1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со курс по јазик, не се станува книжевен преведувач

3 септември 2011

Квалитетот на литературниот превод беше во фокусот на расправата на учесниците на традиционалниот собир на книжевните преведувачи што годинава се оддржа во Лешок и во Скопје. Тие стравуваат за својот углед.

https://p.dw.com/p/12RVU
Учесниците на собирот на книжевни преведувачи во ЛешокФотографија: Sveto Toevski

Многу импровизации, зачудувачки пропусти, огромен број грешки во однос на нормативите на македонскиот книжевен јазик – ова е само мал дел од многубројните критички констатации, содржани во обемната анализа на квалитетот на македонскиот превод на едицијата на дела на стотина добитници на Нобелова  награда за книжевност од целиот свет, за што стана збор на првиот ден на 40 – тата Меѓународна средба на книжевните преведувачи  во манастирот „Свети Атанасиј“ во тетовското село Лешок со учество на повеќе од 50 преведувачи од странство и Македонија.

Стефан Симоски, претседател на Сојузот на книжевните преведувачи на Македонија, истакнува:

„ Околу 50 отсто од она што е изанализирано меѓу тие преводи се покажа дека не е со соодветен квалитет, односно, не ги задоволува стандардите. Потфрлија и лекторите и преведувачите. Најголеми се потфрлањата во преводите на француски и шпански јазик. За пропустите е најодговорна редакцијата на проектот, затоа што таа ги избрала преведувачите и лекторите. За лекторските пропусти е виновна комисијата, која им дала сертификат на одделни лектори, кои се наведени како лектори на книги, но во кои има огромен број јазични грешки.“

Mazedonien Literatur Übersetzer
Стефан Симоски, претседател на Сојузот на книжевни преведувачи на МакедонијаФотографија: Sveto Toevski

„Преведувачи кои не го познаваат ниту својот мајчин јазик ...“

Магистер Даринка Веселинова, како дел од аналитичкиот тим, истакнува:

„ Голем е бројот на лицата што се нарекуваат себеси преведувачи, но тие се всушност кореспонденти на странски јазик, наставници, или лица, кои тврдат дека го знаат односниот странски јазик, затоа што престојувале во земјата каде се зборува тој јазик. Таквите лица посетувале всушност јазични курсеви, или немаат какво било образование  и компетенции во преведувањето, без да го познаваат сосема добро и својот мајчин јазик. Тие го уриваат угледот на стручните и подготвени преведувачи.“

Мехмед Кансу, од Турската република Северен Кипар, смета:

„Книжевните преведувачи имаат задача не само да преведуваат, туку и да се обидуваат да придонесат кон мешањето на западната со источната култура во една глобална, современа култура на човештвото, да придонесат кон приопштувањето на цивилизациските принципи и вредности на делата на нобеловците кон односната национална литература, на чиј јазик се преведуваат нивните дела.“

Магистер Марија Тодорова на оваа средба на книжевните преведувачи, која анализираше 27 дела на нобеловци на англиски јазик, посочи дека „издавачките куќи во Македонија го гледаат само својот комерцијален интерес, насочувајќи се се‘ почесто кон преобјавување на стари преводи“, но и тоа лошо направено.

Mazedonien Literatur Übersetzer
Мехмед Кансу, преведувач на македонската литература од Северен КипарФотографија: Sveto Toevski

Рециклирање на стари преводи – заради помали трошоци

Таа притоа дополни:

„Една од стратегиите, кои преовладуваат кај издавачите во Македонија, е репродукцијата и рециклирањето на истите преводи. Оваа стратегија би била карактеристика на едно ’фабричко’ преведување, с‘е со цел да се намалат трошоците.“

Олга Панкина, веќе истакнат македонист од Русија, со се‘ поголем број преведени значајни дела од македонската литература на руски јазик во нејзината земја, укажува дека е потребен при преводот поинаков начин за афирмирање на македонскиот јазик:

„ Многу е важно едно врвно дело да биде преведено добро и соодветно. Преведувачот нема право да преведе лошо. Правото на преведувачот е можеби понекогаш и да го подобри делото на самиот автор. Но, но не може тоа дело да биде претставено полошо, тоа никако! “

Преведувачот и критичар Ефтим Клетников, како член на редакцијата што ќе биде одговорна за уште еден голем потфат на Министерството за култура – „Ѕвезди на светската книжевност“ – македонски превод на 500 дела од разни автори и од разни епохи, заклучува:

„Се надевам дека ќе искористиме некои поуки од овие промашувања. Тука и редакциите на таквите преводи треба да бидат поригорозни кон нив.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска