1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Про Трамп сајтови со профит до 30.000 евра месечно

Нино Домазетовиќ
4 ноември 2016

Дали сте се запрашале зошто македонски граѓани активно се вклучуваат во изборната кампања за претседател на САД? Десетици претприемачи од Македонија ја промовираат кандидатурата на Доналд Трамп - за солиден профит.

https://p.dw.com/p/2SA43
USA Präsidentschaftswahlen Poster
Фотографија: Getty Images/J. Moore

Републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, во моментов е можеби една од најкритикуваните личности во светската политика, но тој е особено ценет од неколку десетици македонски граѓани кои со негова „помош“ месечно заработуваат и до 30.000 евра.

Велешани беа едни од првите во Македонија кои успеаа да ја претворат Трамп-манијата во профитабилен бизнис - уште за време на прелиминарните избори во Републиканската партија.

Феноменот брзо го привлече вниманието на медиумите. Во август 2016 година, британскиот весник Гардијан идентификуваше повеќе од 150 домени регистрирани во сопствеништво на македонски граѓани со адреси во Велес. Иако сите не беа поврзани со активни интернет страници, повеќето од нив активно го подржуваа Трамп

Дојче Веле разговараше со еден сопственик на про-Трамп портал, кој се согласи да разговара со нас под услов да остане анонимен. Нашиот соговорник, кој за потребите на овој текст ќе го именуваме ДД, ни објасни дека во порталот кој го основал работат тој и уште еден соработник и дека месечната заработка на интернет порталот е од 600 до 1.000 евра – што претставува солиден приход имајќи ги предвид просечните примања во земјата.

Добра заработка

„Еден процент од сајтовите во Македонија заработуваат до 30.000 евра месечно, десет проценти од 1.000 до 2.000, останатите до 500 евра месечно“, ни објасни тој.

„Ми требаше нешто вирално, најчитано, најследено, нешто за што има преголем интерес во Америка. Сега се изборите во Америка, си реков што друго ако не политика. Шест години пратам политика и видов можност за заработка“, вели ДД за Дојче веле. 

Vele
Велес стана центар на про-Трамп пропагандатаФотографија: DW/A. Dimitrievska

Тој не негира дека дел од текстовите кои се објавуваат не се вистинити и дека токму бомбастичните наслови служат за да привлечат читатели.

„Во последните три месеци, 80% до 90% од текстовите кои ги објавуваме се оригинални, а претходно преземавме содржини од други сајтови како Business Insider и CNN. Од оние кои ги објавуваме сега, дел се сатира, околу пет проценти. Тие не се вистинити, но токму овие текстови најмногу ја возбудуваат публиката. Тоа се непотврдени информации, нешто што не е точно, нешто за кое се зборува“, ни објаснува ДД.

Нашиот соговорник ни објасни дека интернет порталите од Македонија кои целат на американската публика не заработуваат само од политичка содржина. „Од Македонија се продуцираат околу 1.000 сајтови кои се наменети за американската публика. Дел се за политика, дел за убавина, здравје, животен стил и сл.“, вели тој.

Сепак, интересот за американската политичка сцена не е тоа што ги мотивира младите претприемачи. „Една од причините поради кои се решив да отворам ваков портал е затоа што не можев да најдам соодветна работа иако имам завршено факултет и морам да заработувам“, ни објаснува нашиот соговорник.

Никој не клика на про-Хилари текстови

USA Donald Trump Wahlkampf North Carolina
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Bazemore

„Од сајтовите за политика, 95% се про-Трамп и тоа со добра причина. На почетокот пробав да пишувам про-Хилари текстови, но тие не беа читани. Инаку самиот ги поддржувам политиките на Хилари“.

„Хилари за затвор 2016“ е фејсбук фан-страна со повеќе од 750.000 фанови. На неа може да се прочитаат „вести“ за последните случувања во претседателската трка во САД. Еден од најпопуларните постови во последно време, објавен на 1 ноември, вели дека Хилари Клинтон е вмешана во убиството на свиркач. Оваа информација доби повеќе од 7.700 реакции и 16.000 споделувања на Фејсбук.

Имајќи го предвид степенот на ширење дезинформации во текот на изборната кампања во САД, нема ништо невообичаено во оваа објава освен фактот што нејзиното потекло не е поврзано со САД или претседателските избори. Доколку ги погледнете интернет порталите usanewsflash.com, americarightnow.com, 365usanews.com, worldpoliticus.com ќе забележите дека заедничко за нив е што имаат речиси ист наратив, а и потекло: Македонија.

„Познавам луѓе од Куманово кои 4-5 години се во бизнисот и имаат регистрирано по 10-15 домени. Многумина ги кријат податоците за домените затоа што конкуренцијата од Македонија ги пријавува како измамници – што подоцна ги дисквалификува од системите за рекламирање“, вели тој.

Најголем дел од порталите се од Велес и Куманово, а помал дел од Скопје и Штип. 

USA Hillary Clinton Wahlkampf North Carolina
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lo Scalzo

Што по 8 ноември?

На само пет дена пред одржувањето на претседателските избори во САД кои ги одбележа можеби досега најжестока кампања со остра реторика, ретко кој американски гласач не би бил привлечен да кликне на наслов кој гласи: „ОВА Е КРАЈ ЗА ХИЛАРИ: ФБИ доби судска наредба да ги истражи новооткриените мејлови на Клинтон“, каков што е еден од насловите на овие портали.

Крајот на кампањата е извор за загриженост за интернет претприемачите бидејќи тоа може да им го згасне профитот. Што по 8 ноември?

„Ќе чекам да видам што ќе се случи по изборите во САД. Ќе го терам бизнисот ако има ефект“, вели ДД.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема