1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сочи: Членките на Пуси Рајот уапсени, па ослободени

ЕМФ/сид/афп18 февруари 2014

Две членки на панк групата Пуси Рајот денеска (18.02) беа уапсени во Сочи и по неколкучасовно сослушување повторно ослободени. Тие упатуваат тешки обвинувања на сметка на властите.

https://p.dw.com/p/1BB8y
Фотографија: Reuters

Надежда Толоконикова и Марија Аљохина, две членки на панк групата Пуси Рајот, кои беа затворени во работен логор и ослободени на крајот на минатата година, денеска заедно со уште неколкумина активисти беа уапсени во Сочи. По четиричасовно сослушување тие се ослободени, но ги обвинуваат властите за насилство

„Не‘ тепаа. Она што ни го сторија е страшно. Имаме отоци и гребнатини. Ќе се жалиме“, изјави Толоконикова за агенцијата АФП по излегувањето од полициската станица.

Музичарките биле уапсени поради сомневања за кражба. „Ги сослушавме поради тоа што имаше поплаки за кражба во нивниот хотел“, соопшти полицијата во Сочи.

Толоконикова, инаку, можела да телефонира додека се наоѓала во полициската станица. Двата мобилни телефони на музичарката и‘ биле одземени, но по доаѓање на нејзиниот адвокат, повторно вратени.Толоконикова тврди: „Не планираме ништо илегално во Сочи.“ Групата наводно сака во Сочи да сними спот за песната „Путин те учи на љубов кон татковината“. Во песната станува збор и за затворениот еколошки активист Јевгениј Витишко. „Се работи за Олимписките игри и за корупцијата“, изјави 24-годишната Толоконикова.

Pussy Riot Sotschi 18.02.2014
Членките на Пуси Рајот по напуштањето на полициската станицаФотографија: Reuters

Радикалната уметничка група Војна, која ја води сопругот на Толоконикова, Пјотр Версилов, соопшти дека заедно со двете членки на Пуси Рајот биле уапсени уште седуммина активисти. Толоконикова на Твитер напиша и дека во неделата (16.02) била задржана од безбедносните власти седум часа, а во текот на вчерашниот ден десет часа.

Организацијата за човекови права Амнести Интернешнл веднаш по веста за апсењето на активистите побара нивно итно ослободување. Портпаролот на Амнести, Џон Далхуисен, изјави дека „олимписките прстени под палката на Путин стануваат лисици“. Тања Локшина од Хјуман Рајтс Воч во Москва, пак, изјави: „Овие смешни апсења на Русија и‘ носат повеќе негативен публицитет отколку акциите кои активистите би можеле да ги спроведат.“ Критичарот на руските власти Алексеј Навални праша: „Колку треба да се биде идиот за Пуси Рајот да се уапсат во Сочи?“