1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со борбен авион до гласачкото ливче

Кристијан Игнаци/Б. Георгиевски20 септември 2013

В недела на 22. септември во Германија се одржуваат парламентарни избори. Но германските државјани кои гласаат во странство понекогаш имаат проблеми да го остварат своето граѓанско право.

https://p.dw.com/p/19kyZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

В недела, германските научници од истражувачкиот брод „Поларна ѕвезда“ денот ќе го минат зад компјутерите. Нема да ги следат китовите во Антарктикот, туку текот на изборите во Германија. Но, тие нема да можат да гласаат. Нивниот ледокршач исплови од пристаништето во Чиле кон средината на август, а гласачките ливчиња оттогаш не им се стигнати. Слично минаа и нивните колеги на поларната станица „Нојмајер3“. Иако до таа истражувачка база сообраќаат авиони, летовите, поради лошото време, се откажани до октомври. Ливчињата можат да бидат испратени најрано четири недели пред датумот на одржувањето на изборите и тоа значи дека научниците на овие избори нема да гласаат.

Но некои други ќе гласаат, иако и тие работат на невообичаени места. Бундесверот успеа да обезбеди гласачки ливчиња за војниците на фрегатата „Долна Саксонија“ која се наоѓа на отворено море. И тоа на еден невообичаен начин, вели потполковникот Маркус Бек од командата во Потсдам.
„На почетокот на септември, еден шпански извидувачки авион исфрли во морето, покрај бродот, капсула во која беа гласачките ливчиња“. Меѓународната соработка функционира дури и кога се во прашање изборите во Бундестагот, вели Бек. „Кога можеме си помагаме едни на други“. Капсулите биле земени со чамец и потоа гласачките ливчиња им биле поделени на избирачите на бродот.

Мал интерес кај иселениците

Бундесверот и на други места се обидува да достави гласачки ливчиња до своите војници, но не на таков „спектакуларен начин“. „Гласачките материјали се добиваат по пошта“, вели полковникот Бек. Годинава сѐ функционираше без проблеми. Тоа е важно затоа што, за да бидат важечки, ливчињата мора да пристигнат до избирачкото место до 18 часот на денот на гласањето. Понекогаш пристигнуваат во последен момент.

Symbolbild Volksentscheid
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Еднаш ливчињата стигнаа заедно со пратка на крв за трансфузија“, се потсетува еден од членовите на изборната комисија во Вилхелмсхафен. „А еднаш ковертите беа доставени со борбен авион Торнадо. Во такви ситуации Бундесверот испраќа ливчиња со сѐ што се движи“.

За обичните луѓе кои живеат далеку од Германија сѐ е далеку поедноставно. Годинава во странство гласале 67 илјади Германци, од околу 1,4 милиони колку што живеат надвор од земјата.

„Тоа е малку повеќе отколку на претходните избори“, вели Клаус Печ, портпарол на Сојузната изборна комисија. Не е познато колку избирачи заборавиле да се пријават за изборите во странство. Германските државјани не можат да гласаат во амбасадите како што е случај со други држави. „Изборните ливчиња се дистрибуираат по региони и не можеме да сметаме на амбасадите“, објаснува Печ.

Докажете дека сте Германец!

Многу Германци во странство и онака не сакаат да гласаат бидејќи не се толку поврзани со матичната држава. „Живеам во Намибија веќе 47 години и германската политика воопшто не ме интересира“, вели една Намибијка со германско потекло. Некои други би сакале да гласаат, но законот не им дозволува. Имено, доколку некој кој подолго од 25 години живее надвор од Германија сака да гласа, мора да докаже дека сѐ уште има врски со Германија. „Тоа се прави на тој начин што тоа лице треба да работи за Гете институтот, или за некоја установа или фирма од Германија, или да добива плата од Германија“, вели портпаролот Печ.

Symbolbild Politikverdrossenheit
Фотографија: Fotolia/m.schuckart

Ангелика Штуке веќе четврт-век живее во Шпанија, но плата добива од Германија. Таа пишува романи на германски кои потоа се објавуваат во нејзината татковина. „Мојата пријава стои на масата на некој службеник кој по свое видување треба да одлучи дали сум јас доволно Германка за да гласам“, се лути Штуке. „Што е тоа, некаков тест на способност?“

И покрај критиките, германските власти остануваат на својот став. „Оној кој нема допир со германската политика, не треба да има ниту право на глас“, вели Печ.

Ангелика Штуке сѐ уште не знае дали ќе гласа, а време нема уште многу. Ливчето кое ќе стигне предоцна нема важност, предупредува Печ. Ризикот во таков случај си го носи гласачот.