1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сонот за ветената земја

31 март 2009

Повеќе илјади млади луѓе од Африка го ризикуваат животот за да стигнат до Европа. Дагмави Јимер од Етиопија, е еден од оние кои успеале. За постојаниот егзодус од Африка младиот Етиопјанин сними документарен филм.

https://p.dw.com/p/HNNR
„Портата кон Европа“Фотографија: DW

Во зимата 2005 година, 27 годишниот студент по право ја напушти татковината Етиопија. Преку Судан стигна до Либија. Таму падна во рацете на трговците со луѓе. Беше уапсен, по што либиската полиција го депортираше и го остави во пустина без вода. Но, тој сепак успеа да се спаси и да стигне до либискиот брег од каде со брод тргна на пат преку Средоземното море. Во летото 2006 година стигна на италијанскиот остров Лампедуза, јужно од Сицилија. Неколку години подоцна се врати на Лампедуза, но овојпат да им го прикаже на луѓето на островот документарниот филм за бегалците од Африка.

Долг пат исполнет со страдање

Смртна тишина владее во општинската сала. Публиката здрвено гледа кон платното за проекции. Околу 50 жители на Лампедуза дојдоа за да го погледнат документарниот филм „Како човек на планетата Земја“. Во него млади мигранти, како Дагмави Јимер, опишуваат како пребегале.

Lampedusa: völlig entkräfteter Flüchtling aus Somalia
Патот ги исцрпува бегалцитеФотографија: DPA

Кај повеќето од нив патот траел повеќе месеци, кај некои дури и години. Млади мажи и жени раскажуваат како биле тепани, експлоатирани, апсени, силувани и оставани во пустината. Низ солзи опишуваат како биле изложени на самоволието на властите и трговците со луѓе.

Дагмави Јимер документарниот филм го снимаше со негови пријатели, двајца италијански режисери. Тој денеска живее во Рим, но, никогаш не ги заборави неколкуте денови на Лампедуза, по неговото успешно бегство од Африка во летото 2006. „Тогаш пристигнав без чевли, со брод. Сега се вратив со авион и имам чевли на нозете. Воопшто не можам да опишам какво е чувството. Досега повеќепати го прикажував филмот во Италија. Но, во ниту еден момент не бев толку трогнат, како сега на Лампедуза.“

Зошто младите бегаат од Африка?

Flüchtlingslager in Lampedusa
Бегалски логор на ЛампедузаФотографија: picture-alliance / dpa

Дагмави, или Даг, како што сите го нарекуваат, имаше 27 години кога донесе одлука да ја напушти Етиопија. „Си заминав оти немав повеќе надеж. Не сакав и натаму да живеам и студирам во земја, која не е демократска. Моето бегство е мојот политички протест против владата на Етиопија.“

И филмот е дел од протестот. Тој е обвинителен акт пред се’ против Либија и европските земји, кои се залагаат Либија да биде крајната станица на бегството.

„Најлоша, за мене беше депортацијата во контејнер. Либиската влада не‘ транспортираше во контејнери на камиони, кои возеа назад во Сахара, во правец на Судан. Не‘ оставаа без вода, без почит кон нашето достоинство како луѓе, како да сме животни.“

Даг го преживеа контејнерот, пустината и Средоземното море. Колкумина ја имаат со живот платено оваа одисеја, не е познато. Експертите велат дека секој четврти бегалец успева да се спаси. „Не можам да им кажам на другите, кои сакаат да побегнат, дека не треба да го прават тоа. Но, чувствувам морална одговорност да им ја кажам вистината. Инаку, сите мислат - па тој успеа. Штом може тој, можам и јас.“

Не им лесно ниту на Европејците

Abtransport der Bootsflüchtlinge vom Hafen Lampedusa
Транспорт на бегалциФотографија: DW/Pretersmann

Италија. Европа. Сонот за ветената земја. Реалноста изгледа поинаку: „Мора многу да работиш за да добиеш признание. Почнуваш од нула. Ако не се бориш, ќе останеш само бројка, црнец. Италија и Европа ги запознав во такво светло. Не си добредојден.“

Денес Дагмави од Етиопија има 31 година. Во Рим им помага на другите мигранти и снима филмови за нивната судбина. Се заљуби во Елена. „Животот не е лесен ни за Европејците. Но, јас сум едноставно среќен, што живеам со жената која ја сакам. И кога некој ќе ме праша дали таа е Италијанка не одговорам. Затоа што јас ја сретнав како жена, а не како Италијанка.“

Жителите на Лампедуза немаат контакт со бегалците

„Како човек на планетата Земја“ - докумантарниот запис ги трогна гледачите на Лампедуза. Проекцијата ја организираше правникот Паула ла Роса, во општинскиот центар. Паула потекнува од Палермо и веќе десет години живее на минијатурниот остров во Средоземното море, каде само изминатата година пристигнаа 32 илјади мигранти. „Десет години ги гледам лицата, овие црномурести лица, како со автобусот минуваат покрај мене кога ќе пристигнат со чамците. Но, никогаш не сум зборувала со нив.“

Rückkehr nach Lampedusa
Дагмави Јимер со пријателитеФотографија: DW

Лампедуза има околу 6.000 жители. Речиси никој од нив нема контакт со мигрантите, кои живеат во логорите, пред да бидат однесени од островот. Кога Паола ла Роса слушна за филмскиот проект, посегна по телефонот: „Сакав да го запознаам Даг. Сакав да го допрам, да ги видам неговото лице и очи. Сакав да го слушнам неговиот глас и неговата приказна. Тој е човек, а не бројка.“

Автор: Сандра Петерсман / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска