидроцентрала во подрачјето на Амазон, која е планирана одамна, Бразилците веќе не сакаат вакви огромни постројки.

„Како од социјален, така и од еколошки аспект, се‘ потешко ќе биде градење големи хидроцентрали. Градењето главно се одолговлекува, а во меѓувреме се потребни други алтернативи. Затоа се трага по нови извори“, вели Дирк Асман.

Vorbereitungen WM 2014
Пет илјади работници работат на реконструкција на МараканаФотографија: picture-alliance / Agencia Estado

1600 километри северно - Салвадор де Бахиа. Овде има извонреден проект со соларен стадион, кој се реализира со германска поддршка. Тоа е првиот соларен стадион во Латинска Америка и една од најголемите фотоволтаични постројки на континентот.

Бразилските власти за регулација досега не даваа поддршка за производство на соларна енергија. Шејла Марија Дамаскено оценува:

„Стадионот е пилот проект. На овој пример треба точно да се анализира како изворите на обновливи енергии најдобро да се искористат и да се даде поддршка.“

Салвадор е пример за реконструкцијата на стадионот Маракана. И во Салвадор најголем предизвик беше покривот да не биде преоптоварен. Модулите се претешки, тие се инсталираат на околните објекти. За покривот одговараа само лесни фолии.

Со струјата што се произведува на стадионот, околу 600 мегават часови, се снабдуваат околните владини објекти.

Фотоволтаичните модули доаѓаат од САД и Кина, инверторите пак, од Германија. Тие еднонасочната ја претвораат во наизменична енергија. Но во иднина нема да се дава поддршка само за стадиони.

„Властите за регулација подготвуваат нов пропис. Секој сопственик на приватна куќа, но и секое претпријатие, може да инсталира соларни постројки на покривот и таа струја да ја проследи натаму, во мрежата. За такво нешто би добил определен износ пари“, најавува Дирк Асман од ГИЦ Бразил.

Отворање на првиот соларен стадион. Церемонијата на отворање е посебно скромна, без голема забава. Фотоволтажата може да биде исплатлива за околината, за оние што ја произведуваат и за фирмите. Асман бара:

„Треба да се дава поддршка на германско-бразилската соработка на фирмите, како и на соработката во научната сфера, за, меѓу другото, да се обезбедат и работни места во Германија.“

За градовите како Салвадор да се снабдат со струја, прво требаше да се градат термоцентрали и централи за гас. Со промената на правецот, со намерата да се поттикнуваат обновливите енергии, се променија и плановите на владата. Централите кои ја загадуваат климата во Бразил веќе нема да се градат во обем како досега.