1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со заглавеност во минатото се губи иднината

Костадин Делимитов13 јуни 2012

Конзистентната политика на евроатланстки вредности, необременета со минатото, е клучот за добрососедските односи. Дел од експертите сметаат дека македонските политичари не согледуваат со што ги вознемируваат соседите.

https://p.dw.com/p/15D3b

Бојкотот на инаугурацијата на српскиот претседател Томислав Николиќ и реакциите на Софија дека Македонија употребува говор на омраза и филмски обработува историски лажна позиција на Бугарија во Втората светска војна, според експертите покажува дека регионот се’ уште е заглавен во минатото. Вината за ваквите односи ја носи и Македонија.

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister
Денко Малески забележува за политиката на конфронтација со грчкиот национализамФотографија: privat

„Во некои ситуации, како што е Грција, избравме конфронтација на грчки национализам со македонски национализам, што според мене не е многу умна тактика. Заглавивме сега во еден идентитетски спор врзан за минатото и на тој начин ја губиме секојдневно иднината. Тоа се некои работи коишто ние не сме во состојба да ги согледаме колку се тие некорисни за перспективата на Македонија“, изјави за Дојче веле универзитетскиот професор Денко Малески. Ваквата политика според него се рефлектира и во односите со Бугарија.

Проблем прават двете страни

„На двете страни има што да се каже, ние постоиме ние сме тука, ние очекуваме да бидеме третирани со респект како народ, меѓутоа ние исто така знаеме да бегаме од некои објективни историски вистини со коишто политиката одбива да се соочи, прво таа самата, а потоа и народот“, забележува Малески и додава:

„Да речеме околу минатото, околу историското минато, еден дел од заедничкото историско минато со Бугарите, и од сето тоа правиме и ние проблем. Мислам дека иднината ќе биде во таа насока, онака како што Македонија ќе се стабилизира и регионот, ќе добиеме сигурност за нашето постоење дека ќе бидеме малку пофлексибилни во однос на толкувањето на историјата кон Бугарија доближувајќи ја до објективната историска вистина. Еден процес кој нема да биде лесен ниту за Македонија, ниту за Бугарија, затоа што она што е финале е дека таа објективна историска вистина зборува во прилог на постоење на македонски народ, македонска нација, македонска држава“.

Македонија не учи од југословенските војни

Во однос на Србија, клучниот проблем според него е што Македонија не води доследна политика на учење од искуството во минатите југословенски војни.

Symbolbild Mazedonien Karte
Универзитетскиот професор Денко Малески смета дека на двете страни има одговорност во односите Бугарија - МакедонијаФотографија: Fotolia/Bastos

„Ние сме многу амбивалентни како политика кога станува збор за работата на судот во Хаг за воени злосторства сторени на териториите на поранешна Југославија, така што кога ќе дојде момент јавното мнение да процени дали изјавата на српскиот претседател е добра или лоша, некако немаме нормална реакција дека е лошо тоа што тој го зборува, па потоа државната политика исто така да реагира. Сега излегува дека Хрватска знае зошто не оди на инаугурацијата, Босна знае, а ние баш и не знаеме точно зошто не одиме“, забележува Малески.

За вистински да може да се вреднува поведението на политичарите според Малески потребна е поголема конзистентност на државната политика во прилог на евроатлантските вредности, човековите права, осуда на војните и направениот геноцид.