1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сопка на патот кон ЕУ

30 јули 2009

Речиси едногласното инсистирање на трите партии од албанскиот блок за поинакво нормативно регулирање на статусот и нивото на официјалната употреба на албанскиот јазик во Македонија, предизвика многу реакции.

https://p.dw.com/p/IzxL
Можна „лингвистичка и политичка федерализација на Македонија“?Фотографија: Petar Stojanovski

Албанскиот треба да се воведе со закон како втор државен официјален јазик со целосна примена во Парламентот, Владата, во јавната комуникација со централната власт и со сите државни органи и институции, но не и по секоја цена да се употребува на целата територија на Македонија – со ваков ставов се огласуваат дел од експертите и творците на пишаниот збор од албанскиот етникум, по истапувањата на ДУИ, Нова Демократија и ДПА во македонскиот парламент дека се потребни нови законски решенија за официјалноста и нивото на употребата на албанскиот јазик во земјата.

Џеладин Мурати, професор на Факултетот за јазици и култури на Штуловиот универзитет во Тетово, оценува: „Не е природно ако на седница на Собранието еден пратеник се обраќа на албански јазик, а министерот од Владата, кој е Албанец, на македонски. Според која основа тој треба да зборува на македонски, ако е член на Владата, а пратеникот – Албанец да може да зборува на албански?“

Албански јазик – не во сите ситуации и

сите подрачја во земјата

Овој лингвист нагласува дека албанскиот треба да стане втор државен јазик, но не и да се инсистира на негова употреба на целата територија на Македонија – во Струмица, Штип и други средини каде што нема Албанци – туку во ситуации и подрачја каде што живее овој етникум.

Ресул Шабани, истакнат книжевник од албанската заедница во Македонија, прецизира дека Албанците, каде и да живеат, без оглед на бројноста во таа средина, треба да добијат право да комуницираат со централната власт и државните органи и институции на својот мајчин јазик. Во ваков контекст, Шабани нагласува: „Албанскиот јазик треба да се употребува во целата Република, но не и по секоја цена, да речеме, во Валандово да се употребува тој јазик. Него треба да го употребуваат институциите и министерствата.“

Mazedonien Das Parlament in Skopje
Мурати: „Не е природно ако на седница на Собранието еден пратеник се обраќа на албански јазик, а министерот од Владата, кој е Албанец, на македонски.“Фотографија: Petar Stojanovski

„Ако трошоците се превисоки – законот за јазикот да се одложи за подобри времиња“

Људмил Спасов, професор на катедрата за македонски јазик на државниот Филолошки факултет во Скопје, предупредува дека е можна „лингвистичка и политичка федерализација на Македонија“: „Ако на целата територија на Македонија, и онаму каде што нема друго население со друг јазик, освен македонско и некое друго – мислам, онаму каде што нема албанско население – се воведе албанскиот како втор државен јазик, тогаш тоа нема да биде политички оправдано и тоа може да биде сфатено како федерализација на државата – лингвистичка и секаква друга.“

Жидас Даскаловски, доктор по политички науки од Центарот за истражување и создавање политики од Скопје, е убеден дека на Македонија не и‘ се заканува некаква федерализација, во случај на донесување нов закон со поинакво нормативно регулирање на употребата на албанскиот јазик. Но, Даскаловски предупредува дека ништо не треба да се презема во оваа насока без исцрпни анализи и пресметки: „Кој било закон треба да се осмисли добро, потребна е длабинска подготовка и да се дојде до некои бројки за трошоците за преведувачи и друго. Ако се тие прекумерно високи, ако тоа претставува оптоварување за државниот буџет во ова време на финансиска криза, тогаш треба да се инсистира овој закон да се остави за некое друго подобро време.“

Даскаловски и Спасов заклучуваат дека со добра волја на сите партии во Парламентот треба да се разгледа прашањето на статусот на албанскиот јазик, но, и оти во никој случај да не се дозволи тоа да се претвори во сопирачка за евроинтеграцискиот сон на Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска