1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со добри проекти до европските фондови

6 август 2009

Претпристапните ИПА фондови на ЕУ носат финансиска помош за издражни проекти. Истаражувањата покажуваат, дека локалните власти во Македонија не секогаш имаат доволен административен капацитет и кадри за аплицирање.

https://p.dw.com/p/IwVJ
Фотографија: DW/Bilderbox.de

Петстотини милиони евра од фондовите на Европската унија и стојат на располагање на Македонија, како вкупна сума која би можела да биде добиена во вид на неповратна финансиска помош заклучно со 2012-та година, во рамки на претпристапните т.н. ИПА фондови, за транзициона помош, за институционален развој, за поддршка на децентрализацијата. Во декември 2008- ма година во Центарот за истражување и создавање политики од Скопје беше спроведено истражување врз основа на прашалник со 18 општини во целата земја, за да се согледа дали локалните власти се оспособени за користење на еврофондовите.

Компликувано аплицирање за ИПА фондовите заради заштита од финансиски злоупотреби

Сања Костовска, аналитичар за евроинтеграции во Центарот, укажува на едно од главните согледувања од истражувањето: „Повеќето општини самиот процес на аплицирање го гледаат како преоптоварен со преголема документација. Самата апликација тие ја сметаат, исто така, како значително компликувана. Честопати велат дека немаат ниту доволно насоки за тоа како се пополнува таа апликација.“

Euro Münzen
Фотографија: AP

Орхидеја Каљошевска, вршителка на должноста раководител на Одделот за координација со еврофондовите во владиниот Секретаријат за европски прашања, со одговор: „Навистина, процедурите се сложени, но, тие не се создадени само за нас. Се работи за унифицирани постапки за да се спречат евентуални злоупотреби. Она што е најважно на долг рок е тоа што се развиваат националните капацитети за идно користење како идна земја членка на структурните и кохезионите фондови на Европската унија.“

Потребен е обучен кадар

Селските општини немаат кадри обучени за апликациите,

ниту пари за кофинансирање во проектите

Сања Костовска предупредува на уште два суштествено важни момента: „Ако општините не успеат да понудат задоволителни проекти, кои ќе бидат во согласност со назначените критериуми и со стандардите, наведени за пријавување одреден проект, тогаш тие пари ќе пропаднат на крајот. Тие пари не им следуваат на општините според автоматизам. Големиот проблем останува за слабите и селските општини, на кои, можеби, им е најмногу потребна помошта. Меѓутоа, прашање е колку ќе успеат да донесат некој проект значаен за својата средина.“

Градоначалниците имаат напати пред себе за решавање многу проблеми и потреби на своите сограѓани. Во ваков контекст првиот човек на општина Тетово, Сади Беџети, вели: „Конкурираме некаде за 10 милиони евра. Но, претпоставувам дека сигурно нема да добиеме толку. Имаме околу 15 проекти. Меѓу другото, ќе градиме и 4 нови хидроцентрали.“

Bitola Sirok Sokak, Mazedonien
БитолаФотографија: Petar Stojanovski

И додека се очекува пристигањето на првите пари од Брисел, Марјан Танушевски од Битола, самостоен истражувач за човечки ресурси и лобирање на општините, укажува на една од препораките од своето истражување со 71 општина во Македонија, реализирано во минатата година: „Градоначалниците како една од главните дестинации, или адреси за лобирање, ги гледаат странските инвеститори, што значи, парите кои би требало да пристигнат однадвор. Токму поради тоа, јас предлагам во моите препораки отворање канцеларија за лобирање во Брисел, бидејќи дневно повеќе од 20 илјади лобисти лобираат во Брисел, за да ги добијат големите пари, кои се наоѓаат во европската метропола.“

ЗЕЛС ќе отвори канцеларија во Брисел меѓу 2009-та и 2011-та година

Душица Перишиќ, извршна директорка во Заедницата на единиците на локална самоуправа на Македонија, дополнува: „Тоа е нешто што датира уште од 2006-та година, кога се изготвуваше Акциониот план на Заедницата на единиците на локална самоуправа на Македонија – ЗЕЛС, односно, кога се изготвуваше нејзината Стратегија 2006-та до 2011-та година. Согласно со истиот стратегиски документ се очекува тоа да се случи од 2009-та до 2011-та година – ЗЕЛС да има канцеларија во Брисел.“

Парите од европските фондови, реално, можат да значат силен импулс за забрзување на децентрализацијата во Македонија, за поттикнување на развојот на општините. Но, дали до нив и до граѓаните ќе стасаат посакуваните парчиња, или, пак, можеби само ронки од европскиот колач, ќе зависи само од нив самите.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска