1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со „Еразмус“ во ЕУ

20 октомври 2009

Европската образовна програма „Еразмус“, во која се вклучени околу 2 милиона луѓе, студенти и професори што студираат во странство, е достапна и за академците од Македонија.

https://p.dw.com/p/KAsw

Државниот универзитет во Тетово е првата високошколска институција во Македонија која стартува во оваа образовна програма со два свои студента.

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и академска мобилност Бошко Нелковски вели: „Буџетот за грантови за ’Еразмус’ од 100 илјади евра, колку што се обезбедени за 2009 - та година за сите универзитети во Македонија, Европската комисија го зголеми на 1 милион и 100 илјади евра за 2010 - та година. Со тоа, таа ја покажува реално својата генерална политика кон Македонија, кон нејзиното вклучување и вклучувањето на нејзините универзитети во европските текови. За фондовите за ’Еразмус’, како и за фондовите за програмите ’Доживотно учење’ и ’Младите во акција, на првиот повик од четирите пријавени државни универзитети финансиски аплицираа 3 универзитети за околу 50 свои студенти. Половина од фондот за ’Еразмус’, за оваа прва фаза, доби тетовскиот Државен универзитет, односно за 15 свои студенти, асистенти и одреден број административни кадри. На вториот повик аплицираа уште 14 универзитети.“

Промовирање на европскиот идентитет

Потцртувајќи дека вклученоста на студентите од Македонија е конкретизирање на придонесот кој и‘ го дава Европската комисија на нејзиниот евроинтеграциски пат, Нелковски дополнува: „Програмата ’Еразмус’ може да има огромен придонес кон промовирањето на европскиот идентитет. Таа го прави тоа на повеќе начини, но најмногу преку уривање на социјалните и културните бариери меѓу Европејците. Преку ’Еразмус’ студентите можат да ја увидат социјалната, културната и политичката реалност на земјите-членки на ЕУ, што ќе придонесе и кон остварување на зацртаните евроинтегративни цели на Република Македонија.“

Universität von Tetovo, Mazedonien
Државниот универзитет во ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Ректорот на Државниот универзитет во Тетово Агрон Река истакна дека програмата „Еразмус“ за оваа високошколска институција ќе значи... „... можност во претстојниот период да формираме наставен кадар со европско искуство, што ќе претставува помош и за евроинтеграциските процеси на Македонија.“

„Ќе ги донесеме европските идеи и проекти и во Македонија“

Првите два студента - Бенџамин Реџепи и Санела Бошкова веќе отпатуваа за универзитетот во шпанскиот град Мурсија, кадешто ќе студираат еден семестар. Еве што изјави за Дојче веле, Реџепи пред да замине: „Ова за нас е голем ден, бидејќи програмата ’Еразмус’ започна да се применува за првпат и во Македонија. Тетовскиот универзитет прв се вклучува во неа и тоа е гордост за нас, неговите студенти. Ние ќе бидеме првите, кои заминуваме на некој од европските универзитети. Ќе се потрудиме европските идеи и проекти да ги донесеме и овде, во Македонија. “.

Санела Бошкова, пак, истакна: „Ова е навистина голем чекор за Македонија, за нашиот универзитет и за нас, студентите. Ова со образованиево е токму чекор во таа насока. Ќе видат дека и ние можеме да направиме нешто, и ние да дадеме наш придонес.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска